3.71k
Ако сега напишам „слободствување“ дали тоа ќе биде означено како неточно само затоа што од именка правиме глагол што притоа не е впишан како збор ?
Пишува: Ангела Бошкоска
Тогаш, кој ја одредува слободата на изразување? Се движам кон добро познатата галeрија што ги собира делата на уметниците чија уметност не припаѓа на Инстаграм, одам на „Слобода“ - шестата Скала изложба. Надвор е мокро, свежо и дождливо. Дождот се обидува да продре до минувачите на било каков начин, како да сака да каже еве сум, постојам,ве допирам. Кому му пречи тоа? Сигурно не на човекот што ја премина улицата со апостолки не грижејќи се дали ќе му се наводенат нозете. Или можеби мене кога еден автомобил за прв пат во животот ми „фрли’“ огромен бран што ме потопи зад грб и следниот момент бев целосно водена.
Почувствував како да ми рече: ајде побрзај, веќе доцниш а тие те чекаат да ги видиш. И ме придвижи напред, стигнав пред Паблик Рум гледајќи во различни луѓе, некои познати, некои не, сите собрани на исто место со различна причина. Се качувам по скалите, влегувам и веќе целосно заборавив на мислата дека штом ќе влезам ќе земам пијачка, па си реков може да почне.
Внатре имаше луѓе сосема доволно за галеријата да не изгледа осамено со своите дела. Луѓето разговараат, а мене окото ми го привлече големото платно на Лусиана Ампева поставено веднаш на десниот ѕид. На него насликани шестмина или барем колку што јас можам да ги избројам, шестмина лица што разговараат, се објаснуваат или поточно еден објаснува, другите слушаат. Лицето поставено во горниот десен агол на делото има обоени заби во впечатлива сина нијанса на начин којшто те вознемирува, како да чувствуваш дека не може да се изрази, да зборува, нешто го запира цело време. Си мислиш најмалку еден во десет луѓе секојдневно се чувствува така, му се одзема слободата и си велиш дали авторката сака двосмислено да ни каже колку за еден човек слободата е достапна, а за тој до него забранета, а сепак зборуваме за единственото дело што претставува колективна слобода.
Навистина, другите дела и идеите што ги презентираат уметниците, те внесуваат во мисли што врескаат колку ни е потребно ослободувањето сами од себе. Зарем сега сме општеството што дури и кон слободата гледа субјективно од аспект на лично поседување? Колку е некој слободен кога сѐ што размислува е за момент да се ослободи самиот од себе, а не да се ослободи самиот себе?
Еквивалент на прашањето е „Siren“ од Методија Јованов. Девојката-сирена што излегува од својот костим со рибини крлушки и се чини како конечно да се ослободува, но сепак не сосема целосно. Скапите обетки стежнати на увото и шминката не може да ги отстрани бидејќи истовремено тие ѝ даваат до знаење дека се додека се обидува да се ослободи од себе, а не самата себе, таа никогаш нема да биде вистински слободна.
Сепак имам впечаток како таа да не сака целосно да се ослободи, или не сака вистински. Можеби црната позадина значи дека таа е во одредена состојба, можеби хибернација или хипноза или едноставно си замислува како ќе биде кога ќе се ослободи. Зошто се почесто се обидуваме да се ослободиме, наместо само да го направиме тоа? Кревкоста во нас направи денес слободата да е потешкиот избор и сѐ со што истата може да се маскира да е полесен и попривлечен начин. Чуден е феноменот на човечката наклонетост кон стравот наместо борбата со него, ни се чини полесно да го гушнеме наместо да го ослободиме и него и себе. Можеби Мариго Исеини преку својот видео проект „Censure or not censure“ сакаше токму на тоа да нѐ потсети. Девојката во центарот седната долу со превиткани колена воздивнува. Се ослободува, дише. Ја дише пареата од товарот што ѝ се натопорувал на рамениците веќе одредено време. Ја вдишува и со секое издишување ѝ вели ‘благодарам за сѐ што ме научи, ама оди си сега, доста е, можам и сама’. Околу неа поставени огледала вертикално. Нивниот одраз е единствената чистина кога за момент воздишките од товарот на девојката замаглуваат сѐ наоколу. Во нив се гледаат набљудувачите од страна што ја следат двојката за време на целиот процес. Тие се потсетници дека има такви што ги судат храбрите „ослободувачи“ и такви што им се восхитуваат, тие се потсетници дека никогаш не сме сами, а сепак сами треба да направиме сè.
Сами треба да се ослободиме, си го должиме тоа.
Се движам околу другите дела, ги фотографирам ама си дозвлувам и една фотка од герберите и миризливата свеќа на масичката од левата страна. Ми приоѓа диџејот што цело време со тивок техно сет ја дополнува просторијата и ми вели; „Од сите дела тука, ти нив ги сликаш?“, ми вели навидум зачудено, а јас возвраќам: „Па нели денес сме на слобода, може да сме слободни и во тоа што одбираме да фотографираме“, а потоа го прашувам како си поминува и дали мисли дека времето ги спречи луѓето да ја посетат изложбата. „Јас мислам дека овие луѓе што се овде се вистинските и други не треба да има. Не требало, затоа не дошле. Тука се тие што се слободни, тука сме јас ти и тие Тие што не се чувствуваат слободно, не мора да дојдат, без разлика на условите. Ајде за миг замисли го местово како дворец на кој вечерва има бал, но доаѓаат само одбраните. Тие разговараат, гледаат уметнички дела, ги анализираат, а во поздаина музичари подсвирнуваат нешто. Е, само во случајов наместо класична, слушаме техно музика правена од 1990 до 1995 година, кога тие што ја правеле не знаеле како, ни зошто ни што ни како ќе звучи, само ваделе нешто од нив и го оставиле за нас“.
Останав уште малку, се прошетав уште неколку пати, размислував за слободата на уметниците чии дела бев да ги видам. Слобода во линии, бои, кадри, сенки, форми. Тие прават своевидно гледиште за слободата, а јас размислувам од каде им е инспирацијата. Уште еднаш ми се разгорува пламенот да посегнам по неа, да ѝ поверувам и таа да ме однесе таму каде што сакам, а верувам и вие сакате да ви се случи тоа. Со умување за слободата, нашата мечта станува утопија, а тешка е нејзината примена во дистописко општество. Нека нѐ поведе слободната мисла, така полесно ќе ни е да слободствуваме. ;)
★
P.S. Затоа што вашата уметност припаѓа во галерија, а не на инстаграм!
★
Овој проект е поддржан од Young Cities. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на авторите, и не ги одразуваат оние на Демокраси Лаб.