• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО МАРТА ПАТЛИЏАНКОВСКА


Еднаш месечно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.


Денес, на „скалички” седнавме во Кашмир со Марта Патлиџанковска, каде што ни ги откри тајните за нејзината уметност. Марта е млада артистка, чија цел е преку фoвизмот и експресионизмот да ни ги прикаже на платно своите чувства. Боите играат огромна улога во нејзиниот живот, но кога ја прашав којa боја најмногу ја опишува Марта, таа ми одговори- црвената. Црвената ја смета за главен преносител на идејата и чувствата. Ми го исцитира Матис како нејзина најголема инспирација: „Сите работи, како што се цвеќињата, мебелот, фиоките, едноставно стануваат дел од мене и имаат смисла само кога ќе ги спојам со црвената боја.“ Експресионистите тематски биле посветени на фигуративна работа, прикажувајќи сцени од нивните секојдневни животи. Наместо надворешниот изглед, главниот фокус бил на прикажувањето на „внатрешните чувства” и на човечката психа. Марта не сака да ги заборави делата коишто ја довеле до „црвените соби“. Смета дека тие дела се од овој почеток и процес и дека без нив не би се пронашла себеси.


За делото…


Идејата за амбиентални простори потекнува од мојата желба да создадам еден простор што во реалниот свет го немам, каде што ќе можам да се опуштам и да уживам. Простор, во којшто моите анксиозни мисли и стрес се покриени со помош на интензивните бои. Сликајќи секојдневно, поминував низ секакви фази и наидував на секакви проблеми коишто се сосема нормални во самиот процес на сликање. Колку и да имаме идеја и замислена слика, со текот на работата, дали свесно или несвесно, се менува. Со истражување на различни теми од мојот живот, како и со испробување на различни стилови на сликање, дојдов до три црвени соби и мачки коишто ја опишуваат мојата психичка состојба во дадениот период. Меѓутоа, не сакам тоа да биде причината поради којашто ќе биде одземена визуелната претстава и емоцијата којашто ќе се појави кај гледачот.



За процесот…


Процесот на работа за мене е најважниот дел. При процесот, се поврзувам со делото коешто го работам и ме опкружува посебна енергија што само јас и делото ја имаме. Самото платно ми овозможува да се истурам и да се искажам најдобро што умеам, преку сликањето. Сакам да експериментирам и да користам различни методи за сликање, па затоа незгодите се чести. Но, сметам дека баш тие незгоди го прават делото поубаво и секако – тие се дел од него. Спонтаниот начин на работа си има свои придобивки, бидејќи колку и да сликаме несвесно и спонтано, идејата излегува од нас и нашите емоции коишто се прикажани на платното. Секое дело си има посебен процес низ којшто поминува, па затоа и не можам да одредам колку време ми е потребно за завршување на делата. Со некои дела сум завршила и во два дена, а со некои и до два месеца. Сметам дека константното работење и стекнување на една рутина е најважно и токму тоа ни помага да се изградиме како уметници. 


За инспирацијата…


За делата од циклусот „Уживање“, бев инспирирана од посебни правци во историјата на уметноста, како и од уметници. Привлечена од чистата боја како главна експресија за моите дела, правците коишто најмногу ме инспирираa се фовизмот и експресионизмот. Претставник на фовистите бил Анри Матис, кој верувал дека бојата може да игра примарна улога во пренесувањето на значењето на едно дело. Делото коешто го сметам за најголема инспирација за моите дела, е „Црвеното студио“, насликано во 1911 година. Матис ги поставувал и групирал предметите едни до други, не во смисла на просторна рецесија, туку според бојата. Деформираните форми и акцентот на истите, како и користењето на интензивните бои, им помогнале на експресионистите да претстават една возбуденост кај гледачот, проследена со анксиозност.


За идејата…



При процесот на работа, размислував како да се претставам со овие дела и што е за мене најважно да пренесам како енергија. Токму овие дела и нивниот работен процес ми овозможија да се погледнам себеси и да се прифатам таква каква што сум. Некои започнати спонтано, а други со идеја, завршните платна ми овозможија да се опуштам и преку нив да ги искажам мислите и чувствата и да си дадам на знаење, не само на себе, туку и на гледачот, дека е сосема во ред да се ужива и да се контемплира видливата и невидливата реалност.



За иднината…



Не сакам да се ставам во една кутија и да кажам дека јас сум уметник со одреден стил на работа, бидејќи сметам дека за еден уметник да стане уметник, потребно е вечно да истражува и да се запознава со нови начини на пренесување на своите идеи преку уметноста. Јас тукушто дипломирав на Факултетот за ликовни уметности и мојот пат како еден млад уметник само што започна. Знам дека ќе продолжам со сликање, а со тоа и ќе си поставувам предизвици со коишто подобро ќе се изградам како уметник. Би сакала уметноста повеќе да се развие во нашата држава, а со тоа и да се отворат повеќе можности за сите кои избрале да се занимаваат со неа.




















_____
Пишува и разговара: Ева Николоска
Фотографија [насловна]: Антонио Станков



Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ