НА СКАЛИЧКИ СО АНДРЕЈ ПАВЛОВ
Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад уметник или студент по дизајн и уметност.
Сте виделе ли некој до сега да ги извади на виделина искрата и жарот што секој од нас ги носи во себе ? И да ги апстрахира во форма на уметност… И тоа во воздух и во реално време… Ако не сте – еве шанса тука на скалички! Андреј Павлов го направи сето ова на овогодинешниот Skopje Light Art District и на скалички сподели со нас повеќе детали околу перформансот.
Неговата пасија да црта цело време го претворила во одличен графички дизајнер, илустратор и современ уметник. Она што го прави препознатлив последните три години е one line стилот. Токму преку овој стил Андреј ја изрази својата креативност на фестивалот на светлината со ‚‚The light inside us‘‘ – инспириран од луѓето и жарот што го имаат во себе. И сите нѐ воодушеви. Ни ја разбуди светлината во нас.
За делото / перформансот…
Иако првичната идеја беше генерално поразлична – јас сум среќен и благодарен до креативниот тим на SKLAD што дојдовме до идејата ‚‚The light inside us‘‘ да биде она што бидна.
Делото како целина беше неколку часовен перофрманс во градскиот парк каде што подеднакво учествувавме јас и секој од посетителите кој што имаше желба да се приклучи. Сликите од перофрмансот беа правени во моментот – што овозможи апсолутна уникатност. Секој ден на фестивалот излегуваа нови слики и креации од перформансот, секако, инспирирани од различните посетители, и секоја од креациите си е специфична на свој начин.
Идејата за перформансот е како што и самиот наслов кажува. Сакав да направам еден интерактивен перформанс каде директно или индиреткно на посетителите ќе им ја прикажам убавината и топлината што ја носат и сјае во нив. Секој од нас има уникатна искра во себе за која некогаш е потребно малку темнина и една едноставна сијаличка за да излезе на виделина.
За процесот…
Реализацијата беше релативно едноставна. Камера, сталак, телевизор, Андреј што мафта пред камера со сијалички и Тијана Павлов која трпеливо фаќаше фотки. Со метод на долга експозиција камерата ги читаше светлосните елементи и движењата со нив во темнината кои што ги правам јас и оформува слики. Визуелно процесот е сличен на тоа како што мастилото остава трага на хартија, но во овој случај хартијата е празниот простор пред нас.
Апсолутната темнина на градскиот во моментот беше совршено „платно” за овој перформанс. Перформансот го доживувам како нешто што е поголемо од мене бидејќи имав шанса на лице место да бидам инспириран од СИТЕ НАС и да креирам во моментот.
За стилот…
One line веќе три години е стил што го негувам и градам секојдневно, па следствено – откривам нови методи на творење во овој стил. Ме плени моментот на возбуда при неподигањето на цртачкиот инструмент од платното сѐ до самиот крај.
Иако е линија, лично самиот процес го доживувам како нелинеарен бидејќи никогаш немам целосно чувство што ќе испадне на крај сѐ додека не ја довлечам линијата до крајот и ја видам финалната слика. Секогаш барам нови места и начини на коишто сакам да го изразувам овој стил. Еднакво и ги сакам и не ги сакам грешките кои свесно и несвесно ги правам, меѓутоа уживам во целиот процес.
За љубопитноста…
Јас сум голем филмоман , љубител на стрип културата и лего фанатик, па многу често овие работи успеваат да се протнат во моето живеење и во тоа кој е Андреј генерално. Уживам да цртам дигитално, особено сега во карантинов, и тоа не само поврзано со one line туку и стилови и илустрации кои претставуваат мала пауза од едната линија како стил.
Многу сакам да експериментирам и да барам нови платна, површини и техники каде one line може да се имплементира: на дрво, стакло, бетон … па ете најново и во воздух, бидејќи обожувам да пробувам нови работи, следно е можеби: скулптура и 3D печатење.
За минатото…
One line илустрации и слики излегуваат од мене секојдневно и многу често имаат различни тематики или се инспирирани од работи коишто нѐ опкружуваат… и добри и лоши работи, некогаш се од револт или поддршка, а некогаш се искрено оддавање на почит и солидарност.
Меѓутоа мојата прва самостојна изложба Skopje Heroes and buildings, e една приказна која е спој на љубовта кон стрип културта и скопската архитектура. Приказна за хероите на Скопје кои храбро постојат и нѐ инспирираат, а не носат наметки и суперхеројски амблеми. Сите си имаме такви луѓе – наши суперхерои кои нѐ инспирираат да бидеме подобри. Некои се фамилија, некои се пријатели, некои се љубови – но сите си имаме.
За иднината…
Приказната за Скопје продолжува да ме инспирира, па Skopje Heroes and buildings vol.2 се крчка и се надевам дека за скоро ќе почне да се реализира. Меѓутоа, и покрај се one line секогаш има специјално место во мене, па така секогаш си наоѓа начин да извади нешто од мене. Овој последен перформанс ми вдахна еден нов вид на креативно изразување кое исто така дефинитивно сакам да продолжам да го истражувам. Се надевам дека секое следно искуство од овој или сличен карактер ќе биде еднакво возбудливо, а дотогаш како и вие така и јас трпеливо си чекам да ме закачне повторно некоја нова креатива.
_______
Фотографија: Мартина Салова Чешновар
Асс. на фото: Антонио Станков