• Немате производи во кошничката.

На скалички со Јован Јосифовски


ЕДНАШ НЕДЕЛНО „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД УМЕТНИК ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

Без разлика дали ги гледаш во изложбена галерија или инстаграм-просторот, делата на Јован со сигурност ќе ти го привлечат вниманието. Јован е млад уметник кој (најчесто) со колаж-техника и многу боја ги изразува своите мисли, ставови, согледувања. Иако, не сака премногу да зборува за себе, делата зборуваат за него. Во нашата виртуелна комуникација, она што ми го кажа за него е: -Премногу сум нетрпелив и тоа дефинитивно не ми е доблест. А кога сме кај уметноста или цртањето, тоа отсекогаш било присутно во моето секојдневие. Сите сме цртале како деца, нели, само што некои од нас не престанале?!


За изложбата и соработката…


Очигледно е дека сите имаме премногу различен ликовен израз и сите се познаваме и дружиме од претходно, така што соработката не беше неочекувана. Овојпат она што нѐ спојуваше сите четворица беше графиката, односно графичките техники. А за самиот настан и отворањето – не можам да зборувам, затоа што не се појавив на изложбата (од неоправдани причини, но тоа е веќе друга тема), што значи ќе зборувам од друг аспект: Ана Трајковска ни е најтрпеливиот носител на проектот, со Ивана не знаевме што правиме до последниот момент, додека пак, Дуле беше пример за брзина и ефикасност. 


За стилот и техниките …


Колажот е најзастапен во моите дела, затоа што дозволува да се изгради композиција којашто подоцна повторно може да се менува доколку гледам потреба, а ја гледам често. Процесот е секогаш различен, некогаш премногу размислувам и калкулирам и на крај завршувам со најужасни и најпатетични дела или илустрации, а пак некогаш е апсолутна спротивност, но факт е дека имам повеќе фрлени или уништени од постоечки дела. Мислам дека делата не се специфични само за мене, работам премногу за да не биде така. А кога сме кај ритуалите имам еден- не можам да работам без цигари.


За инспирацијата …


Никогаш не сум имал муза, можеби ми е небулозен тој концепт, исто така, не можам да се инспирирам од било што и драго ми е што е така. Театарот и крими-романите секогаш ќе останат како извори на инспирација, тука е и политиката којашто секој ден приредува нешто апсурдно. Некогаш работам без концепт или инспирација, едноставно се случува и завршува. Последната серија на дела беше инспирирана од костимографските илустрации на Казимир Малевич.


За боите…


Користам премногу боја и често добивам критики, не знам зошто, но не ни размислувам за тоа. Кога работам со ахроматски бои, имам забележано дека делата поминуваат подобро во очите на гледачот, но не сум тука за да удоволам на очите на другите.


За модната илустрација / модата…


Мислам дека модата никогаш нема да биде уметност, но најблиску до ликовното изразување може да биде модната илустрација. Илустрациите се мои идеи и не изработувам илустрации со веќе постоечки парчиња облека. Константно го негувам сензибилитетот за модниот дизајн, имам премногу технички скици за облека којашто може да биде и реализирана, но никаде не сум ги покажал и не би се нафатил со продукција на облека со мојот израз. Барем не во оваа држава.


За минатото…


Рано ми е да зборувам за најдраг проект или дело, покрај самостојната изложба најчесто сум учествувал во групни изложби. Кога бев дете, честопати бев дел од ликовни натпревари, баш скоро размислував на оваа тема и од оваа перспектива, сметам дека тоа е клучно за мојот ликовен развој, затоа што сум гледал за првпат како некој друг освен мене, се интересира за мојот труд и прогресот станувал побрз.


За иднината…


-Можам да кажам дека во моментов се одвива Биеналето на млади уметници во МСУ, а што ќе биде потоа, навистина немам одговор.








___ __
Фотографија на насловна: Мартина Пенева

Спонтана и позитивна, Александра е нишка измеѓу уметничките гледишта и реалниот свет. Приземјена, а истовремено и темпераментен сонувач... перфекционист по природа, магистер архитект по професија. Креативноста и логиката главно ги изразува преку вебдизајн, а слободното време го поминува во кулинарски експреименти и одгледувајќи растенија. Обожава филозофирање, дискусии и зборување за убавото.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ