• Немате производи во кошничката.

ПИСМО ОД ДИЈАСПОРАТА: САРА СТОЈЧЕВСКА // ЛОНДОН


САРА СТОЈЧЕВСКА // МОДЕН СТИЛИСТ И ДИЗАЈНЕР // МАСТЕР СТУДЕНТ НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА УМЕТНОСТ – СМЕР: ПСИХОЛОГИЈА ВО МОДА // ЛОНДОН, АНГЛИЈА


Драга Скала,


Ви пишувам од Пимлико, населба во Лондон, блиску до реката Темза. Можам да потврдам дека времето тука е дефинитивно „лудичко“. Првата недела од месецот, имавме ураган од којшто летаа канти. Втората недела малку врнежливо, но третата недела ми беше најтешко затоа што беше сончево и топло, а јас имав премногу идеи за што да правам. Сончевото време во Лондон не смее да се пропушти и затоа ќе споделам со вас повеќе за мојот викенд со екскурзии. Накратко, мојата авантура е крстосница помеѓу уметност, мода и психологија, со примеси на одржливи методи и концепти. Се надевам дека ќе ви се допадне!


Како љубопитен креативец, Лондон е еден од главните метрополи каде што може да се види уметност од различни уметнички епохи коишто се монументални. Затоа, прва станица ми беше „Тејт Модерн Музејот“, каде што има голем број на модерни уметности коишто се карактеристични за развојот и почетоците на различни уметнички движења. Можете да видите дела од концептуална уметност, како на пример Марсел Душамп и неговата позната „Фонтана“ (1917). Ќе видите и кубизам со Мондријан и неговата позната композиција „Ц – Црвено, сино и жолто“ (1935), како и Пабло Пикасо со „Гола жена во црвена фотелја“ (1932). Потоа, има и дела од апстрактен експресионизам каде што мојот омилен артист е Џексон Полок. Делото коешто ми остави најголем впечаток се вика „Раѓање“ (1941), каде што Полок навлага во митски теми изразени преку контрастни форми откако му била направена психолошка анализа по методата на Карл Јунг. Можете да видите како Полок насликува лица со различни моменти на надежи, страсти и стравови.




Следно место за посетување беше улицата Карнаби. Ова е преубава улица на којашто има многу продавнички за шопинг, кафулиња, има и многу интересна галерија којашто се вика Софи Ти Арт (Sophie Tea Art). Девојка од Сиднеј, Австралија, која започнала правејќи уметнички дела инспирирани од поп-култура на инстаграм, сега има приватно место каде што  ги изложува и прави виртуелни тури низ нејзините соби со различни теми. Некои од нејзините фокуси се отстранување на стигмата за формата на различни тела, претежно кај жените, секс-културата кај младите и опсесијата со самите себе и нашиот физички изглед. Нејзините дела на сатиричен начин ја опишуваат нашата култура.








По оваа екскурзија, се упативме кон Гуд Ег или, по наше, Добро јајце, исто така во Карнаби, за мал бранч. Кој сака да оди во Лондон, би препорачала да помине до ова место, нема да бидете разочарани од комбинациите на различни вкусови измешани во едно јадење. Дефинитивно, медитеранска екскурзија за вашиот јазик.






На излезот од Карнаби, поминавме и до Куќата Левис, каде што се наоѓа студио коешто помага во реставрирање на било каква Левис-облека, претежно тексас. Нивните дизајнери, заедно со вас, ви помагаат да одберете дали сакате класична реставрација или нешто поавантуристично, со персонализирани детали. Додека чекате, можете да разгледате и нешто повеќе за историјата на Левис и нивниот етос којшто значи – Ливе ин Левис, односно Живеј во Левис, перфектно се совпаѓа со одржливата култура и реставрација на облека.







Како последна станица, морав да одам дома и да се дотерам. Ми беше чест да присуствувам на „Модната недела“ во Лондон, каде што нашата драга Теодора Митровска ја презентираше нејзината колекција Mind Your Mind. Оваа колекција не само што рефлектира на деновите поминати во карантин, туку на игрив начин е презентиран и некој вид на емоционален селф-каре заедно со сите модни додатоци и реквизити прикажани во презентацијата. Од маска за лице, до автомобил на батерии и материјали коишто изнудуваат комфор и топлина, сите карактеристики на удобни и топли емоции во тежок период.














Во едно урнебесно писмо, се обидов да опфатам како изгледа сончев викенд во Лондон. Се надевам дека ви се допадна!

До следна средба,

Поздрав од Лондонче,
Сара С.


Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ