СТЕРЕОТИПИ И ПРЕДРАСУДИ – СЛИЧНОСТИ И РАЗЛИКИ
Пишува: Дороти Пачкова
Многу се ќеифам да пишувам на вака убава тема -убава според неопходноста да се отвора истата, баш во период кога прославуваме ¼ активизам на нашата ЕДНА МОЖЕ!, од севкупното самостојно државно постоење на нашата земја.
За да не биде дека за време на прослави во пандемија предавањата недостасуваат, нека биде ова еден продор во часовите и тренинзите за родови науки.
Стереотипите и предрасудите се две теми коишто се тесно поврзани. Како што сугерира името, предрасудите се однапред поим за нешто што не го знаеме доволно добро. Двата концепти се особено присутни во меѓугрупното однесување, особено кога станува збор за конфликти.
Предрасудите се сметаат за емоционална компонента на однесување, додека стереотипите се сметаат за когнитивна компонента. Заедно, тие резултираат со дискриминација којашто е акција -плод на емоционалната и когнитивната компонента на однесување.
Имајќи предвид дека предрасудите и стереотипите се тесно поврзани, важно е да се посочат нивните разлики.
Предрасудите се непријателски или негативен став кон група луѓе, којшто се базира единствено на нивното членство во таа група (индивидуалните карактеристики или однесувањето на жртвата на предрасуди ќе бидат незабележани или занемарени), стереотипите се генерализации за група луѓе на кои идентични карактеристики им се припишуваат практично на сите членови на групата, без оглед на евидентните разлики помеѓу членовите.
Ставовите коишто луѓето ги засноваат на стереотипи и предрасуди, не само што вродуваат со дискриминација туку и ги ограничуваат индивидуалните права и слобода на избор на сите припадници/чки на односните групи, туркајќи ги до стигматизација, подреденост, нееднаквост и поделувајќи ги и луѓето и односите.
Преку генерализација на стереотипите, конкретните атрибути се наметнуваат на поединците само поради тоа што се припадници на конкретна група, дерогирајќи го фактот дека секој поединец е посебен, специфичен и поинаков. На овој начин, стереотипите неоправдано ги обесправуваат лицата поединци и/или припадници на определени групи, произведувајќи погрешни показатели за нив самите, но и за нивните способности или неспособности. Сепак, мора да се спомене дека стереотипното сврстување, кога некој го практикува, многу па и најмногу, зборува токму за него.
Кога им предавам на ученичките и учениците и на возрасните и на младите, сакам да го правам тоа интерактивно, преку претресување на нивните лични искуства, искуствата на нивни блиски и споделувајќи мои лични искуства или нудејќи актуелни примери за коишто сведочиме сите.
Па така, како што спомнавме на почетокот, ако ова беше час, можев да замолам сите кои имаат тетоважи и пирсеви како и невообичаена боја на косата да излезат напред. По ова, доволно ќе беше да ги замолев да раскажат најсмешни дофрлувања коишто им биле упатени од непознати или познати, а се однесувале на нивните невообичаени фризури, обетки или тетоважи.
Веројатно и самата ќе предочев пример за стереотипизација врз основа на предрасуди.
Еве, нека биде тоа една поранешна наставничка на син ми, која после одржана родителска средба, заклучи: „Не знам јас зошто се чудам колку се непослушни децава, кога сигурно бар пола од присутните родители имаат тетоважи, а друга половина седат непристојно и самите.“
Би можеле да зборуваме до бескрај, за жал, за стереотипите врз основ на пол и род, етничко и расно потекло, социјален статус, било каков вид на попреченост, сексуална ориентација, степен на образование, пристапи до ресурси на моќ и влијание и учество во општествен контекст, како и по основ на религија, вера и уверувања.
Родови стереотипи, препознај ги:
Има лесно препознатливи четири основни групи на родови стереотипи и многу подгрупи:
1. Лични карактеристики – од жените се очекува да бидат пасивни и субмисивни, да молчат и трепкаат / од мажите се очекува да имаат висока самодоверба, да се силни и издржливи.
2. Однесување во домот – се претпоставува, па затоа и се притиска кон предавање на негувачките улоги во и околу домот и домашните поврзани со грижа за децата / поправките во домот најдобро ќе бидат направени од мажот, како и сите активности надвор од домот се за мажот.
3. Професии – најчесто медицински сестри, секретарки, учителки се жени / директори, шефови, менаџери се мажи.
4. Физички изглед – жените да бидат ситни, слаби / мажите да бидат високи и атлетски градени.
Родова еднаквост и легислатива
Родовата еднаквост, како социјален концепт, за првпат е третирана во 1995 година, на Четвртата конференција на Обединетите нации, за жени, во Пекинг.
За антидискриминација постојат интернационални и регионални документи, како на пример Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, донесена во 1979 година од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, којашто вообичаено се третира како меѓународна повелба за правата на жените, потоа целите за одржлив развој на Обединетите нации вклучуваат 17 цели коишто ги одразуваат глобалните предизвици коишто треба да се надминат до 2030 година. Меѓу нив, целите за родова еднаквост. Постои и Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020, документ усвоен од Собранието на Република Северна Македонија и има за цел да ги спроведе принципите и обврските преземени со Конвенцијата на Обединетите нации за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.
Исто така, тука спаѓаат и конвенциите на Советот на Европа и обврските за вклучување на родовите аспекти во главните политики коишто произлегуваат од шесте приоритетни области, изразени во „Стратегијата за родова еднаквост 2020-2025“ на Европската комисија.
Битно: Два вида на родови стереотипи се истакнати како загрижувачки од страна на Европскиот суд за човекови права во случаите на дискриминација..
– Првата група на стереотипи и предрасуди се засноваат на идејата на супериорност на мажите и инфериорност на жените, којашто доведува до широко распространета практика на присила и насилство, посебно изразено во форма на домашно насилство, како форма на контрола врз жената.
-Втората група се однесуваат на определените стереотипизирани социјални улоги коишто двете групи ги имаат во општеството, т.е. мајката како фигура која обезбедува грижа и нега за децата и постарите членови на семејството, а таткото како лице кое заработува и финансиски го обезбедува семејството.
Идејата на супериорност на мажите и инфериорност на жените како стереотип, доведува до широко распространета практика на присила и насилство како форма на контрола врз жената од страна на мажот, како и толерирање на истото од страна на државниот апарат, спротивно на меѓународните стандарди.
Факти се дека патријархалните и дискриминирачки стереотипи ја зголемуваат ранливоста на жената кон насилство и злоупотреба, посебно семејно насилство коешто се простува од општеството и коешто не е соодветно признаено помеѓу државните службеници, општеството и самите жени, со тоа резултирајќи во недоволна заштитна инфраструктура за жртвите од родово базирано насилство.
Според нескромното мое досегашно искуство, жените од Македонија страдаат од различни форми на насилство, една од нив е родово базираното насилство, коешто е тесно поврзано со целокупната подредена положба на жените во нашето општество, а клучно за неразрешување на проблематиката е што властите не ја сфаќаат сериозноста на проблемот со родово базираното насилство во земјава.
Стереотипизирањето на мажите и жените во најголема мера ги поставува во традиционалните-архиетипските родови улоги, коешто резултира со недостаток на поддршка за оние кои не го отелотворуваат во целост односниот стереотип, односно излегуваат надвор од калапчето на традиционалните родови улоги. Ах тоа калап-менгеме :/
Стереотипните вкалапени улоги им наметнуваат на жените да останат зад вратите на домот, а го изнесуваат мажот надвор од него, наштетувајќи им на двата пола, притоа осудувајќи ги родовите стереотипи посебно во делот на грижа за децата, старите и болните.
Негувачката улога е дел од традиционалното менгеме и баш во овој период од животот, кога сум со новороденче, јасно можам да препознаам како по дифолт ми се прават обиди, несвесни, за редисциплина, или поточно, заедницата, по инерција на сили од минатото, прави акции за задржување на културата на традиционални улоги на „само мајка“, од типот на: а не може она сега, стана мајка пак. Не е дека јас, она, било која жена, не може зошто има деца, туку дека општеството не е уредено да може и покрај тоа што има деца. Тие деца, во најголем број на случаите, имаат и татковци, па никој не вика: еј остај го тој сега, не може да работи, стана татко.
Овде доаѓа на тапет државата. Сѐ додека не го реобмислиме општественото живеење, во оваа мала земја, нема да имаме прогрес.
Сѐ почесто чинам, ние, миленијалците (родените 1980-1995), го трасираме патот за следните генерации да можат да го одат без сиви таги од типот на болни општества поради трансгенерациски малформации во коишто сега, со овој број на „Скала“, продираме.
Доказ дека сме на прав пат е и минатомесечниот настан, којшто го обелоденија едни искри во мраков – Младите од Една може!. Она коешто се случи е дека пред 4 години УКИМ, со МТСП, одобри, децата од еднородителски семејства да можат да се образоваат по половина квота. Овој член беше активен и на сила, иако и самите вработени во администрациите на различните факултети при УКИМ не го знаеа и имавме обичај да се јавуваме и да препраќаме одлуки и аргументи за на некое наше детенце да му се одобри можноста.
Е, после 4 години вртење телефони и убедување да се промени праксата според промените на хартија, нашите млади увидоа, благодарение на принуденоста за онлајн-аплицирање при упис, дека се тргнати од листата за бенфицирани помали квоти…
Младите изреагираа, не допуштија да се случува неправдата. Се огласија на социјалните медиуми, исконтактираа со новинари/ки, вирално се ширеа вестите за обесправувањето и на крај, нормално дека се врати опцијата да можат да си ја искористат шансата за студирање со половина партиципација, исто онака како што и се растени во земјава, со приход од само еден родител.
Ова е пример дека она кое ние, како миленијалци, го поставивме, Ген З го продираат, не дозволуваат да се враќаме назад, нешто за коешто сме супермахерско општество – регрес, уздуш и попреку, за жал. Ген З или претставниците/чките на Младите од Една може!, не само што ќе бидат нашиот глас во иднина, гласот на можностите и рамноправноста, туку и тие се оние кои баш ќе имаат можност да го кројат општеството кон она коешто им го предочуваме, а коешто ќе мора сами и со оние по нив, да го откриваат, живот во благосостојба и без предрасуди.
Благосостојба за којашто ние не знаеме, не сме ја живееле, иако можеби некои од нас ја вкусуваат во своите островски царства, во своите светови низ различни сегменти.
Современите општества недвосмислено алармираат дека предрасудите се истовремено причината и манифестацијата на дискриминаторското постапување коешто, ако не се осуди како неприфатливо во дадена култура, прераснува во, и во физички манифестации, насилство, криминал од омраза, а во последно време е признаен и фемицидот – убиство врз жена само поради фактот дека е жена.
Затоа што овие предрасуди и стереотипи остануваат непредизвикани во општеството, истите се легализирани и институционализирани од страна на државните апарати и целиот систем.
Обврска и неопходност, на секоја современа држава е да ги превенира, да ги идентификува и да ги анулира штетите коишто ги предизвикуваат, да ги предизвикува модифицирајќи ги социјалните и културните трендови на однесување на различните групи, како што се мажите и жените, мнозинствата и малцинствата, различните семејни конструкции, различните определености на луѓето, различните возрасни групи, лицата со нетипичен развој, лицата со различна вероиповест или религија, лицата со различни сексуални определености, од различни контекстуални бекграунди и сите останати.
Она коешто во последно време го истражувам се интернационалните документи коишто ги заштитуваат граѓанките, од дискриминацијата којашто им ја прави државата, секако, барајќи начин за спроведување на правда на интернационално ниво, предводејќи огромна група на девојки и жени кои, според мене, се долгогодишно дискриминирани, благодарение на стереотипната перцепција.
______
Автор: Дороти Пачкова
Илустрација: Андреј Павлов