• Немате производи во кошничката.

БОШ ФЕСТИВАЛ – РАЗМЕНА НА КРЕАТИВНИ ИСКУСТВА


Разговор со Марија Стојанова [организаторка на БОШ фестивал]

Разговара: Дејан Џолев.


ПРЕД ВОВЕД


Еден спомен од БОШ. Нас учесниците најчесто нè сместуваа во некој локален хотел, а понекогаш во зависност и од спонзорствата, во изнајмени куќи. Тоа лето цимери во соседната соба ми беа Д ЏОН : ) но сепак јас имав нешто да споделам до дел од организацијата и му се јавив на Миле Ничевски.

ЏОЛЕВ: Ало Мики, во многу топла куќа сум сместен.
НИЧЕВСКИ: О даа, ти си сместен во многу домаќинска куќа, баш така: топла, домаќинска…
ЏОЛЕВ: Мики, надвор е август, Гевгелија, ТОПЛО Е! НЕМА КЛИМА! 

: )


ВОВЕД


БОШ ФЕСТИВАЛ – е мултимедијална платформа, низ којашто се слави креативниот израз во урбан контекст. Или поинаку кажано, БОШ е обид за естетизирана артикулација и осмислување на т.н. ‘додадена вредност’ на урбаната култура“, барем така пишува на нивните официјални платформи за комуникација. Но, јас би го поедноставил, БОШ е фестивал за современа уметност кој секој мора да го посети неколку пати, БОШ е фестивал каде што публиката и авторите заемно разменуваат искуства, размисли, емоции, во еден непосреден, социјален контекст. БОШ е фестивал на којшто ќе запознаеш нови твои идни соработници и другари, но и градски креативци и легенди [како Миле Ничевски на пример]. 


Јас БОШ го запознав во 2011 година. Не знам како [ќе ја прашам Марија подоцна], на фестивалот имав неколку улоги: гостин, неофицијален фотограф и официјален учесник во програма, автор со четири едноминутни филмови. Таа година бев толку воодушевен од фестивалот, што БОШ беше на мојата задолжителна летна агенда во наредните години. И навистина се радувам што БОШ сè уште стои цврсто на сцената и сигурен сум дека организаторите не се ни свесни за придонесот во културата не само во Гевгелија, туку генерално во „нашата земја“. 


СОДРЖИНА


ЏОЛЕВ: Марија, што е тоа што сè уште ве одржува како фестивал? Изминатите години бевте соочени со секакви продукциски предизвици, од каде енергијата, инатот за БОШ да живее така долго и квалитетно?
СТОЈАНОВА: Веројатно желбата и посветеноста е тоа што го држи БОШ и после 12 години, покрај сите предизвици сè уште да опстојува на македонската сцена. Енергија ни дава нашиот нескротлив дух и јужњачкиот темперамент, нашата борбеност и жилавост, а и желбата и љубовта кон уметноста. 


ЏОЛЕВ: Од моите спомени навистина ми е драга социјалната страна на фестивалот, дружба помеѓу авторите и публиката на БОШ. Од отворените концерти, културни случувања на алтернативни локации во градот, па сè до дневните дружби на Сифулајските острови. Колку општествената стварност денес ќе наштети на социјалната дружба на фестивалот, размената на информации, па и емоции едни помеѓу други? Што сè е подготвено во однос на превенција, но и како го надминувате предизвикот кон задржување на комуникацијата и блискоста помеѓу авторите и публиката?
СТОЈАНОВА: Денес сме соочени со нова нормалност, секако ќе носиме маски, тоа нема да наштети на социјалната дружба на фестивалот. Ќе бидеме скратени од некои задоволства, но меѓутоа што е, тука е…  Мерките беспрекорно мора да се почитуваат, ако сакаме и во иднина да имаме вакви настани, а тоа е битно е и за организација и за публика. За организација е битно да може и понатаму да си ги работи настаните, а за публика и во време на ваква пандемија да може да посети нешто културно и да се социјализира. Си постои протокол за организација на настани за заштита од ковид­19, ќе го следиме протоколот и секој што нема да го почитува ќе биде отстранет од настанот. Програмата е прилагодена да биде во склад со новонастанатата ситуација, затоа блискоста помеѓу авторите и публиката ќе ја воспоставиме преку убав збор, концерт на дистанца, посета на изложба со дезинфицирани раце, поздрав со два прста и насмевки под маските. Во сабота фестивалот ќе биде пренесуван и он­лајн, така што, сите што нема да можат да присуствуваат ќе можат да го проследат од дома.


Оваа година фестивалската програма е поделена во два дена, закажана за 4 и 5 септември. 


________
________

ПЕТОК, 4.9.2020

ЛОКАЦИЈА: НАРОДЕН ТЕАТАР 

20:00 // ИЗВОРНО-МУЗИЧКИ ПЕРФОРМАНС / Серафина & Ангела (live)
20:30 // САМОСТОЈНИ ИЗЛОЖБИ / „Home Sweet Home – 20“  - Ангел Миов / „Pulmorary Nodule“ - Иван Ивановски
22:00 // ИНСТАЛАЦИЈА / „Смрт за кралицата“ - Anat Stefen и Factory Girl
22:30 // МУЛТИМЕДИЈАЛЕН КНИЖЕВЕН ПЕРФОРМАНС / ГРУПНА ИЗЛОЖБА И МИНИ КОНЦЕРТ / „План Б за планетата Х или план Х за планетата А“ - СловоКулт :: литерАРТура:: Биенале на современи уметности.

// Мултимедијален книжевен перформанс (текст/слика/звук) – Владимир Лукаш, Марија Грубор, Јовица Ивановски, Мануела Златкова, Јосип Коцев, Александар Кирковски, Елизабета Линднер Костадиновска (Ск/Бе), Гундула Шифер (Ге), Звонко Карановиќ (Срб), Танос Гогос (Гр) и Марија Дејановиќ (Хр).
// Групна изложба – дела на уметниците Дорит Требелјар, Антон Шварцбах (Ге) и Ајке Леуен  (Фр) и македоснките колеги Елизабета Линднер Костадиновска (Ск/Бе), Ирена Паскали (Ск/Келн), Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Иван Ивановски, Нина Гештаковска Цветковска, Велимир Жерновски и Марко Вујисиќ.
// Видео презентација на германсиот поет Краус::Crauss и уредниците на берлинското авангардно списание за цртеж и текст Пролог :: Prolog, Дорит Требелјар и Антон Шварцбах.
// Звук за настанот и завршен концерт – Тони Димитров.


________
________


Навистина не се сеќавам како дојдов првпат на БОШ, не се сеќавам кој ме покани да учествувам, не се сеќавам како ја запознав Марија, но секако ќе ја прашам подоцна. Но, се сеќавам на првото пладне на БОШ или подобро пладнето пред вечерното отварање на фестивалот. Се сеќавам дека бев во канцеларијата на директорот на Домот на култура во Гевгелија, во неговата канцеларија слушавме Tuxedomoon и пиевме мраз ладна вишновача [беше топол август], тоа беше градската легенда и директорот на домот, Миле Ничевски. 


ЏОЛЕВ: Првото издание на БОШ ФЕСТИВАЛ се случи во 2009 година, а во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски, истиот е посвета од неколку блиски пријатели, но како денес БОШ се одржува, кој е првиот БОШ тим?
СТОЈАНОВА: Многу е тешко да се создаде тим, права екипа којашто беспрекорно ќе функционира, којашто ќе се пронајде во сето ова и ќе го доживува БОШ како самиот да го создал, иако не бил тука од самиот почеток. Организацијата на БОШ е воглавно женска, јас и Билјана Димитрова ги бркаме главните работи, а од лани ни се приклучија две млади полни со живот девојчиња, тоа се: Илијана Такашманова и Радмила Гошевска. Има БОШ многу пријатели кои се дел од организација и помагаат да се случи фестивалот, тоа се: Милош, Миле, Иван, Борјан, Стево, Ѓорѓи, и пар други. Зад организацијата на БОШ стои Здружението Арт Еквилибриум, здружение коешто се занимава со продукција и издаваштво и соработува со разни колективи во областа на музиката, графиката и литературата.


ЏОЛЕВ: Лично на БОШ сум сведочел на моите омилени бендови, моите омилени поети и поетеси, ликовни артисти, тука сум запознал многу мои идни соработници, пријатели… 
СТОЈАНОВА: Досега на БОШ се случиле над 100­тина музички настапи, околу 80 изложби, безброј перформанси, проекции, работилници, претстави… Исто така, како продукт на БОШ излезе една компилација којашто беше лансирана лани пред единаесетото издание на БОШ, како заокружување на една БОШ декада. На компилацијата се најдоа 10 нумери, од изведувачи кои настапиле на БОШ и тоа од: Грција, Србија, Италија, Бугарија и Македонија. Во план е да излезе плоча, а секоја наредна декада да се заокружува со ваква компилација.


________
________

САБОТА, 5.9.2020

ЛОКАЦИЈА: РАКОМЕТНО ИГРАЛИШТЕ [јужен ѕид на ракометното игралиште во Гевгелија]

20:00 // ПРОМОЦИЈА НА МУРАЛ / „Човек–природа-цивилизација “, диптих- Вангел Срнаков
20:00 // РЕГИОНАЛЕН САЕМ НА НЕЗАВИСНО ИЗДАВАШТВО / ФИЈУК Македонија / Саем на мали и самостојни издавачи и излагачи кој е инициран 2017-та година во Белград. 
20:30 // САМОСТОЈНИ ИЗЛОЖБИ / „Ф.А.К.“  Фешн Афтер Корона – Јован Јосифовски / „Во(н) себе“  – Емилија Мишева (Ем Елефантски) / „Битисување во форма“ – Илијана Такашманова
22:00 // МУЗИЧКИ КОНЦЕРТИ / ИСКРА (LIVE) / FILCH (LIVE) / ИШЏАН ТВИН – DJ СЕТ / ВИДЕО ПОДГОРЕЦ – VJ СЕТ


________
________


Последен пат кога бев во Гевгелија, секако дека тоа беше на БОШ. Искористив едно пладне да посетам мој драг пријател во неговото ателје. Имавме план, јас него да го фотографирам, а тој мене да ме наслика на платно. Така и беше. Тоа беше кај градската легенда, директорот на Домот на култура и мој драг професор на неколку клучни предмети од моето образование, Миле Ничевски. 


ЏОЛЕВ: Многу важно прашање за младите автори! Кои се критериумите за учество? Како се прави селекцијата… Како младите автори може да дојдат до вас и да ги претстават нивните најнови проекти?  
СТОЈАНОВА: Секој автор кој е квалитетен и има потенцијал може да биде дел од БОШ, без разлика дали се работи за веќе етаблирано уметничко име на сцената или млад и недоволно афирмиран автор. Обично младите сами се обраќаат до нас и бидејќи БОШ сака да афирмира и млади автори, секогаш се добредојдени, со тоа што треба да го поминат тестот кај комисијата која селектира, во која сме вклучени јас и Билјана.


ЏОЛЕВ: Што сметаш дека ѝ е итно потребно на Гевгелија од културен аспект? 
СТОЈАНОВА: Повеќе урбани настани и настани коишто би произлегле од соработка со соседна Грција, размена на артисти, искуства, баш поради прекрасната местоположбата на која се наоѓа самиот град.


ЕПИЛОГ


И секако „најважното“ прашање за крај : ) 

_____

_____


Се дружиме овој викенд на БОШ. Да се дружиме и годините пред нас.


______
Дир. на фотографија: Дејан Џолев;
Фотографија и постпродукција на фото.: Антонио Станков;
Aсс. на фотографија: Мартина Салова Чешновар;
Тема на фотографија: Реконтекстуализација на официјален постер БОШ 12.

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ