• Немате производи во кошничката.

ИНСПИРАЦИЈА / ИДЕЈА / ИНТЕРПРЕТАЦИЈА


Кога создаваме, креираме, оживуваме некоја нова инспирација – колекција, ја претвораме истата во безброј идеи, цртежи, имагинарни ситуации и приказни, но секогаш на крај се јавува, се случува момент каде што завршува процесот на нејзиното создавање и инспирацијата се претвора во завршено парче. 
Парче подготвено да ги задоволи сите можни сетила и подготвено да биде нечие. 

Но, што се случува во процесот од инспирација до финален продукт?

Дали самиот тој процес е дел од вредноста на самиот продукт или е веќе утврдена и испробана траекторија којашто ние дизајнерите ја поминуваме како веќе утврден и потврден шаблон работејќи несвесно на финалната цел – создавање нова колекција? 

Викаат дека црпењето инспирација е исто како и вдишување воздух. 
Сите сетила оживуваат, клетките се регенерираат и како производ на сето тоа произведуваат слики, текстови, мисли, креации коишто треба да се испроцесираат, преведат и пласираат.

Но, дали процесот на „издишување на воздухот” е секогаш свесен и плански или е производ на уникатна интерпретација од која дизајнерот не може да избега. 
Не може затоа што самата инспирација е длабоко вкоренета и врежана во неговата ДНА, преку култура, воспитување, начин на живеење, лични вредности. 



Еве, да почнеме од Пјерпаоло Пичиоли, креативниот директор на Валентино. 
Сите досегашни колекции на Пичиоли за Валентино се резултат од неговото 50 годишно вдишување” на римскиот воздух и секојдневни, навидум мали долче вита ритуали и величествени италијански клишеа. 
Спонтаната убавина на Рим, неговата митско – реалистична култура од паганството до христијанството е најголемиот извор на инспирација на Пичиоли.

Кога Марчело Мастројани би правел филмови во денешницата, Пичиоли би бил совршен костимограф и интерпретатор на неговата филмска имагинација, во која главната протагонистка би била облечена во едноставен црн фустан, со шапка од пердуви од ној (дизајнирана од Филип Трејси за Valentino Haute Couture 2018) и црни Rockstud чевли, инспирирани од хардверот на римските палацо врати. 

Би сакала за момент да можам да го искусам тој простор помеѓу неговата имагинација и реалност каде што ги оживува неговите колекции и создава вонвременски, нереални и вонземски убавини. 

Дали секогаш успехот на еден дизајнер е креација од среќни околности, одредено минато и понекогаш несвесно влијание од секојдневието околу нас?
Што ако е резултат на сопствената упорност, отфрлање на секојдневието, револт, мистериозност и неисцрплива потреба за потрага по нови работи?!
Резултат на енергија којашто доаѓа од емоционална слобода. 

Пример за тоа ми е Реи Кавакубо – основачот на јапонскиот бренд Comme des Garsons. Мастермајнд, енигма и на моменти толку неразбрана што токму тоа ја прави да биде толку инспиративна и една од најбитните и најрелевантните бунтовнички дизајнери на денешницата.

Нејзините дизајнерски интерпретации секогаш се насочени кон преобликување на телото, наместо кон континуирано идеализирање на идеалната фигура на жената.
Ако Пичиоли го преточува римскиот сон во неговите колекции за Валентино, Кавакубо воопшто не е заинтересирана за реинтерпретирање на Јапонија во нејзините дизајни.
За неа начинот на којшто еден дизајнер живее и начинот на којшто добива енергија и инспирација се две различни нешта и немаат никаква врска една со друга. 



Не сака да се инспирира од минатото, од историјата..
Не сака да собира книги, уметнички дела, слики.. 
Не сака да слуша музика. 
Не сака да чита списанија.
Не сака да сонува.
Не сака да патува.
Не сака да оди во музеи и галерии. 

И покрај сите овие реченици кои започнуваат со НЕ, таа успева да покаже едно толку силно ДА на уникатноста, посебноста и посветеноста на креативната интерпретација којашто живее само во неа.

Да за емоциите. 
Да за страдањето. 
Да за неразбраноста.
Да за неочекуваното. 
Да за спротивното. 
Да за постојаната потреба по нешто ново. 
Да за Реи како „мајка” на неразбраните, бунтовнички дизајнери. 

Мартин Марџела (за мене еден од најгенијалните умови и дизајнери на 21век) наоѓаше инспирации насекаде. Од мебел, пластична кеса, кукли, деконструкција и винтиџ-облека. 

Раф Симонс го инспира уметноста, музиката и пред сè младинската култура. 

Секое дизајнерско парче е производ од некоја емоција, чувство, ситуација, имагинација, реалност, култура..
Производ од сопствената идеја за убавина на дизајнерот. 

За мене, секој креативен процес е многу интимен, персонален и повратен дијалог на дизајнерот сам со себе. При тој процес, комплексниот ум на еден дизајнер станува разоткриен, ранлив, емоционален. 
Таа емоционална состојба резултира во колекција, а по секоја направена колекција, завршена ревија или презентација се јавува некоја празнина и емоционална неподготвеност на дизајнерот да се оддели од својата креација. 
Сè додека не дојде време за нова колекција.

И така во круг. 

Инспирација, идеја, имагинација и интерпретација. 
Пролет-Лето, Есен-Зима..

Инспирација, идеја, имагинација и интерпретација. 
Пролет-Лето, Есен-Зима..





_____
Претходни написи: 
КРЕАТИВНОСТ И ВРЕМЕ // ЧАША ПОЛУПРАЗНА – ЧАША ПОЛУПОЛНА – Јована Филиповиќ

_____
Фотографија: Антонио Станков

Креативен директор и моден дизајнер за сопствениот бренд Jovana Filipovic. По завршување на нејзините мастер студиите во Италија под менторство на Linda Loppa, професионално е ангажирана на релација помеѓу Апенинскиот и Пиринејскиот полуостров, но неуморно 8 години активно придонесува и на модната сцена на нашиот полуостров.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ