ЕДНАШ МЕСЕЧНО ВО САНДАЧЕ НИ ПРИСТИГA „ПИСМО ОД ДИЈАСПОРАТА“. ЦЕЛТА НА ОВАА РУБРИКА Е ДА СЕ ЗАПОЗНАЕМЕ СО МЛАДИТЕ АВТОРИ И СТУДЕНТИ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ КОИ РАБОТАТ ОДНОСНО СТУДИРААТ НАДВОР ОД ДОМАШНAТА АДРЕСА.
НАТАЛИЈА ГУЧЕВА // ВИЗУЕЛЕН АРТИСТ // СТУДЕНТ: University of the Arts Utrecht (HKU) // УТРЕХТ, ХОЛАНДИЈА.
Драга Скала,
Долгоочекуваното сонце пристигна во Холандија, а со него и многу настани и случувања коишто го направија почетокот на месецот јуни уште повесел.
Оваа сабота, се упатив кон галеријата AG во Утрехт, којашто е во состав на мојот универзитет HKU, каде што 22 студенти од Одделот за графички дизајн дадоа свое мислење на темата слобода. Со наслов „Speelveld”, што значи ‘поле за играње’, можевме да согледаме една динамична поставка со голем опус на предмети, почнувајќи од самоцензура, ситуацијата на недокументираните, вредноста на играта и тажната судбина на гулабот на мирот.
“Speelveld” во АG Ruimte voor nieuwe kunst en media, Утрехт
Потоа, решив да тргнам до блиската продавница за облека од втора рака „Kilo Kilo“, каде што исто така е формиран изложбен салон за дизајнери и уметници коишто се занимаваат со темите одржливост во рамки на продукција, рециклирање и вредноста на реупотреба на материјали. Многу студенти кои се дел или алумни од Одделот за моден дизајн на HKU, исто така се најдоа во рамките на оваа поставка и дадоа свое критично мислење кон потребата за минимализирање на таканаречената „брза мода“ и потребата од рециклирање на употребени материјали.
Велмуд Јонкер со поставката “Re-collection” во рамките на De Kilotheek, Утрехт
Секој вторник и среда, сум практикант во галеријата „Patty Morgan“ лоцирана во северен Амстердам, каде што во тимот се приклучувам како илустратор и во моментот работам на создавање на нов визуелен идентитет на компанијата. „Patty Morgan“ e галерија којашто е воглавно базирана онлајн, но е исто така и ликовна платформа со многу можности каде што голем број на уметници можат да го покажат својот талент. Покрај продажбата на ликовни дела, редовно може и да проследиме изложби и нови содржини, како оваа на Назиф Лопулиса или Насбами насловена „Combo Combo Show”.
Елине фан Воркум и Софи Борст во склоп на “Combo Combo Show” во галеријата на Patty Morgan, Амстердам
За крај, би сакала да дадам топла препорака за добро четиво со наслов „Plan and Play, Play and Plan: Defining Your Art Practice” од авторот Јанвилем Шрофер. Потребно за сите кои работат во креативниот сектор, ‘Plan and Play, Play and Plan’ го повикува уметникот да постигне размислувања, честопати засновани на аналитички модели, коишто ќе помогнат да се утврди неговата позиција. Книгата не дава рецепти или едноставни решенија, но истражува во самото јадро на професијата уметник и го поканува читателот да истражи одржлива уметничка пракса.
“Plan and Play, Plat and Plan: Defining Your Art Practice” од авторот Јанвилем Шрофер
До следна средба,
Со љубов од Утрехт,
Наталија Гучева.