Сакам да видам и чујам за промени
РАЗГОВОР СО: Милош Б.Андоновски [театарски режисер]
РАЗГОВАРА: Aна Голејшка Џикова
Разговорот го правиме со скок на куцкамен. Секој ден различно прашање или нешто што ќе се сетам, поврзано со човекот со кој се знаеме повеќе од деценија и на сите можни начини сме имале онакви „постојки“ на животот на коишто сме седнувале на муабет, да си расприкажеме до каде сме со животот, дури правевме и една трибина заедно... Милош е еден од оние неуморни дејци во креативната сфера во нашата Македонија, кој на многу начини сака да го подобри, стандардизира театарското знаење и да го пренесе и во алтернативниот простор. Истовремено, за него театарот е за сите – сите оние со немирен дух, со желба да ѕирнат „отаде“ огледалото на стварноста, низ сите различни лица. Затоа со голем мерак и (не)мирна глава деновиве, го размислував и ова претставување на Милош Б. Андоновски – театарски режисер, слободен размислувач и основач на независниот театар „Театар за сите“. Интервјуто е правено непосредно пред промоцијата на неговиот „Прирачник за театарска уметност за наставници“, ден потоа и малку подоцна од потоа.
Станав во 5 утрово и ми текна прашање за тебе:
ГОЛЕЈШКА: Замисли си дека утре ќе ја набљудуваш целата промоција како намерен гостин. Што би му кажал на Милош?
Б.АНДОНОВСКИ: Утринава и јас, кога се разбудив, си помислив на Милош, со една длабока воздишка од олеснување. Зјапав во таванот и си помислив: „Голема работа си завршил Милоше, гордеј се!” Тоа би му го кажал, кога би бил гостин на промоцијата.
ГОЛЕЈШКА: Ова ќе оди на почеток на интервјуто ☺ Уште едно прашање ми дојде: Една фотографија од тебе како малечок ми е оставена во кадар, во мисла. Како малечок Принц среде зеленило. Која е розата на Милош како дете и до сега? Што те води?
Б.АНДОНОВСКИ: Мислам дека знам за која фотографија станува збор и ако мислиме на истата – тоа ми е омилената моја фотографија од детството. Розата како отсекогаш да била нешто мое, внатре, нешто многу тивко што само јас го слушам, би рекол можеби некој мој внатрешен глас. Нешто коешто ми кажува што треба да направам и кој е следниот чекор. На тоа, откако знам за себе, сум свртувал внимание, дури и кога средината мислела или велела дека не треба, не може, бадијала е, невозможно е… Како да се наведнував кон себеси и наслушнував: може, може и тоа како – може!На ова помислив кога го прочитав прашањето, си мислам: „Сигурно ја видела, ми беше профилна, кој ли друг ја памети освен мене?” Потоа си помислив дека можеби е некоја твоја-визија-за-мене како мал, игра на зборови, метафора… (а можеби и е?)
ГОЛЕЈШКА: И какво дете беше? Немирно, мирно, бараше сцена или ја создаваше?
Б.АНДОНОВСКИ: Ја создавав во секоја смисла и за себе и за другите. Кога доаѓаа гости, ги организирав децата да пишуваме смешни вести, а потоа да ги читаме пред возрасните; да снимаме радио-емисија со реклами на касетофончето коешто ми беше во соба; да пишуваме квизови и да ги играме во маало со прво, второ, трето место. Правев сцени и светови од една полна вреќа LEGO-коцки, кои ги имав добиено од баба ми од Шведска: тука е дневната, овде се паркира колата, а овде кога ќе се протне, ја менува бојата и станува сина, затоа што врз неа тече магична вода. Вазната на масата не е вазна, таа е скриена ракета со којашто целата LEGO-куќичка може да полета ако треба да се спасат човечињата!
Не сум бил особено немирен, сум бил активен и постојано во некаква акција со некаква мисија.
ГОЛЕЈШКА: Театарот е чудесна, комплексна форма, Милош. Знаејќи те прво како студент на Катедрата за општа и компаративна книжевност, каде се случи примарниот импулс за да посегнеш и кон театарот како уметност?
Б.АНДОНОВСКИ: Како свесен избор се случи некаде во средно, а несвесно уште во седмо одделение. Наставничката по македонски јазик ме прати на аудиција во театарот за детска претстава, бевме околу сто деца од кумановските училишта. Ми дадоа да читам еден текст, за еден циркус по име Атракционал и да ги канам луѓето да дојдат и да го посетат. Читав, мафтав со рацете, „Дојдете во Атрррракционаааал”, а режисерката и другите од театарот пукаа од смеа. По некој ден ми се јавија и така станав цар во детска претстава, чиишто три ќерки биле претворени во златни статуи од лошата вештерка. Освен тоа и новата година не можела да дојде поради вештерката, па Дедо Мраз го вика Хари Потер на помош – постмодерна! Многу се забавував и многу бев среќен.
Во средно училиште пишував текстови и ги режирав, глумев, а кога се наближуваше времето за избор на студии и факултет, сришив сè околу мене и се прашав: што е тоа што го правам (од сè што тогаш правев како тинејџер), а ме прави среќен? Држев работилници, одев на семинари во други држави и правев претстави. И ден-денес, го правам истото.
*стишив сè околу менe.
ГОЛЕЈШКА: Пред да дојде мигот на промоција на твоето прво научно, би рекла и даскалско чедо, а тоа е „Прирачник по драмска уметност за наставници“, сакам да те прашам – кое е првото чувство што те облева?
Б.АНДОНОВСКИ: Уморен сум, беше доста напорен целиот проект, а и некако ми е рано, имам уште неколку часа до промоцијата. Во суштина сум подготвен, но многу поважно ми е навистина, во пракса, да се покаже Прирачникот како корисен. Сакам да видам и чујам за промени, за позитивни влијанија кај средношколците од вежбите, за сигурност кај наставниците… Имам чувство дека сево ова е некаков почеток на нешто поголемо и дека ракавите допрва треба да се засукаат, па затоа има и некаков страв, но од оној убавиот којшто придвижува, не оној што те стаписува. Меѓу сево ова, има и чувство на некаков спокој, мир, на нешто завршено. Како слика од штотуку исчистена работна маса.
ГОЛЕЈШКА: Ден потоа… Се будиш и каков е впечатокот по промоцијата?
Б.АНДОНОВСКИ: Низ дневната расфрлани пакувања од прирачниците, ќеси, подароци и чоколади… Ги разгледувам фотографиите од настанот, се обидувам да си ги средам сопствените впечатоци од вчера. Ми стигаат пораки, честитки, телефонот ми титка од нотификации – мирно е.
ГОЛЕЈШКА: Ти си магистриран режисер со диплома од Кент, Англија. Колку тамошните дождови го „нахранија“ режисерското око и мисла? Какво беше искуството да се создава и истражува далеку од познатото, со цел да се донесе дома сето тоа знаење? (коешто сега е поткрепено и со Прирачникот)
Б.АНДОНОВСКИ: Мојата менторка за магистерската теза, Роана Мичел, го виде прирачникот уште пред да го видам јас самиот. Се мачев со дефинирање на тезата и долго време не знаев за што точно ќе истражувам и пишувам. Знаев само дека сакам да биде за режијата. Еден ден, менторката ми предложи наместо тоа, да напишам „Прирачник за театарски режисери“ на што одговорив дека не сум подготвен и немам искуство за такво нешто. Ми рече: „Јас мислам дека си, но во ред, ова е твој магистерски труд, ќе најдеш за што ќе пишуваш.“ И пишував за режијата, се запознав со кралицата на британскиот театар-Кејти Мичел – сум учел режија од нејзин прирачник како студент на ФДУ во Скопје и одеднаш, го имав ИЗВОРОТ пред мене и го интервјуирав за магистерската. Многу шеги, смеа, многу совети за режијата и за приватниот живот – толку голема, а толку „мала“ истовремено – прекрасна жена! Се вратив во Скопје и сфатив дека е редно време да го напишам овој прирачник, од промоцијава пред недела дена, и сфатив дека навистина сум бил подготвен, како што тоа го препознала Роана во мене. Англиските дождови (коишто и не се така поројни како што си мислиме, туку се нежни и благи, дури невидливи, а сепак ве прават утоп по неколку минути одење без чадор на улица), ме напоија и дораснаа. Корените во она коешто го правам задлабија уште повеќе. Секој човек заслужува да се откине од своето место, да разграни на друго, а потоа дали ќе се укотви таму или ќе се врати назад е личен избор. Важно е дека таквото географско и културолошко поместување прави поместување и во душата, умот, мислите…
ГОЛЕЈШКА: За оние кои не знаат, како би го дефинирал или барем опишал „Театарот за сите“?
Б.АНДОНОВСКИ: Во оваа фаза, после речиси шест години постоење и работа, би го опишал како место не само за сите, туку и за сè што е поврзано со театар: формална и неформална едукација, аматерска и професионална продукција, издаваштво – сè што може да ја афирмира театарската уметност и да создаде некаков нов бран на публика. Публиката треба да се негува, да се едуцира и израстува, како дете, не само да ѝ се сервира она на коешто мислиме дека е навикната. Она што можат и би требало да го прават институциите, го прави Театар за сите. Зошто? Зашто во театар, сè уште се бориме за почитување на некои од основните бон-тон правила при гледање претстава: исклучени мобилни телефони. Театарските процеси се сложени и не е лесно да се направи претстава, а за да публиката го сфати тоа, пред шест години мислев дека неформалната, а особено формалната едукација, којашто веќе ја има во државните гимназии, се еден од начините за тоа. И се! Зашто сите што поминале низ програмите на Театар за сите, сфатиле која е задачата на театарските работници и верувам дека со поинаков став влегуваат во театар.
ГОЛЕЈШКА: На чии проби во театар или на чиј филмски сет од соништата би седнал?
Б.АНДОНОВСКИ: Simon McBurney, основачот на Théâtre de Complicité во Лондон; со Ivo van Hove, режисер и уметнички директор на Toneelgroep Amsterdam; со Lyndsey Turner во Лондон, со која не успеавме да се видиме во живо, а зборувавме цели шеесет минути по телефон – мислам дека останавме недоискажани… Од филмските сетови пак, би седел на второто продолжение на Dune од Denis Villeneuve или некоја друга sci-fi продукција од тој калибар, а кога би можело да се врати времето назад, би седел на сет на некој филм или на некоја серија од покојниот и мојот омилен режисер Jean-Marc Vallée.
ГОЛЕЈШКА: Интересно е како од еден монолог внатре во себе, човек доаѓа во дијалог со светот. Кој е твојот вечен дијалог, Милош ?
Б.АНДОНОВСКИ: Да бидеме сочувствителни, трпеливи, толерантни. Нештата не се црни или бели, многу пошарени се. Ништо не е еднослојно -повеќеслојно е. И секогаш треба да се трага и преиспитува, за да се спознае некаква/нечија друга вистина.
ГОЛЕЈШКА: Токму тоа го прави театарот, неговото лице е многубројно, многуслојно… Каде е најголем предизвикот кога е во прашање образовното лице на театарската уметност?
Б.АНДОНОВСКИ: Би го одговорил ова прашање со цитат од прирачникот: „Процесот на создавање, но и на изучување на театарската уметност продира низ личноста на учениците на поинаков начин во споредба со другите предмети. Активира психолошки, но и невропсихолошки процеси коишто директно влијаат врз личниот развој на учениците, создаваат вредности, менуваат перцепции и ставови, создаваат нови искуства, оставаат траги, будат сеќавања… (…) Сите овие процеси се составен дел од театарското образование и наставникот е должен да ги следи, да ги препознава, како и соодветно да одговори на нив со цел да ги нагласи, да поентира, да ги пренасочи, да ги прекине или да ги ублажи можните последици од нив.“
Нови искуства ☺
ГОЛЕЈШКА: Кое е последното ново искуство, од било која сфера на твојот живот? (Може да е дури и пробан нов вкус)
Б.АНДОНОВСКИ: Имање промоција на книга. Половина од настанот не бев свесен што се случува, кој зборува, колку луѓе дошле…
Морам да го издвојам и потпишувањето, на крајот од промоцијата. Една колешка ми се доближи со голема возбуда и побара да ѝ се потпишам, на што ѝ реков: „Јас не знам како ова се прави и што треба да напишам!?“ Но, се снајдов.
А од вкусовите: лимонадата од рози во Отоман кафѐ, една место-оаза во скопската Стара чаршија што ја посетуваме со Марија, речиси на неделно ниво.
_______
Фотографии Дејан Џолев