ТИВКИОТ ВОИН
Дали дрвото коешто паѓа во длабочината на шумата, без да произведе звук надалеку, е немо паѓање?
I.
Тивкиот воин на Хенрик Ибзен
Пер Гинт, на своето долго патешествие на враќање ДОМА (кон самиот себеси), говори за еден лик нарекувајќи го – тивкиот воин. Овој лик беше обележан од системот како некорисен поединец за татковината, беше жигосан како безначајна, неупотреблива индивидуа: и за државниот бирократски апарат и за религиозниот бирократски апарат. Таква беше неговата ситуација во рамките на државниот систем. Но, на горската висорамнина – таму каде што неговиот порив го беше упатил да живее, таму каде што го ослушна повикот на сопствената природа – токму таму, на таа горска висорамнина, тој беше корисен, употреблив, значаен. Токму таму, тој се чувствуваше како да се наоѓа меѓу сопствениот „род“, а неговиот живот добиваше целосна смисла. Токму таму, опкружен од содржините на гората, тој беше ГОЛЕМ. Тој беше СВОЈ. Беше „повикан“ да биде таму, да опстојува на таа горска висорамнина, целосно предаден на она за што беше роден: безмерна грижа за семејството, без оглед на цената. Иако неговата безгранична грижа за семејството беше исполнета со големи проблеми, со драматични моменти со коишто мораше постојано да се соочува, сепак, неговиот тежок живот беше како звук на хармонична мелодија. Таков беше тој. Животот не му беше среќен, но беше тажно убав. Таков беше роден. Убавината на неговиот живот се состоеше во постојана борба со тешкотиите коишто животот безмилосно му ги товараше, а тој го носеше товарот без поговор и со зачудувачка леснотија. Тој беше целосно свесен за себеси, поточно, за неговата предодреденост да го носи тешкиот товар низ животот, товар којшто го прифаќаше како убавина наменета лично нему. Имено, иако околностите на секојдневието воопшто не му беа наклонети, сепак, одвнатре, ја слушаше хармоничната мелодија на животот што го живееше. Таков беше тој. Таков беше роден. Парадокс? Не! Маченик? Не! Тој беше воин, воин каковшто беше и самиот Пер Гинт. И двајцата беа воини. Едниствената разлика меѓу нив е што човекот од горската висорамнина беше ТИВКИОТ воин.
Воинот може да биде препознаен – во сите негови објави – само од вистински воин. Таков воин е Пер Гинт.
Би биле среќни кога би имале воин покрај нас. Среќата ќе биде возвишена ако успееме да го препознаеме, а тоа значи дека и ние самите сме воини.
II.
Tивкиот воин на Боб Вилсон
Многумина режисери веруваат дека само НИЗ големите ликови – Хамлет, Фауст, Пер Гинт, Гилгамеш – можат да ја прикажат нивната (режисерска) длабочина и зрелост – емотивна и интелектуална. Веруваат дека само НИЗ вакви ликови може да се навлезе во таинствените длабочини на животот, да се открие смислата на нашето присуство на ова парче земја. Имено, режисерите ги бараат вредностите (смислата, суштината, убавината) на животот во она што е историски озваничено, историски признато, историски објавено, во она што има звање, титула. Токму затоа вредностите на животот ги бараат само во големината на званичните ликови – Фауст, Пер Гинт, Одисеј, Гилгамеш, но не и кај обичните, секојдневни личности, кои исто така ја пронашле сопствената смисла/убавина на животот, но тоа никаде не е објавено, озваничено… не е влезено во „учебниците по историја“. Но, Роберт Вилсон, низ неговиот говор-перформанс во Македонскиот народен театар (алиас златен театар), докажа дека во срцевината на животот може да се навлезе и НИЗ т. н. обичен човек, човекот од секојдневието кој, поради нашиот горд и надмен ум, воопшто не го забележуваме, иако секојдневно минуваме покрај него. Имено, Боб Вилсон говореше за едно тринаесетгодишно сиромашно и немо дете, кое го присвоил, го одгледувал, растел, воспитувал… а потоа направил претстава во којашто детето (веќе момче) настапува како значаен лик, како ГОЛЕМ лик.
Преку овој животен пример, големиот Роберт Вилсон докажува дека – ништо помалку не е историски значаен обичниот човек од историското значење на еден принц (Хамлет). Потврдува дека може и НИЗ обичниот – мал – човек да се трага и навлезе во таинствените одаи на животот, таму каде што престојува сржта, животната смисла, наша смисла и ничија друга. Големиот Роберт Вилсон обзнанува дека и НИЗ секојдневните ликови/теми можеме да ја откриеме убавината на животот, да ја почувствуваме „божествената честица“ внатре во нас самите. Само големите луѓе, ослободени од снобовштината и надменоста на умот, го поседуваат овој дар – откривање на големината и кај т. н. мали луѓе. Овој дар го поседува и Роберт Вилсон, докажувајќи ни дека ништо помалку не е историски значаен обичниот човек од историското значење на еден принц (Хамлет). Овој дар го поседува и филмскиот режисер Џим Џармуш. Неговиот лик од секојдневието (Патерсон), шофер на градски автобус, заедно со неговата сопруга ја имаат пронајдено смислата и убавината на нивниот живот. Нивна смисла, нивна суштина… нивна убавина. Во навидум едноличното, монотоно, вообичаено секојдневие ги имаат откриено сите бои и звуци на животот. Двајца т. н. мали луѓе, опкружени од вообичаените активности на секојдневието, ја ослушуваат хармоничната мелодија на НИВНИОТ живот. Тие се исполнети! Тие се целосни! Тие се среќни!
Дали ќе бидете во „дружба“ со филозофот Фауст или со шоферот Патерсон – значењето е исто, вредноста е иста, смислата е иста, сржта е иста. Различна е само објавата на УБАВИНАТА.
Очигледните вредности на животот се видливи за секој уметник. Но, затскриените вредности се воочливи само за одбраните уметници. Пред неколку години, еден од овие одбрани уметници „се спушти“ на сцената на златниот театар. И се случи чудо! Сјајот на МНТ-златото потемне пред духовниот сјај на Роберт Вилсон.
III.
Tивкиот воин на Б. Брехт
Бертолд Брехт е првиот театарски деец кој се обидува да го воведе на сцена тивкиот воин – обичниот човек, човекот од предградието, текстилецот – давајќи му на тој начин историско значење еднакво со историското значење на принцот Хамлет, кралот Гилгамеш, патешественикот Фауст. Брехт упатува на фактот дека денешницата има потреба од нови сценски вредности, нови протагонисти, извлечени од секојдневието на обичниот живот, од предградието, од фабриките. Текстилецот, како нов лик-протагонист, како јунак на секојдневието, треба да биде поставен на исто историско рамниште на коешто е поставен и принцот Хамлет, вели Брехт. Човекот од секојдневието е новиот „принц“ на денешницата, новиот трагач по смислата, суштината, убавината.
Човекот од секојдневието е новиот воин на сцената.
Човекот од секојдневието е НОВАТА РЕАЛНОСТ.
Брехт (со неговото изострено чувство за природата на човековата еднаквост) укажува на неопходната потреба човекот од секојдневието да биде неодминлив дел од денешната драматургија, да биде главниот столб на сцена, да ги држи уздите во свои раце, бидејќи тој постои, бидејќи е овде, бидејќи е составен дел од животот, бидејќи го поседува природното право да биде јунак на денешницата… да биде озваничен од историјата како неизбежна вредност. Јунакот на “штиците што живот значат“ треба да биде човекот од секојдневието, прикажувајќи ги неговите директни соочувања со животните проблеми. Брехт вели дека нема потреба да земеме од минатото некој принц/крал и да го облечеме (костимираме) како граѓанин, кога граѓанинот е овде, покрај нас, треба само да го качиме на „штиците што живот значат“ и да го пуштиме да дејствува – сега и овде. Само на ваков, директен начин, сега и овде, човекот од секојдневието има можност да се избори за сопственото место во историјата – како вредност, како смисла, како суштина… како естетика. Најпосле, зошто на сцена да изнесеме принц облечен како пролетер, кога тоа можеме да го направиме со ВИСТИНСКИ пролетер. Драматургот-гениј треба да го создаде новиот лик-протагонист, кој во себе ќе го носи новиот дух на времето; тоа е граѓанинот, принцот на денешницата. Брехт имал (идеален) сон: како што кралот има свој престол, и граѓанинот исто така, треба да има свој престол. Секој треба да седи на СОПСТВЕНИОТ престол, имено – да биде свој. Престолот на кралот не е ништо помалку значаен од престолот на граѓанинот. Сѐ останато е илузија на животот, маѓија фрлена од страна на лукавиот и супериорен Мефисто.
Брехт нѐ учи дека историјата, освен што создава епови за храбрите кралеви, може да создава епови и за обичниот човек – за текстилецот. Факт е дека постојат јунаци (тивки воини) и меѓу обичниот човек од секојдневието, но нашата заробеност во предрасудите и малограѓанштината го спречуваат нашиот ум да ги забележи овие јунаци, кои го имаат сиот потенцијал да бидат протагонисти – и на театарската сцена и на сцената на животот. Колку и да се обидува нашата снобовска надменост да ги игнорира овие јунаци-од-улицата, да ги затскрие овие тивки воини, тие сепак постојат, овде се, меѓу нас, само треба да бидат „поставени“ на вистинското место, имено: да бидат озваничени.
Брехт вели – време е еповите за кралевите да се повлечат од сцена, отстапувајќи им го местото на новите епови кои раскажуваат за животните искушенија на обичниот човек. Обичниот човек кој трага по смислата и убавината на животот. Обичниот човек кој бара место во историјата како значајна вредност. Обичниот човек кој трага по сопствениот престол, негов и ничиј друг.
Зарем Мајка Храброст може да биде нешто друго освен еп за трговката-кантинерка Ана Фирлинг? Зарем нејзиното историски значење – како вредност, како суштина, како смисла, како естетика – е помал од историското значење на кралот Гилгамеш, на патешественикот Фауст, на принцот Хамлет? Не е помал. Тие се на исто – историско – рамниште.
Појавноста е разнолика – срцевината е иста.
Брехт, воведувајќи ја на сцена дијалектиката, нѐ учи дека суштината е насекаде околу нас, треба само да научиме да ја видиме, да ја препознаеме, а потоа да ја озваничиме внесувајќи ја во вечните вредности на историјата. Треба да се ослободиме од предрасудите, стекнати преку крутите, догматизирани конвенции на животот. А кога ќе се ослободиме, ќе дојдеме до местото каде што нема ништо друго освен чувство; чисто – изворно – чувство. („Во чувството е сѐ“, заклучува Фауст на крајот од своето патешествие).
Брехт на работната маса имал фигура на магаре, со натпис околу вратот – „мора да биде толку едноставно за да можам и јас да сфатам“. Преку натписот Брехт упатува на неопходната потреба комплексните теми и содржини на животот да се пренесуваат на едноставен начин, преку едноставни средства. Колку поедноставно, толку појасно, почисто, повидливо… полесно сварливо.
Брехт (комунист и страстен борец за работничките права) пушел пура и возел кола низ улиците на Берлин. Ова се случувало на почетокот на дваесеттиот век, во време кога сопствениците на коли во Берлин можеле да се избројат на прсти.
Како што кралот има свој престол, така и Брехт имал свој „престол“.
IV.
Даденоста на уметникот
Уметникот треба да научи да ги открива големите приказни кои се сместени во секојдневието на животот; да научи да ги препознава големите содржини сокриени кај т. н. мал човек, истиот оној мал човек кој поради нашата гордост и надменост го одминуваме како нешто безвредно, небитно, несуштинско.
Уметникот, во неговата потрага по смислата, треба постојано да го вежба увото за „ослушување“ на звукот на дрвото коешто паѓа длабоко во шумата без да произведе звук надалеку.