• Немате производи во кошничката.

Мисли за слободна заедница на слободни суштества // Стефан Сидовски – Сидо


Обележуваме две години од смртта на нашиот професор Стефан Сидовски – Сидо. Во негова чест и сеќавање, дигитализиравме една негова тетратка со размисли на тема „мисли за слободна заедница на слободни суштества“.



Скопје, 4 септември 2016 г.

Прогресот, како развој на човештвото во напредокот на сестраното живеење, да води кон УТОПИЈА(ТА), да биде, да стане како стварност којашто засекогаш ќе се живее за секого и за сите (и што биле и ќе бидат) како среќни е свесно (или несвесно), повеќе или помалку присутна како цел, смисла којашто секој ја мечтае, копнее, се стреми и посакува. Во што се состои сето тоа?


Скопје, 8 септември 2016 г.

ПРОГРЕСОТ има смисла како крајна, ултимативна смисла, само и ако само води кон УТОПИЈА(ТА) да биде и стане СТВАРНОСТ ЗАСЕКОГАШ. Централно во оваа исказна тирада е утопијата. 
И прогресот е бесцелен доколку нѐ води кон УТОПИЈАТА. И ПРОГРЕСОТ е бесцелен доколку не води кон УТОПИЈАТА. ПРОГРЕС, иако не е целосен, сестран и сеопфатен како факт е реалитет. И најмногу што паѓа во очи е наука, техника и технологија. Тоа е мошне еднодимензионално, еднострано и мошне рестриктивно.
Утопија(та) е алфа и омега на сите усилби, напори и творечки напрегнати, а е нефактична и нереалитетна, туку замислена, имагинативна и посакувана, а A’PRIORI се мисли неизводлива, невозможна и фантазија. Со самото тоа, EO IPSO и прогресот е невозможен и апсурдна е ситуацијата, човештвото да развива технологија, техника и наука без возможна цел. Сакале или несакале, каков – таков прогрес се води. 
Но, ние не можеме да имаме увид, колку прогресот води кон УТОПИЈАТА. За тоа е неопходно
да одредиме во што се состои УТОПИЈАТА? Што е тоа што го замислуваме, фантазираме и посакуваме?


Скопје, 10 септември 2016 г.

УТОПИЈАТА per definition е посакувана и замислена состојба на живеење на човештвото што е невозможно, како во самава природа и нејзините законитости, така и со самата природа (биолошка и психичка) на човекот. А што тоа се замислува како крајно ултра и ултимативно? Нова вселена, со сосема нова структура и закони на сепостоечко во којашто природа и свет, човекот е вечно млад и во најубава форма никогаш менлива и трошна, постојано во бескрајна среќа и блаженство, а човештвото во вечна слобода на секој со секого во љубов и убавина, на бескрајна восхитеност и возвишеност на величествено славење на постоењето. Од оваа крајно ултра замисла како содржина на ултра утопијата се изведуваат утопиите што во текот на историјата на човештвото, во разни епохи и периоди кај разни мислители и разни учења и доктрини ги среќаваме од златниот период (во некогашно минато на човештвото). Изгубениот рај, па сѐ до социјалутопистите и анархистите, до научниот социјализам и комунизам.
И сите бунтови и востанија, граѓански војни и револуции, директно или индиректно, непосредно или посредно, во основа, свесно или несвесно се побудени и водени од утописки мотиви и цели, независно од нивната неуспешност и катастрофичен завршеток. Но, мора да се констатира дека во основата како двигател е утописката мотивација, а таа е: Сите луѓе и сето човештво се еднакви и треба да се живее во слобода на секој со секого во братство, а тоа е услов за среќа на секој и сите како човечки слободни суштества кои творат убавина на постоењето. И се разбира дека вака замислената мотивација како утопија мора да се конкретизира како реалност во постанување на стварност.


Скопје, 12 септември 2016 г.

Во обидот утопијата да е стварност, секој човек и сето човештво фактички се среќава и соочува со дузина разлози, препреки, фактори и причини да утопијата е невозможна како стварност. Но, со тоа е неминовен дефетизмот, дештинарството, деилузионизмот со крајно песимистичко и апатично помирување со обесмисленоста на живеењето во светов во којшто не може утопијата да е реалност. И со тоа човекот и човештвото се соочува со чудењето: зошто утопијата? Кога не е можно?! Од каде е таквата потреба во човештвото и кај секој човек, повеќе и помалку? Зошто е потребна таква илузија? Се разбира дека разјаснувањето на факторите и причините за невозможноста утопијата да е стварност ќе ни ја покаже од каде е таквата потреба кај нас, човечките суштества.


Скопје, 13 септември 2016 г.

Факторите и причините коишто ја оневозможуваат утопијата (таква како што имагинативно се замислува) да е стварност, се од објективен и субјективен карактер. Објективниот вид се: вселената и природата со своите закони; а субјективниот се: биолошката и психолошката природа на секој човек како поединец, како човештво. Воедно како фактори се: објективни: недоволно ресурси од секаков вид за да луѓето субјективно ги задоволуваат сите потреби и желби во секое време, непрекинато и целосно; а со тоа и сета историја како развој и напредок во сите насоки и димензии на сеопшт, сеопфатен прогрес е спречен да води кон утопијата како стварност.  Ако е така, а така е, тогаш која е и каква е таа потреба на човекот и човештвото да има таква илузионистичка потреба?!?


Скопје, 6 ноември 2016 г.

Потребата за утопијата да се реализира како стварност, APRIORI се смета дека е невозможна, произлегува од потребата за одбрана од обесмисленост, бесмисленост за развој, напредок, прогрес. Потоа, одбрана од прифаќањето да се живее како конечно, ограничено и бесмислено суштество во овој свет. Понатаму, да се живее без нереализираност како слободно суштество, што суштествува како среќно, хармонично на сѐ, со сѐ, и сѐ в..?-сѐ на творење на убавина. Тоа е како заложба којашто интуитивно се чувствува, а којашто треба да е стварност, а не е, и човекот, човештвото, без да може да објасни и разјасни, смета дека тоа е космичка смисла и смислата на вечното постоење.  И понатаму, потребата да се надмине сопствената конечност и ограниченост во потребата за суштествување во неограниченост и бескрајност на доживувањето на апсолутна убавина, а којашто е невозможна без апсолутна слобода со апсолутна свест.
И на крај, појавата на свест е misterium, тајна којашто води кон прогрес и утопија, без да знаеме како, кога и зошто е сето тоа. Но, ние како човечки суштества, без да имаме знаење, сме во позиција да мечтаеме и копнееме за утопијата, како слободна заедница на слободни суштества, кои еднакви во својата слобода на секој, со секого живеат среќно и творат убавина како секојдневие без престанок во доживувањето, тоа е желбата на човекот за УТОПИЈАТА!!!


Скопје, 13 ноември 2016 г.

Мечтата за утопија произлегува од негативниот фактор: отров, бол, болка, мака, мачење, страдање, несигурност, болести, немаштија, сиромаштија, нееднаквости, неправди, експлоатација и искористување на туѓ труд, работа, човек, немоќ, старост, ограниченост, конечност, беспомошност, бесмисленост, обезвреденост, беспокојност, без мир и незнаење за сѐ што е, што било и што ќе биде. Овој негативен фактор, постојано ја буди и одржува оваа мечта и ја чини да биде наш копнеж, сѐ додека овие негативни чинители се стварност во историската реалност на човештвото на оваа планета Земја и било каде во вселената, доколку е присутен овој негативен фактор со сите свои чинители, секогаш, додека има свесни човечки или други вонземни суштества, практично ќе постои мечтање за утопија и ќе е присутен копнеж за утопијата да е стварност. 
И само така ќе може да се објаснуваат (делумно) активностите, развојот и прогресот со историјата на човештвото; и секој развој и напредок на секоја свесна вонземска цивилизација во вселената. Вториот фактор за мечтата за утопија произлегува од позитивниот фактор, а тоа се: елиминирање, исчезнување, поништување и оневозможување да дејствуваат и постојат чинителите на негативниот фактор од една страна, а од друга страна (откако ќе исчезне негативниот фактор) се: слобода, бесмртност, трајна младост со снага, сила и моќ, трајна среќа, блаженство и екстаза, сестрани способности, сезнаење за сè што е, што било и што ќе биде, постојано во творечки занес и уживање во совршена убавина во постојана ентузијастичка понесеност. Овие чинители на позитивниот фактор постојано го одржуваат копнежот за утопија со крајна желба -да стане стварност (било кога, кога- тогаш, некогаш во вечноста) за сите што биле, што се и што ќе бидат, за да се СУШТЕСТВА на слободата на слободните суштества во хармонија на секој со секого во убавина на постоење во среќа, блаженство и екстаза во химничност на суштествувањето Ова е мечта, но човек сака да ја суштествува како стварност. И затоа копнее по утопија!


Скопје, 27 ноември 2016 г.

Но, утопијата стои како крајна цел, смисла и стварност што мотивира, да биде и стане како стварност, СТВАРНОСТ ШТО ЌЕ ТРАЕ, ТРАЕ, ТРАЕ ЗАСЕКОГАШ, ВЕЧНО(СТ)! Ова е ULTRA УТОПИЈА! Колку и да изгледа наивна, детска и фантазиска мечта, всушност тоа е реалност којашто е присутна како развој, напредок, прогрес којшто е присутен во секојдневието, во историјата и во замислување на иднината. Инаку, нема никакви други замисли за објаснување на тоа каде и кон што води развојот, напредокот, прогресот… Но, се појавува прашањето, од каде сме сигурни дека прогресот нужно води кон утопија, односно утопијата можно ли е да е стварност, кога сета вселена, природа и свет во којшто се живее, според своите закони (колку што ги знаеме), не дозволува да може да биде утопија како оствареност? И тогаш, што претставува прогресот?! Имагинативна фатаморгана на илузија и илузии!!!


Скопје, 23 декември 2016 г.

Може да се рече дека без ПРОГРЕС не можеме, да знаеме дека човештвото со својата историја е (или се) води кон УТОПИЈА. 
Но, исто така, можеме да изречеме дека ПРОГРЕС(ОТ) е истовремено илузија и реалност со несфатлива верба на надеж дека човештвото се приближува кон ОСТВАРЕНОСТ(А) на утопијата за да се покаже дека тоа е само уште една (слатка) фатаморгана на човештвото и секој човек (свесно и/или несвесно). 
ПРОГРЕС(ОТ) е реалност со оглед на наука, техника и технологија што условува демографски раст, енормно производтво, освојување на вселенски простори, преобразување на природа и нејзино експлоатирање, а со тоа и појава на сите контраефекти на уништување на животински видови, опустошување на предели, загадување на воздух, вода, земјиште, кршење на шуми и посеви, а сѐ тоа е РЕГРЕС како контра на ПРОГРЕСОТ којшто го предизвикува овој обратен процес, којшто паралелно се одвива како прво, правопропорционално, колку што расте прогресот (како еднодимензионален: научни, техничко-технолошки) толку и се зголемува регресот и обратнопропорционално, колку што расте регресот, толку се намалува прогресот во своја можност на сестран, а не еднодимензионален. 
Основната причина е во историјата, во зачетокот на преминот од природна состојба на луѓето во заедница кон (божем) цивилизација и култура, кога имотната нееднаквост постанува класна поделеност на човештвото со експлоатација и искористување на туѓиот труд, на другиот. И односите на човек со човек, секој со секого, сета досегашна историја ни покажува дека само се усовршува експлоатацијата, искористувањето на другиот, односно секој на секого. Затоа и не може да се рече дека прогресот е сестран (а со тоа да сме сигурни дека апроксимативно, човештвото ја чини утопијата да е стварност), туку едностран (а со тоа сме скептици дека се водиме кон стварност на утопијата), ами се покажува илузионизам којшто постанува фатаморгана со секое научно сознание, технички изуми и технолошки откритија за поголем регрес на човештвото, кога нема развој на меѓучовечки односи на живеење во слобода на секој и секого – основ и безусловен фактор за прогрес кон утопија. 
И токму затоа прогресот е илузија, покрај тоа што е реалност. 
Зошто е така?!


Скопје, 24 декември 2016 г.

Прогресот е илузија со оглед на тоа што ни еден ден не покажува дека во секојдневието, меѓучовечките односи се човечни, хумани, слободни, туку се, овака и онака, искористувачки и експлоататорски (од секаков вид карактер). А тоа се огледува од самото постоење на држава и институции, политички партии и избори, банки и даноци, милиција и војска, казни и затвори со сите нус-појави на економско-социјалните и културни услови на живеење на нееднаквости на сеопшта корумпираност: немаштија и сиромаштија, беда и мизерија, маки и страдања, болести и несреќи, неправди и проституција, со сиот пад во декаденција и дегенерираност со деструктивност и агресија од џепарење и кражби, ограбување и плачкање, рекет и подмитување, до бунтови и револт, граѓански војни и револуции, штрајкови и протести, демонстрации и војни до геноцидности и масакри, епидемии и сеопшта катаклизма на самоуништување.
Но, прогресот е реалност со оглед на научните знаења, техничките изуми и технолошките сознанија за водење на производствените процеси и можностите за благосостојба на живеење на стандард, квалитет на живеење и достоинствен живот, до конечно заминување од светов. 
Сепак, за да се согледа прогрес, е неопходно да се одредат критериуми и мерила според кои би се определило дека прогресот е прогресивен, а не лимитирачки и рестриктивен, и воедно што е најрелевантно, дали и колку води, забрзано, забавено или воопштување води кон утопијата без такви одредници, само може да се константира дека секој нов ден е ист во живеењето на немоќ да се живее човечки, слободно и среќно.


Скопје, 25 декември 2016 г.

Се разбира дека во поставување на мерила, критериуми за прогресот како почетна основа, се зема човекот и неговата слобода и среќа! Зошто? Затоа што смислата на утопијата е живеење во слобода и среќа. И оттука е сосема јасно дека сè што води кон слобода и среќа е позитивен критериум, како и сѐ што нѐ води (или цпрелува) кон слобода и среќа е негативен критериум. И како мерило е аксомата. Оптимални препоставки и максимални услови на живење на секое човечко суштество на оваа планета Земја во стандард, квалитет и достоинствено живеење на овој свет и заминување од светов со јасно спознаение и знаење дека смислата на живеење во вечност е слобода и среќа.
И прогресот се огледува во секојдневието во меѓучовечките односи на секој со секого, овде и сега и насекаде, колку секој си е слободен и ја твори убавината на живеење како среќа.


Скопје, 27 декември 2016 г.

И ПРОГРЕСОТ може да се одреди како:
Секој ден се одвива постепено одумирање на сите институции на државата со правото, обичаите и моралот, религиите и етиката. Како институции на регулирање на односот на човек со човек, на сите меѓучовечки односи, коишто постепено, како што се усовршува секое човечко суштество во својата свест и природа, како и со создавањето на сеопшта благосостојба (со наука, техника и технологија) на можности секој човек да ги задоволува своите потреби и желби за стандард, квалитети, достоинствено живеење и заминување од светов на постоење, меѓучовечки односи, се исклучиво еднакви во слобода на секој со секого и секој твор убавина на среќа.
И крајна цел на прогресот е утопијата да е стварност, стварност на слобода и среќа. И тоа е „вечен свет на вечно живеење на среќа“. Во тоа е смислата на историјата на човештвото и сите активности што ги практикува. И спекулативно искажано, утопијата е цел и смисла на сето човештво, историја и еволуција на вселената во постанување на стварност на „вечен свет на вечно живеење во среќа“.
Вака поставено како критериум за прогрес, ние можеме да согледаме дали и колку сигурно се одвива или на напредокот и на основа на тоа, да можеме да речеме:
Прогресот се одвива во човештвото како смисла за секое човечко суштество како цел на нивното постоење.
Според тоа што сме го поставиле како критериум за прогрес, на основа на секојдневието и сета сегашна историја на човештвото, фактички се покажува дека развојот е едностран и напредокот не е сигурен за да може да се рече дека се одвива прогрес. Како?
Во секојдневието и историјата ни најмалку, според негативниот критериум, не се намалуваат или исчезнуваат сите негативни појави (коишто ги наведовме порано) – од една страна, а од друга страна, според позитивниот критериум не се востануваат појави (коишто ги наведовме порано) со коишто ќе се согледува дека се одвива ПРОГРЕС. И оттука, сосем јасно следи дека на основа на едностран развој и несигурен напредок, не можеме да сметаме дека се одвива ПРОГРЕС во историјата и во секојдневието. Ние можеме да мислиме за ПРОГРЕС, исклучиво како СЕСТРАН и СИГУРЕН. А како?
Со тоа што, на основа на негативниот критериум, да согледаме дека се намалуваат или исчезнуваат сите негативни појави, а на основа на позитивниот критериум, да забележиме дека се воспоставуваат и множат позитивните појави во секојдневието и историјата.
И според едниот и според другиот критериум, ние согледуваме и забележуваме дека не се одвива прогрес, туку само едностран развој и несигурен напредок на човештвото и човечкото суштество.
А едностраност и несигурност е скриена стапка на залутаност и изгубеност во бескрајот на постоењето.


Скопје, 28 декември 2016 г.

Сосем јасно се согледува дека ПРОГРЕС не се одвива со самиот факт дека сите негативни општествено (патолошко социјални) цивилизациски појави од војна до ситен крадец (џепчија), не само што опстојуваат низ сета историја, туку истите неверојатно се „усовршуваат" до „совршенство" сходно на даденото социјално миље и амбиент. А тоа значи дека како константа во сета историја на човештвото се провлекуваат фактори коишто наследно се пренесуваат од епоха во епоха, а коишто ги условуваат и одржуваат таквите појави, коишто не ни даваат за право да мислиме, а камоли да тврдиме категорички дека се одвива прогрес.
Тоа е една страна. А другата страна, се состои во мошне забавено и со повремени несигурни напредоци и едностран развој се одвива мошне, мошне тешко и со голема цена на менување и воспоставување на појави од мир, па до слобода и среќа на живеење на секој со секого. Тоа покажува дека се отсутни фактори коишто би ги елиминирале сите фактори што ги условуваат негативните појави, а ќе ги воспоставуваат безбедноста, мирот, слободата, среќата...
Ова само нѐ убедува дека во природата на човекот постои структурална основа за неможност да човекот се преобразува во суштество кое ќе воспоставува и живее мир, среќа...
Тоа го потврдува сета досегашна историја на човештвото.
И кои се тие фактори?
Како прво, потреби (многубројни) и желби (безбројни) што сите луѓе сакаат да ги задоволат и да ги уживаат. А за тоа нема соодветен број на предметности и објектности со коишто сите би се задоволиле и уживале. (И ова е фактор за сите негативни појави во човештвото);
Второ, демографскиот фактор на раст на населението и (неможноста) на контролирано, планомерно раѓање. И ова предизвикува борба за животен простор и територија на планетава Земја.
Трето, структурална основа на човековата природа се нагони и инстинкти коишто го определуваат свесно или несвесно, рационално или ирационално, логички или паталошки во своите постапки и поведенија во зависност од тоа колку и како се задоволени инстинктите и нагоните.
Четврто, отсуството на аподиктично и категорично знаење за смислата на живеење на овој свет, како и незнаењето со стравот од умирање, чини човек да е обземен со страста за алчност како самоизмама на одбрана од смртта и бесмисленоста на постоење во светов.
Сиве набројани фактори ги детерминираат, условуваат и одржуваат како константа низ историјата и во секојдневието, сите негативни појави во човештвото.
Без елиминирање, исчезнување или модифицирање, преобразување на овие фактори, не може да се случува или очекува прогрес! Напротив! Регрес!
Потребни се други фактори како константна основа за прогрес кон воспоставување на слободна заедница на слободни суштества.
Како прво, знаење за смислата на живеење, а со тоа сосем изменет, поинаков став кон крајот на живеење на овој свет (да се елиминира стравот од умирање како страст);
Второ, знаење за воспитување, образување и преобразување на нагоните и инстинктите како енергетски сили за творење на убавина и среќа како слободно суштество.
Трето, знаење за воспоставување на заедница на слободни суштества кои живеат на овој свет, знаејќи како да се организираат во поглед на задоволување на потребите и уживање на желбите за среќен живот.
Тоа и такво знаење човештвото го нема, но и да го има, затајува во секој поглед. Доказот е секојдневието и историјата како приказ на секојдневието низ епохи.
И сосем јасно, следи без знаење нема прогрес, а без прогрес не може утопијата да е стварност.
И утопијата е мечтателна замисла за слободни суштества во слободна заедница на живеење на среќа и убавина.


Скопје, 29 декември 2016 г.

Доколку е сестран развојот и доколку е сигурен напредокот, дотолку ќе се одвива прогрес којшто ќе се огледува во секојдневието на живеењето на луѓето од улицата, па сѐ до стадионите, концертите и забавите во меѓусебните односи на секој со секого, во творењето на убавината која и со која ќе се живее среќно.
Прогресот го менува секојдневието и се појавува нова стварност којашто и историски се воспоставува реалитет на прогрес којшто како утопија постанува стварност.
Утопијата постанувајќи стварност, престанува да е утопија, а стварноста постанувајќи утопија, престанува да е стварност.
Стварноста е слободна заедница на слободни суштества кои творат убавина и живеат среќа.
Оваа стварност постанува ,,вечност“, а тоа значи слободните суштества се ,,вечни“ и живеат во свет и вселена којашто е ,,вечна“.
И тоа е ,,вечен свет на вечно живеење на среќа“.
А тоа претпоставува нов свет со сосем други закони, закони на (бесмртно) ,,вечно живеење на среќа“.
,,Вечниот свет на вечно живеење на среќа“ е апсолутна негација на овој свет и вселена на минливост и трошност, менливост и пропадливост, исчезнување и небиднина.
Во ,,вечниот свет на вечно живеење на среќа“ никогаш нема и не може да се случува заситеност, досада и монотонија од среќата, туку засекогаш занес, понесеност, ентузијазам, екстаза... Така мечтателно човек ја замислува утопијата како стварност и стварноста како утопија. А тоа е ,,вечниот свет на вечно живеење на среќа“. Само таква ,,вечност“ се прифаќа да се живее, а никаква поинаква. Ако не е таква, а мора да се живее ,,вечно“, тогаш за човекот  најдобро би било да никогаш не постанал и не постои.
Каква е вечноста? Тоа апсолутно е непознато и непознатливо. А тоа што умот на човекот мисли за ,,вечност“ е негов поим, замисла, идеја,  којшто спекулативно ја мисли и промислува за да историјата и секојдневието се проникне или осознае смисла!
Целта на развојот и напредокот е прогрес, а смислата на прогресот е утопијата да постане стварност како ,,вечен свет на вечно живеење на среќа“.
Смислата на ,,вечно живеење на среќа“ е:
постојано и непрекинато творење на убавина којашто никогаш не може да е апсолутна во создавањето, а секогаш е создадена и се живее како апсолутна во занес.
Ова е крајот на можноста домислување на спекулацијата на умот на човекот во неговата размисла за смислата на секојдневието и историјата.


Скопје, 30 декември 2016 г.

Смислата на секојдневието е постојано и непрекинато творење на убавина. И на ваква поставеност, мотивираност и цел, секојдневието од ден за ден, постојано мора (би требало) да се менува насекаде, било каде и секогаш.
И така ќе може практично да се согледува развојот и напредокот во секој поглед. И така, смислата на историјата ќе биде прогрес што од период до период, од етапа до етапа, од епоха до епоха, ќе се воочува правец кон стварност на утопијата, а којашто ќе се согледува во секојдневното живеење на секој со секого кон еднаквост на слобода и уживање на среќата.
Но, историјата тоа не го покажува, а во секојдневието воопшто не се воочува промена. Зошто? Затоа што основните фактори ја репродуцираат истата историска реалност (на експлоатација и искористување) и секојдневие со иста структурираност на борба за живот, конкуренција и обесмислено живеење.


Скопје, 1 јануари 2017 г.

Без да се разорат, распаднат и елиминираат, исчезнат факторите коишто ја одржуваат историјата иста и секојдневието исто, не може воопшто да се мисли и говори за развој и напредок на човекот и човештвото.
Без развој и напредок, не може да се мисли за прогрес. И без прогрес не може да се мечтае за утопија, утопија како стварност.
Утопијата е оправдувањето и смислата на сестраните напори и сите видови активности на човештвото како крајна цел. Без тоа, сета историја е редење на апсурд до апсурд, а секојдневието е живеење на бесмислици како илузии колективни и индивидуални, масовни и поединечни.
И сосем нормално е масовно самоуништување на човештвото (независно во каква форма тоа ќе се изведе), исчезнувањето од постоење. Но, тоа не се случува, туку напротив и понатаму континуирано се одвива секојдневието и историјата на човештвото. Зошто? Затоа што во човештвото постои необјаснив копнеж и стремеж дека еднаш ќе (мора) да се живее (незнајно кога, а сепак кога-тогаш) утопијата.
Утопијата е ултра ултимативна мечта, копнеж и стремеж на секој човек и човештво да се суштествува како реализирана смисла на постоењето, вселената, природата, животот, човекот, секојдневието, историјата и космичката еволуција на ,,вечноста“.
Утопијата е alfa и omega за човештвото во неговата историја и секојдневие, отсекогаш и засекогаш!


Скопје, 2 јануари 2017 г.

Може да се рече дека утопијата е мечта за вечноста. И вечноста човекот и човештвото ја замислуваат како крајна дестинација и цех на сѐ, од еволуција на вселената, историјата и прогресот; и сите човечки суштества што биле и што се, се бесмртни и вечни и суштествуваат со слобода, среќа и творат убавина во величествено и велелепно славење на суштествувањето на вечноста. 
Така замислената вечност е утопијата којашто е проекција на мислена слободна заедница на слободни суштества.
Целта за слободна заедница е мотивација на овоземноста на луѓето како човечки суштества кои не се реализирани како слободни суштества, а коешто е мотив да се усовршуваат да се тоа, за да живеат во слобода на заедница, во којашто ќе ја живеат среќата.
Тоа се мотивите на секој човек во секојдневието и на човештвото во и низ историјата. Повеќе или помалку, тоа е мотивацијата на сите активности на луѓето во секојдневието и на сите напори и активности на човештвото во и низ историјата. Тоа е смислата слобода и среќа. А со слободата и среќата се суштествуваат убавината којашто се создава и твори само во слобода и среќа. Тоа е утопијата како вечност и вечноста како утопија.


Скопје, 3 јануари 2017 г.

Доколку утопијата постане како вечност, дотолку тоа ќе е стварност на: Слободни суштества на слободна заедница којашто фактички започнува одовде, овоземноста на живеење на човечките суштества со повеќе или помалку свесност за јасноста да се усовршува секој во слобода и среќа низ творење на убавина на живеење овде и сета за таму и во (иднината) на вечноста, којашто е како утопија, којашто е мотив за развој, напредок и прогрес!


Скопје, 4 јануари 2017 г.

Според логиката на мотивацијата, развој кон напредок којшто води кон прогрес, следи дека последно како rаison d’être и sumum bonum е утопијата како стварност којашто е вечна. А тоа е суштествување на слободни суштества во слободна заедница на секој со секого еднакви во слободата, максимално ангажирано во творење на убавина со оптимално живеење на среќа на секое слободно суштество. Ова и овде во овоземноста се живее во примитивна и рудиментарна фирма.
Оттука и следи дека за да се живее утопијата како стварност којашто е вечна, всушност човечките суштества треба да се слободни суштества кои ќе живеат во слободна заедница.
А за тоа е неопходно човечките суштества да се развиваат и напредуваат како слободни суштества, а човештвото во својот прогрес да се усоврши во слободна заедница на слободни суштества.
И оттука смислата на усовршување е слобода и среќа на секој со секого.


Скопје, 5 јануари 2017 г.

Смислата на усовршувањето на човекот е слободата на живеење на среќа за да се твори убавина, убаво како raison d’être, conditiosine qua non и sumum bonum.
А смислата на човештвото во усовршување е да се преобрази во заедница на слобода на секој со секого во творење на убавина за да се живее среќа.
Ова усовршување на човекот и човештвото се огледува во утопијата да постане стварност низ прогрес што води кон „вечност“ а се одвива низ развој и напредок.
А тоа се провлекува низ потребите и желбите. Крајната цел на сите потреби и желби е слобода и среќа, а содржина на живеење и доживување е убаво. Тоа се одвива во секојдневието, свесно – несвесно, простотилак и вулгарно, примитивно и кичесто, со невкус и вкус, ограничено и мизерно; а се стреми кон перфекционизам и совршенство, восхитеност и величественост, прекрасност и славење како „вечна убавина“. И усовршувањето е сеопфатен процес на преобразба на секојдневието како беда и мизерија, грдост и грозност на временско илузионистичко (самоизмамувачко) егзистирање во стварност на слобода и среќа на слободни суштества кои творат убавина на вечно суштествување на величественост и возвишеност на убаво во сјај и слава на слободни суштества на заедница на слобода и среќа. Во тоа е сета смисла на усовршувањето. Инаку е грда, грозна и ужасна самоизмама.
Но, за тоа како доказ треба да биде секојдневието овде и сега, како и историјата сега и во иднината во конкретизираност на процес.
Е, тука веќе сме пред вчудоневиденост и занеменост како пред секојдневието, така и пред историјата. Не се согледува прогрес, туку самоизмамувачки едностран развој на примитивен напредок на наука, техника и технологија којшто не ветува слобода и среќа, туку повеќе контрола и егзистенција на неслободни суштества под принуда. Тоа е поразителен парадокс!!!


Скопје, 6 јануари 2017 г.

Се разбира дека напредокот може да се согледа доколку и дотолку имаме критериуми според коишто ќе се одредува кој е и што е напредок.
Критериуми можат да се постават разни, сѐ тоа зависи од која гледна точка на цели и вредности ќе ги поставиме.
Така, за нашата размисла за прогресот како оприсутнување на утопијата како стварност, а воедно и кон „вечно живеење на слобода и среќа со творење на убавина“, критериумот е:
прво, историјата како временски тек на секојдневија (коишто настануваат и нестануваат) дали и колку исчезнуваат сите негативни појави од навреда до војни?
И според овој критериум не се одвива прогрес, ами, само конзервирање на траење на негативните појави (од навреди до војни) и нивно „напредување во усовршеност“ да бидат тоа што се: деструктивни, агресивни и уништувачки.
Второ, во организираноста на општеството како заедница на човечки суштества во економскиот, социјалниот, политичкиот и културниот живот, дали и колку луѓето се слободни, образовани и култивирани да ја живеат среќата и убавината, а колку се намалува и исчезнува експлоатацијата на човек од човек, како и искористувањето на човек од човек во секој поглед и од секаков вид.
И според овој критеријум не се одвива прогрес, напротив! Се одвива „напредок во експлоатацијата и искористувањето на човек од човек со регрес кон простотилак, мизерија и „кич“ во живеењето.
Трето, какво е знењето на човештвото за да се развие секое човечко суштество во слободно суштество кое е усовршено да живее во заедница на слободни суштества, а не под принуда, закана, страв и казна да живее под принудност во држава со сите институции со коишто и од коишто настануваат корумпираност, криминал и нееднаквости како основа за сите негативни појави од навреда до војни, на експлоатација и искористувања.
И според овој критериум немаме прогрес во човештвото, туку застранетост на едностраност на напредок на науката, техниката и технологијата, што доведува до деструктивност во однос на природата.
Според овие критериуми, не се воочува напредок како прогрес на утопијата да е стварност, а со тоа e o ipso секојдневието и историјата не се показатели за „вечен свет на вечно живеење на слобода и среќа со творење на убавина“.
И утопијата е утопија, само поради тоа што не може да е стварност.


Скопје, 7 јануари 2017 г.

Секојдневието е показ и доказ за прогрес, мерило и критериуми за развој и напредок, состојби и ситуации како конкретизирање на утопијата во од на постанување на стварност; а историјата како след на сукцесивност на секојдневија е показ и доказ, мерило и критериуми за апроксимација кон слободна заедница на слободни суштества кои живеат среќа, творат убавина на постоење и ја преобразуваат природата и вселената во нов „вечен свет на слободни суштества во живеење на убавината засекогаш во бескрајот на прекрасноста.“
Тоа е синопсисот на спекулацијата на човековиот ум во домислување на смислата на развојот и напредокот на сите човекови активности како човештво, усовршувањето на секое човечко суштество; прогресот и утопијата, и на крај „вечниот живот на слобода и среќа“.
И тоа е граница на спекулирањето на човековиот ум. Сценариото и реализацијата си се огледува во сечиј човечки живот, во секојдневието и историјата на човештвото, со сета несигурност, неизвесно и само измамена вообразеност на заблуди и заблуди.
Тоа е историскиот процес на секојдневијата во одот на смисла или бесмисла.
Тоа е космичката драма на човекот и човештвото во прашањето да се биде (бивствува) или да не се биде (небиднина) во „вечноста“?!


Скопје, 8 јануари 2017 г.

 Се покажува дека крајниот домет на спеклуацијата е мислење на:
Слободни суштества на слободна заедница којашто живее среќа и твори убавина.
Сите слободни суштества се „вечни“ и „вечна е слободната заедница и „вечно е живеењето на среќа и творење на убавина.“
Ова е крајниот домет на спекулативната имагинација, а тоа е мерило и критериум за секојдневието и исотријата во нивното преобразување како ПРОГРЕС што се води од УТОПИЈАТА, а кон „вечност“. Зошто?!


Скопје, 10 јануари 2017 г.

Прогрес без реализирање на утопија(та) е бесцелно, репететивно и мултиплицирање на изуми коишто го надминуваат човекот во неговите напори и активности, а без да имаат смисла.
Како што утопијата е бесмислена во својата илузионистичка самоизмама на фатаморгана без да е „вечен свет на вечно живеење во слобода и среќа со творењата на убавината“.
Токму овде е најскриениот, примордијален порив на човекот и човештвото за развој и напредок, прогрес и утопија.
Без таквиот порив, човекот и човештвото, мораат да се соочат очи во очи со објективноста на бесцелноста и бесмисленоста на сите негови активности, секојдневија и историја.
Тоа што го мисли како прогрес, ќе е илузионизам на одбрана од залудноста на постоење без да се изведе масовно самоубиство на самоуништување на непостоење и ова е само една двојба на несигурноста во поривот за прогрес и утопија е посредување помеѓу секојдневието и „вечен свет на вечно живеење во слобода и среќа со творењата на убавината“.
Оваа медијаторска улога на поривот во човекот и човештвото, колку – толку му дава легитимитет на осмислување на постоење на човекот и човештвото.


Скопје, 11 јануари 2017 г.

Доколку ПРОГРЕСОТ води кон УТОПИЈАТА, а со тоа посредуваат од секојдневијата и историјата кон „вечен свет на вечно живеење во слобода и среќа со творењата на убавината“, дотолку во самиот прогрес се содржи тенденцијата (којашто се провлекува и води кон утопијата односно „вечниот свет на вечно живеење на слобода и среќа со творење на убавина“. Што може да биде во прогресот како тенденција што (индиректно или директно) води кон утопијата?

Од сѐ што можеме да наведеме, наброиме и одредиме критериуми за прогрес, сѐ тоа ќе е ефемерно (како изуми во вид на техника и технологија, потреби и желби на одреден стил на живеење; социјален живот и организирање на заедницата итн), а единствено како етернално е знаење, со коешто сосем сигурно сѐ ќе се знае, што било, што е и што ќе биде, кога сите човечки суштества, што биле, се и ќе бидат во иднина, ќе постанат со знаењето, слободни суштества на слободна заедница којашто е во „вечниот свет на вечно живеење на слобода и среќа со творење на убавина“.
ЗНАЕЊЕ! Во тоа е ПРОГРЕСОТ. 
Но, не еднострано знаење (како што е на современиов свет на науката, техниката и технологијата) туку сестрано (коешто човештвото сѐ уште не го достигнало и не се води според такво знаење) коешто ќе значи сестрано симултано и сукцесивно усовршување на човечкото суштество, секојдневието во постојана преобразба на живеење во слобода, историјата како преобразен од, тек на отвареност на утопијата со преобразување на природата и кон вечниот свет на вечно живеење на слобода и среќа со творење на убавина“.


Скопје, 12 јануари 2017 г.

Се разбира дека напредокот може да се согледа доколку и дотолку имаме критериуми според коишто ќе се одредува кој е и што е напредок.
Критериуми можат да се постават разни, сѐ тоа зависи од која гледна точка на цели и вредности ќе ги поставиме.
Така, за нашата размисла за прогресот како оприсутнување на утопијата како стварност, а воедно и кон „вечно живеење на слобода и среќа со творење на убавина“, критериумот е:
прво, историјата како временски тек на секојдневија (коишто настануваат и нестануваат) дали и колку исчезнуваат сите негативни појави од навреда до војни?
И според овој критериум не се одвива прогрес, ами, само конзервирање на траење на негативните појави (од навреди до војни) и нивно „напредување во усовршеност“ да бидат тоа што се: деструктивни, агресивни и уништувачки.
Второ, во организираноста на општеството како заедница на човечки суштества во економскиот, социјалниот, политичкиот и културниот живот, дали и колку луѓето се слободни, образовани и култивирани да ја живеат среќата и убавината, а колку се намалува и исчезнува експлоатацијата на човек од човек, како и искористувањето на човек од човек во секој поглед и од секаков вид.
И според овој критеријум не се одвива прогрес, напротив! Се одвива „напредок во експлоатацијата и искористувањето на човек од човек со регрес кон простотилак, мизерија и „кич“ во живеењето.
Трето, какво е знењето на човештвото за да се развие секое човечко суштество во слободно суштество кое е усовршено да живее во заедница на слободни суштества, а не под принуда, закана, страв и казна да живее под принудност во држава со сите институции со коишто и од коишто настануваат корумпираност, криминал и нееднаквости како основа за сите негативни појави од навреда до војни, на експлоатација и искористувања.
И според овој критериум немаме прогрес во човештвото, туку застранетост на едностраност на напредок на науката, техниката и технологијата, што доведува до деструктивност во однос на природата.
Според овие критериуми, не се воочува напредок како прогрес на утопијата да е стварност, а со тоа e o ipso секојдневието и историјата не се показатели за „вечен свет на вечно живеење на слобода и среќа со творење на убавина“.
И утопијата е утопија, само поради тоа што не може да е стварност.


Скопје, 13 јануари 2017 г.

Утопијата не може да биде стварност поради тоа, што човекот не може и не е СЛОБОДНО СУШТЕСТВО. А мора да се разликуваат:
прво, човек како живо суштество, како животно кое припаѓа на животинскиот вид -човек. И како животно е; или ѕвер, див, припитомен;
второ, човек како живо суштество кое е социјализирано но, сѐ уште е нагонски водено од борба за опстанок, алчност и себичност, кој мимикрично се култивира да живее во цивилизација со прикриен нарцизам на егоистични побуди и задоволства;
трето, човек како очовечено суштество кое постанало човечен човек кој живее со култура и во заедништво на исти, општоважечки вредности на секој со секого како човечен човек; и; и четврто, човек кој постанува слободен и се преобразува во слободно суштество кое суштествува како среќно суштество кое твори убавина во сѐ и насекаде како основа за слободна заедница на слободни суштества.
На основа на оваа класификација, единствено со четвртата група може утопијата да е стварност.
Сета досегашна историја на човештвото и во современиов миг на човештвото ги има најмногу првата и втората група и мошне малку третата група.
Разочарувачки! Очигледно реално и шокантно!
Зошто?!?
Затоа што човештвото живее;
прво, со вообразба (којашто е ноторна измама) дека развојот на науката, техниката и технологијата го издига и усовршува како човечко суштество, а без да согледува дека секојдневно е ѕвер, див, алчен, себичен, нарцисоиден, питом, егоистичен, кое со техниката и технологијата може во секој момент да разори и уништува. Впрочем и тоа го прави.
Второ, неверојатна високософистицирана заблуда дека се располага со неверојатно знаење по квантум и вистини, а сѐ уште се живее во беда и мизерија во секој поглед. Три четвртини од човештвото. И какво е тоа знаење, кога општеството се организира со држава, институции, а полицијата како чувари-загари, одржува ред и безбедност (прашање и колку)? Каде е знаењето да општеството биде поинаку воспоставено?! Го нема!
Трето, сето досегашно знаење во човештвото за воспитување и образование потполно промашило кога досега, во досегашната историја на човештвото, не успеало да го очовечува човекот како човечен човек. Го нема!
А што да речеме за слободно суштество!?
И без сигурно, вистинско и категорично знаење не може да се воспитува и образува човек како слободно суштество.
И без слободно суштество не може утопијата да постане стварност, а камоли „вечен свет на вечно живеење во слобода, среќа и творење на убавина“.
Со оглед на констатираното човештвото со сета своја досегашна историја и современа цивилизација и култура, е траги-комедија на лакрдија, гротеска и фарса на изгубени и дезориентирани во бескрајот на постоењето со големата вообразба на ум и интелигенција и голема заблуда за прогрес.
Зошто?!
Пред сѐ, треба да земеме предвид следново како аксиоми:
Човек не може да се знае себеси сѐ додека не стане апсолутно слободен. И кога ќе биде апсолутно слободен, тогаш ќе знае за себе сѐ.
Апсолутно слободен не може да се биде во овој свет, со ова тело, со оваа психа, со оваа структура на ум и со оваа структура на постоење.
Следи, човек се спознава себеси, ама не може да се спознае.
И додека живее во оваков свет, каков што е структуриран, до крајот на својот престој во светов, ќе остане неосознаен.
И додека живее во светов, ќе се спознава. Но, нема да може да се спознае без да е апсолутно слободен!.
А апсолутно слободен човек е само тогаш, кога не живее со ниедна потреба и желба (кои секогаш чинат да си зависен и условуван, принуден и ограничен, потчинет и понизен), без тело, организам (коишто те одредуваат и прават да си конечен, ограничен и принудено условен), а само исклучиво како свест (неограничен, независен од ништо засекогаш и бескраен во екстаза).
Можно ли е?!?
Само во таква апсолутна слобода може човек да се спознае себеси! Што е, каков е, што сѐ може и зошто е!
И со тоа да е слободно суштество неограничено и независно, а не човечко суштество условено и принудено.
Со апсолутна слобода воедно, се повлекува и АПСОЛУТНО ЗНАЕЊЕ како СЕЗНАЕЊЕ за сѐ, што било, што е и што ќе биде.
СЕЗНАЕЊЕ Е, ЗА СЕКОЕ ПРАШАЊЕ ЗА БИЛО ШТО СЛЕДИ АПСОЛУТНО ВИСТИНИТ, КАТЕГОРИЧЕН И АПОДИКТИЧЕН ОДГОВОР КАКО НЕПРИКОСНОВЕНА ВИСТИНА;
СЕЗНАЕЊЕ СО КОЕШТО НЕПОГРЕШЛИВО ЌЕ СЕ РАБОТИ, ИЗВЕДУВА И РЕАЛИЗИРААТ ЦЕЛИТЕ.
Со СЕЗНАЕЊЕ СЕ САКА АПСОЛУТНА СИГУРНОСТ ЗА ДА СЕ БИДЕ АПСОЛУТНО СЛОБОДЕН.
И со АПСОЛУТНО ЗНАЕЊЕ ЗНАЧИ АПСОЛУТНА СВЕСНОСТ КАКО, АПСОЛУТНА СВЕСТ НА СЕОПФАТНОСТ.
И како содржина на АПСОЛУТНАТА СВЕСТ Е АПСОЛУТНА УБАВИНА КОЈАШТО Е СМИСЛА НА ТВОРЕЊЕ НА АПСОЛУТНО ЗНАЕЊЕ НА АПСОЛУТНА СЛОБОДА ВО НЕПРЕСТАЈНО ДОЖИВУВАЊЕ НА УБАВИНА КАКО ЕКСТАТИЧНОСТ, ЕКСТАЗА.
На основа на оваа аксиоматичност, може да се согледа вообразеност за прогрес како наука, техника и технологија.


Скопје, 14 јануари 2017 г.

Современава цивилизација и култура со својот еднодимензионален развој на науката, техниката и технологијата и симплифициран напредок на човештвото во поглед на ПРОГРЕС, се покажува како дезориентирана на СМИСЛА на живеење и творење.
Тоа е така поради приоритетност на банкари, политичари, бизнисмени (трговци) и генерали како паразитска елита на општеството, човештвото, да донесуваат и одлучуваат за одлуки коишто не се во сооднос со СМИСЛАТА НА ЖИВЕЕЊЕ, ПОСТОЕЊЕ.


Скопје, 15 јануари 2017 г.

Сите педагошки теории и системи во поглед на воспитание и образование се покажале во основа промашени, кога ниту воспитуваат, ниту образуваат човечен човек, туку работна стока којашто на пазарот на трудот ќе се продава според понудата и побарувачката.
А очовечен човек?! А човечен човек?!
Од тоа нема ни трага во современиов свет. Педагошките теории и дидактики со методики се во функции на формирање на работна стока. 
Исто така, спиритуалните доктрини и практики не покажале некоја успешност во очовечувањето на човекот како човечен човек, туку повеќето се дресура на дисциплинирање, којашто се судрува со општествената реалност, што ќе се рече, секојдневие.
И овие доктрини и практики и не се застапени во воспитно – образовниот процес кога практично е најважно за секое дете и момче, девојче и момиче. Освен тоа, како учења најмалку учат за општеството како реалитет и државата како поредок којшто го диктира во обликувањето на поведението, коешто најчесто во противречност со учењата и доктрините.
Оттука се покажува дека човештвото нема категорично и аподиктично знаење со коешто ќе може од генерација на генерација да воспитува и образува човечен човек. Што помасовно, бројно и да се види ново во човештвото како генерации на човечен човек.
Човештвото го нема тоа знаење коешто практично би се применувало.


Скопје, 16 јануари 2017 г.

Показатели за тоа, дека педагошките теории и системи како и спиритуалните учења и практики се валидни, би се огледувало во генерации и генерации на човечен човек во секојдневието. А тоа може да се огледа колку исчезнуваат сите негативни појави (од навреди до војни), а сѐ повеќе позитивни појави (од достоинствено живеење до потполна слобода на живеење во среќа и творење на убавина). И кога навистина се очекуваат како на човечен човек, тоа сосем практично ќе се види со исчезнување на држава како апарат со сите институции, од полиција, затвори и судство, до војска и војни.
На основа на овие критериуми, не може да се рече дека човештвото е заедница на човечен човек, туку со принуда, страв и казна сѐ уште е животински вид на род на сѐ уште неочовечен човек со некакво социјализирање во општества ANIAS држава. 

Да се воспитува и образува човечен човек, значи кој живее со култура и во заедништво на исти, општоважечки вредности на секој со секого како човечен човек кој постанува во своето, кој со совршување како слободно суштество.
А слободното суштество е среќно суштество кое твори убавина во сѐ и насекаде како основа за слободна заедница на слободни суштества. 
Да се образува такво суштество, човештвото сѐ уште нема знаење со коешто уште од самото раѓање ќе се воспитуваат во хармонија на тело (сома), душа (психа) и дух (spiritus) со јасна смисла на живеење и сигурно знаење за светот.
Тоа и такво знаење го нема човештвото. Да го имаше, белким немаше да биде оваков светот на меѓучовечките односи во коишто секогаш имаме меѓусебно искористување и експлоатација. Без такво образование, ќе се остане на живо суштество кое е социјализирано да живее под принуда на ствари и казна во институции на апарат-држава.


Скопје, 17 јануари 2017 г.

Нечовечен човек живее од принуда и со принуда во општеството ANIAS државата со другиот, другите заради неможноста да опстане сама да се одржува во егзистенцијата за задоволување на своите потреби и желби, не може без другите. И токму тоа живеење со другите, е од егзистенцијалната принуда. И со таквата принуда не може да се очекува слобода, а камоли да се живее како човечен човек.
Човечниот човек е степен на ниво на освестеност на свест да се биде слободно суштество.
Слободното суштество живее со другиот, другите само, исклучиво како слободни суштества. Инаку, поинаку не може. Зошто? Затоа што ќе го деградираат во неговата слобода и ќе се регресира во нечовечен човек.
Инаку, слободните суштества живеат во заедништво и во еднаквост заради творењето на убавина и ја живеат среќата. Тоа е смислата на заедништвото на слободните суштества. Инаку, ако не е тоа, нема зошто да се живее во заедништво и еднаквост. Но, заедништвото и еднаквоста како conditio sine qua non и како raison d’être е заради творење на убавина и живеење на/во среќа е sumum bonum,  не може да се реализира како стварност, бидејќи човекот како живо суштество е, пред сѐ и над сѐ биолошко суштество, коешто е условено и диктирано од нагоните и инстинктите, потребите и желбите со сите нивни дериванти, како страсти и изживувања, што не можат да се задоволат на сите подеднакво во ист број и квалитет. И токму тоа е факторот на предизвикувањата на нееднаквоста (и затоа се појавува држава како апарат со сите институции легитимно и легално да се одржува таквиот поредок) и на неправди.
А со нееднаквостите и неправдите, не е можно заедништво. И на овој свет и природа со сите законитости, не е можно еднаквост и заедништво на слободни суштества, сѐ додека се биолошки и социјални суштества со потреби и желби.
И оттука следи: Слободни суштества се нови суштества кои не се биолошки и социјални; кои не се условени и диктирани од потреби и желби, туку се без потреби и желби и кои живеат во сосема друга (за нас незнајна) природа и вселена, во нов свет во којшто живеат слободно, среќно и творат убавина.
Затоа не знаеме ништо; и ова е само спекулативна имагинација на човечкиот ум да ја искаже потребата и мечтата на човечкото суштество да ја живее УТОПИЈАТА!!!


Скопје, 18 јануари 2017 г.

Утопијата е стварност само за слободни суштества кои живеат слободно, среќно и творат убавина како основа за хармонија на слободна заедница, хармонија е смислата на убавината којашто истовремено секој ја живее „доживува и твори, како и сите, истовремено, ја творат, доживуваат и живеат“.
Утопијата за човечките суштества е само фантазија и мечта, а во стварноста живеат во држава како неслободни, несреќни и бедно, во борбата за опстанок. Со сите неправди и нееднаквости, искористувања и експлоатација на секој со секого и со хиерархија и субординација на однос управувач и управуван во дискриминации и корумпираност и насилие на секој со секого.
Утопијата е фантазија за човечките суштества, а за слободните суштества е стварност.
Државата за слободните суштества е понижување, бласфемија и деградираност, а за човечкото суштество е обратно, држава е нормалност, а за слободните суштества е лудост, затвор, логор...


Скопје, 19 јануари 2017 г.

Сѐ додека се живее во држава, сѐ дотогаш живеат човечки суштества како неслободни суштества, кои повеќе, кои помалку нивоа на свест, со повеќе или помалку печатење за утопијата којашто никогаш нема да биде стварност на оваа планета Земја; живеење со потреби и желби коишто секогаш ќе одредува човечките суштества да се со недостатоци, несовршени и нееднакви. А тоа е основа за непостоење хармонија на секој со секого. 
А хармонијата е со нова и услов за утопијата како стварност и да живеат слободни суштества, во заедница на слобода, среќа и убавина. Слободните суштества живеат без потреби и желби, а со тоа без недостатоци совршени и еднакви во слобода, среќа и творење на убавина.
Сите живеат во хармонија на секој со секого. А хармонијата е со нова и услов за утопијата како стварност и да живеат слободни суштества во заедничка слобода, среќа и убавина.
Сите живеат во хармонија на секој со секого. А со тоа, слободна заедница на слободни суштества.
Тоа во овој Универзум и планета Земја со сите законитости не може да биде, туку во нов Универзум и планета со законитости коишто ќе го овозможуваат:
Суштествувањето на слободни суштества во слободна заедница на слобода, среќа и убавина. И смислата е творење на убавината како бескрајна екстатичност на нивоа и нивоа на прекрасност до прекрасност, до апсолутна (незнајна) убавина!
Неможноста на човечките суштества да досегнат да се слободни суштества, останува за нив да бидат со следниве (налик) карактеристики на слободните суштества: спознавање, творење, вреднување, дејствување, во дело на преобразување на реалноста како надминување во стварност на убавина. Тоа колку и да изгледа неизводливо, секое човечко суштество треба да се освестува, освестено, свесно, самосвесно, експандирана свест и свест на слободно суштество.


Скопје, 20 јануари 2017 г.

Свеста, нивоата на свест ги разликува слободните суштества од човечките суштества како и обратно. Исто така, и меѓу човечките суштества се разликуваат, покрај останатото, и по нивоата на свеста. И токму заради тоа, во човечките општества не е возможна хармонија, додека пак, во заедницата на слободни суштества секогаш е хармонија. Тоа се должи токму на фактот свест, нивоа на свест.


Скопје, 21 јануари 2017 г.

Кога се говори за свест, нивоа на свест, тогаш едноставно се мисли колку исклучиво има осознато како знаење дека центар на светот и постоењето е само тој и сѐ се врти околу него и светот и сите се за него и само нему му користат и служат. Тоа е нулта степен на свест како сознание и колку се отклонува, деклинира од таквата ИСКЛУЧИВОСТ т.е. од нулти степен и е во процес на освестување, освестено, свесно, самосвесно и експандирање на свеста во светот на слободно суштество.
Тоа се нивоа на свести коишто се изразуваат или искажуваат низ стравови, за коишто не се субјектите потполно свесни од коишто и следат соодветни постапки, поведенија и начини на живеење. Свеста е знаење во дејство со некоја цел (јасно или нејасно одредена) разбирлива или неразбирлива, сфатлива или несфатлива, логична или алогична, достапна или недостапна, можна или неможна, остварлива или неостварлива, вредна или безвредна, има смисла или бесмислена) во активитет за достигнување на состојбата со целосна, потполна и сеопфатена задоволеност. И нултиот степен на свест се нагодните, инстинктите како даденост во предодреденост сега и овде со ова и секогаш да се задоволени, а никогаш во недостаток, никогаш во отсустност, никогаш во лишеност, никогаш во недостапност, никогаш ускратеност и одземеност, никогаш да не се исчезне, нестане, никогаш небиднина. И следи ставот:
САМО ЈАС ПОСТОЈАМ И СВЕТОТ Е (ИСКЛУЧИВО) САМО ЗАРАДИ МЕНЕ И СÈ ЗА МЕНЕ,
И СВЕТОТ ПОСТОИ ДОДЕКА ПОСТОЈАМ ЈАС И КОГА НЕ ПОСТОЈАМ ЈАС И СВЕТОТ НЕ
ПОСТОИ, СÈ ПОЧНУВА ЗА МЕНЕ И СÈ Е ЗАВИСНО ОД МЕНЕ И СÈ Е ЗАРАДИ МЕНЕ, ЈАС СУМ АПСОЛУТ, ВЕЧНОСТ СЕМОЌЕН, СЕЗНАЕЊЕТО СÈ МОЖАМ ДА ПРАВАМ И ЧИНАМ, НЕМА НИШТО ШТО НЕ МОЖАМ ДА ПРАВАМ И ЧИНАМ. јАС СУМ ЈАС, ЈАС СУМ СÈ, ЈАС!!!
Се разбира во нагоните и инстинктите ваквиот став е во потенцијал како тенденции и
интенции, коишто се огледуваат во постапките, поведенијата и акциите. Нагоните, инстинктите се автоматизирано знаење исклучиво за опстанокот и задоволеност со сила и моќ на одржување засекогаш! Со ваква нулта степен на свест, фрактички се судира, конфронтира, спротиставува и противречи, борба и пораз со СВЕТОТ којшто  не е ТВОЈ, НЕ Е ЗАРАДИ ТЕБЕ, НЕ ПОСТОИ ЗА ТЕБЕ, туку СИ ВО СВЕТ НА ПОСТОЕЊЕ ШТО (ТРЕБА) ДА ГО ОСОЗНАЕШ и СЕБЕОСВЕСТУВАШ (да се разбереш себе со светот, светот со тебе).
И ова е ПРОЦЕСОТ на ОСВЕСТУВАЊЕ како отклонување на нулта степен на свест.
Со нулта степен на свест, апсолутно е невозможно да се воспостави хармонија на двајца, а камоли на стотици, милиони или милијарди и милијарди живи суштества припадници на родот -човек! Со отклонувањето од нулта степен на свест во процесот на осветлување, фактички се одвива процесот на можност на прилагодување, адаптирање и со тоа се воспоставуваат други релации помеѓу јас и свест, од коишто нагодуваат други ставови коишто фактички одредуваат друг вид на поведение.


Скопје, 22 јануари 2017 г.

Освестувањето е почеток на процес на пројавување на свест во сочувување со светот како
спротивставување и противречност на слепоста на нагоните во нивната исклучителност на секогаш задоволеност, а во судир со светот во неможност на задоволување, се активира свест како освестеност на јас од една страна и од друга страна (непознаница), свет што пречи. И сега, освестен, стекнувам сознание како знаење за (непознаницата) свет, знаење сигурни, отапувам во акција, совладувам свет, вреднувам и ми се открива нова (можност), повисоко задоволство со наддигнување на нулти степен на свест како ниско ниво на задоволство. И тоа е освестување, стекнување знаење на свет вреднуван со повисоки и повисоки нивоа на задоволства. И тука се пројавува стравот, не стојам само јас, туку и свет, којшто е независен од мене, постои сам од себе и јас сум во тој свет и треба да видам во соодност на комуникативноста со светот кој, со кој и од кој ќе имам откривање на вредности коишто ќе водат кон повисоки и повисоки задоволства.
Со тоа се започнува и со нови постапки и поведенија со коишто веќе како освестено се започнува да се биде со другите во однос на зближување, взаемност.
Со ваквиот страв не е возможна хармонија, туку секогаш постои прикриена недоверливост, можност за доминација, зависност, превртливост со преправање и од интерес на немоќ се воспоставува таков однос со светот.


Скопје, 23 јануари 2017 г.

Како освестено се стапува со светот во однос на можност на разбирање на истиот свет, што е и како е, за да се разбере себе тој свет, што е и кој е за да знае што да се прави и како да се однесува со своите постапки и поведение во тој свет кон своите цели.
И со тоа се преминува на ниво на свесност. Веќе се поставува ставот: сакам да го разберам светот за да се разберам себе во тој свет, а со тоа да знам како да ги реализирам своите цели во таквиот свет.
Овој став веќе ги менува претходните постапки и поведенија и одредува нови поведенија со коишто се прифаќа за да се разбере, а со разбирање да се надмине во можностите за целите што сакаат да се реализираат. Ова е веќе самосвесност и со ваквиот став не може да се воспостави хармонија, туку само соработка и солидарност за својот и туѓиот интерес.


Скопје, 25 јануари 2017 г.

Со самосвесност(та) веќе се видоизменува односот кон светот и себе. Со тоа што себе се согледува како дел од светот и светот во единство со себе. Свет и себе се единство во целина но, и себе се поставувам кон свет(от) кон којшто делувам и менувам за свет на живеење со вредности општи, универзални и важат за сите (но, не и сите се самосвесни).
и со ова ниво на свеста како самосвесност, практично се воспоставува ставот:
Светот и јас сме во единство. Сите чиниме целина којашто ни овозможува да можеме заедно да ги живееме вредностите со нивно воспоставување со самите нас во колку и доколку живееме со истите вредности. Веќе овој став го видоизменува човекот во неговото поведение со оглед што е отворен и се стреми кон живеење во хармонија, но сѐ уште не.
Со ова, се преминува во експандирање (ширење) на свеста кон сеопфатност.


Скопје, 25 јануари 2017 г.

Со ширење на свеста како надминување на светот како појавност и кон задпојавноста како скриена непознатост, вонискуственоста и чекор по чекор во отвореност на непознатоста како самиот себе освестување во откривање на ... неискашливост, непознатливост и неизразливост, туку свеста е во експандирање (експлозивно ширење).
И со тоа се менува односот кон постоњето, кон светот како појавност и насетување на смисла(та). И со експандираноста на свеста се поставува ставот:
Светот е појавност и задпојавност е подознатоста, а себе се откривам во извесност за основата на којашто сум во постоење и сета појавност; и во несигурноста каде сум, што сум, сакал-несакал се соочувам, да спознавам..., ШТО ?!?
Со тоа, ова експандирање ги доведува човечките суштества во заедничка бездомност, без татковина да трагаат за... непознатост и тоа ги зближува во сплотеност на заедништво од метафизичка, трансцедента несигурност, а како конечни и ограничени со порив да се надминат како такви. А тоа е веќе кон свест на СЛОБОДНО СУШТЕСТВО!


Скопје, 26 јануари 2017 г.

Свест којашто е ослободена од односи со поими, емоции, чувства, акции и реакции, страсти, потреби и желби, навики и модели на поведенија, безусловни и условни рефлекси, таквата свест е чиста слобода, независна и неусловена, неограничена и апсолутна во своето траење на идентичност на свест којашто е во блаженство на доживување на убавина и творење на убавина (како слободно и среќно суштество). Во овој свет, во оваа вселена на постојана променливост, менување минливост и трошност слободно суштество со свест за убавина и среќа нема и не може да постои. Тоа е веќе во друг свет, друга вселена во која (не знаејќи) се суштествува во една и единствена хармонија на секој со секого во слобода, среќа и убавина, којашто е бескрајна во восхитеноста, возвишеноста, понесеноста и занесот на славење на суштествувањето. Слободно суштество суштествува со ставот;
Сѐ со сѐ и сѐ е во сѐ на едно! И свеста на слободно суштествто е единство и индивидуално во едно и сѐ и сѐ е едно! Ова е непоимливо со свеста на овоземноста на конечни, ограничени и трошни човечки суштества. И исклучни во самослободни суштества можат да суштестуваат во хармонија, на секој со секого и сѐ со сѐ и сѐ во сѐ. На сите претходни нивоа на свест не е возможна хармонија на живеење. И со оглед на доминација на нулта степен на свест во овој свет, е збркан, противречност со неправди и немаштија, беда и мизерија, суровост, насилие и страдање! А слободните суштества суштестуваат во слободна заедница. Тоа е слободна заедница на слободни суштества којашто е еднакост на слобода на секој со секого, а во единство на среќа и во разновидност на творење на убавина. А човечките суштества живеат во вештачки измислена и принудна институција на страв и казан, награда и условеност наречена држава во којашто нема слобода и не може да се живее среќа. Слободните суштества се во вечен свет на слобода, среќа и творење на убавина, а живеат во свет на сеопшта минливост и трошност без да можат да бидат постојано слободни и трајно среќни, туку ефемерно и пропадливо во небиднина. И за човечките суштества утопијата е метафора за вечен свет на слобода, среќа и творење на убавина, а прогрес е, исто така, метафора дека макотрпноста на развојот, како историја на човештвото, води кон таквата утопија на слободен свет на слободни суштества на среќа и творење на убавина, како „вечен свет на слобода и среќа“.


Скопје, 27 јануари 2017 г.

На крајот на сите краеви, на крајот на сиот прогрес (едностран или многустран) без обѕир како ќе се одвива и колку ќе се одвива (милениуми и милениуми, милениуми и милениуми..) спекулативната имагинација го замислува како оствареноста на вечноста на „вечен свет на слободни суштества (на сите кои биле во текот на развојот како историја на човештвото) кои живеат, суштествуваат во слобода, среќа и творење на убавина“ како трајна состојба на вечност(а) којашто е незамислива на ниеден начин во тоа траење на вечноста како вечност: што и како се одвива вечноста, а со тоа и „вечниот свет на вечно слободни суштества во слобода, среќа и убавина“.  Но, како и да е, останува да го земеме ова како необјаснив порив којшто служи како изворно исходиште на ориентациона патоказна смерница на смислата на човештвото во „вечноста“ за да развојот и напредокот се осмислотворуваат во прогрес којшто ќе биде мерило, критериум и практично преобразување на општествената реалност да биде според утопијата како знак на остварување на „вечниот свет на вечна слобода и среќа“. Содржината на среќата е убавината: творење и доживување. А слободата е основа на творењето, како што е и цел на среќата којашто во слобода се суштествува со прекрасноста. Убаво и прекрасно се содржина и форма на творење и доживување. Прекрасно и убаво се бескрајност на можност на творење и доживување и толку тоа е raison d'être, summum bonum и condition sine qua non на „вечен свет на вечна слобода и среќа“. Повеќе од ова, спекулативната имагинација не може да мисли или домислува. Но, од тоа како исходишна основа се изведува следство за овде во овоземноста на овостраноста на живеење, сета општествена реалност, на сите меѓучовечки односи и сите измислени регулативи и институции, државата да се транформира, преобразува во стварност на слобода, среќа и творење на убавина, доживување и суштествување на прекрасност. Доколку тоа не се збиднува како стварност, како реалност на историскиот тек на цивилизациите со нивните култури на сето човештво (а во иднина, во некоја догледна иднина и историјата на вонземски цивилизации и култури), тогаш, дотолку можеме да констатираме дека објективно светскиот тек си се одвива (незнајно) за нас по свој тек, а не, како што спекулативната имагинација мисли и домислува. Сепак, останува да се водиме по тоа -слободна заедница на слободни суштества.


Скопје, 28 јануари 2017 г.

Слободна заедница на слободни суштества е обликот на суштествување во „вечниот свет на вечно живеење во слобода, среќа и творење на убавина“. Творењето на убавина и доживување на убавината е алфа и омега на сѐ. Убавината на убаво е незамислива и непоимлива на никаков начин. И за нас ограничени, конечни, зависни и условени суштества на принудност со страв, казна и наградување во овоземноста на овостраноста на живеење во релативитет, останува само да согледуваме и се учиме на слобода, творење и доживување на убавина како среќа на живеење. Доколку во овостраноста не воочиме и научиме за слобода и убавина, како тогаш можеме да очекуваме во оностраноста на „вечен свет на слобода, среќа и убавина“ да суштествуваме како апсолутно слободни во апсолутна среќа на суштестување на апсолутно убаво?!


Скопје, 29 јануари 2017 г.

АПСОЛУТНО УБАВО за нас, кои сме во овоземноста на овостраноста на светот е сосем несфатливо, непоимливо. Но, на основа на РЕЛАТИВНАТА УБАВИНА во нашево овосветско живеење, ние фактички воочуваме во себе дека убавината е неодолива, привлечна и безрезервно се предаваме и препуштаме засекогаш во занесот на восхитеност, возвишеност и величественост. И ние, практично, тоа сакаме да го живееме и доживуваме, доживувајќи ја убавината, ние и ја живееме. Тоа, во нашето живеење, настојуваме да го примениме и практикуваме во сѐ, буквално во сѐ, од спиење, уринирање, дефекација, хигиена, оброци, пиење, игра, работа, одмор, патување, водење љубов и интимитет, сексуални односи и еротски активности..., макар да и не баш успеваме во тоа секогаш и секаде во сѐ да е убавина. Сѐ е тоа, колку сме освестени, свесни и самосвесни за хармонија, естетско и убавина. Тоа е во светот на ограниченоста, конечноста и релативноста, а што да се рече во „вечниот свет на вечна среќа, слобода и убавина“? Ништо не можеме да речеме за апсолутна(та) убавина на АПСОЛУТНО УБАВО. И во овосветското живеење со релативната убавина, фактички ние треба ПРОГРЕСОТ КОН УТОПИЈАТА да го согледуваме низ и со УБАВИНАТА; колку во нашето општество, свет и историја, убавината е насекаде или кичот (лажната привлечност- надвладува со нашите животи.


Скопје, 30 јануари 2017 г.

УБАВИНАТА И ЛАЖНАТА УБАВИНА (кич) се основните критериуми за ПРОГРЕС И УТОПИЈА или ДЕКАДЕНЦИЈА И ДЕГЕНЕРИРАНОСТ (регрес и дивјаштво). Кичот (лажната убавина) ги користи својствата на убавината, како што се: сјај, блескавост, импозантност, сензација, занесеност, зашеметување на сетилата и перцепција со цел на заведување, измаченост, опијанетост и хипнотички фанатизам без можност на критичко мислење и проверување. И со оваквата лажност и простилак, фактички се затапуваат перцептивноста и аперцептивноста на масата луѓе, народи и нации и човештво во живеење на лажен свет на замајување (без да знаат која и каква смисла е нивното живеење), а бидуваат искористени и експлоатирани од властодршниците и моќниците со демагогија, идеологија, паролаштво и пропаганда за којашто се фаќаат масите како стадо водено од кичот (лажната убавина) кој(а) им ветува и ветува благосостојба, слобода и среќа. А тоа е кичерајот којшто е во основата на секоја политика и идеологија коишто нѐ водат кон прогрес и утопија. Затоа е неопходно да се осознае, познава и знае, да се доживува и живее убавината којашто го води прогресот кој утопијата. Само убавината е вистината за развојот и напредокот којшто се одвива во секојдневието, овде и сега, кога се среќаваат, се ракуваат, се поздравуваат и разговараат... Токму во тоа секојдневие се огледува, дали и колку се живее убавината (или кичот, лажноста). Затоа е потребно да се одреди убавото како вистина (а не лажност) за да се воспостави и постави слободна заедница на слободни суштества како стварност на слобода, среќа и убавина наспроти кич со лажноста на политика, идеологија и демагогија коишто нужно водат кон дегенерираност и дивеење. 


Скопје, 31 јануари 2017 г.

Кога се говори и мисли за УБАВИНА наспроти кич како лажна убавина, ни најмалку не смее да се поистоветува кич со грдо или пак грдото да се мисли дека е кич. Напротив! Грдото никогаш не може да биде кич, бидејќи грдото е вистинито со самото тоа што е грдо; грдоста се претставува во тоа што си е како грдо(ст), а не поинаквено, преправено како негрдост, како што кичот се претставува како убавина, а не може да се покаже во својата испразнетост, отсутност на тоа што е. И нема во и на себе да е како што е (свој легитимен идентитет), туку се претставува како (лажна) убавина. А грдото си е грдо. И тоа е вистинито. И како грдост естетски е прифатливо и вредно, наспроти кичот како лажност (измамничко) коешто естетски е безвредно, безлично, неавтентично, бесмислено кога се мисли да е нешто коешто не може да биде. А грдото е грдо и тоа си е тоа – сушта автентичност, вистинитост. И убавината е во соодветност со грдото но, никогаш не може да биде со кичот. Тоа е апсолутна непомирлива можност за релација. А со грдото е изводливо со оглед на тоа што со одземање од убавото може да се премине во грдо, како што (со дадена можност и изводливост) на коригирање, додавање и подобрување, грдоста може да се востанови во убавина. А со кичот никако не може и неизводливо, бидејќи е лажност (на убавина). И ако се преземе да се коригира, ќе се поништи, бидејќи е лажност. И затоа треба да се разори како кич (лажната убавина) и да се создаде, твори (вистинската) убавина. УБАВИНАТА како основа е ХАРМОНИЈА, а тое е СКЛАДЕН СООДНОС И ОДНОС НА ПРОПОРЦИОНАЛНОСТ ПОМЕЃУ ДЕЛОВИТЕ И ДЕЛОВИТЕ СО ЦЕЛИНАТА И ЦЕЛИНАТА СО ДЕЛОВИТЕ ВО КОЈАШТО СЕКОЈ ДЕЛ Е ИНДИВИДУАЛЕН (сам за себе) И ВО ЗАЕДНИЦА И ЗАЕДНИЦАТА Е ВО ДЕЛОВИТЕ КАКО СИМЕТРИЈА на сооднесување, градење и одржување на хармонијата сѐ со сѐ и сѐ во сѐ. Ова е единствена хармонија на убавина, а секоја друга е хиерархична во којашто доминира односот на супер и субординација. А тоа е лажна хармонија којашто е кич и воедно, кога е меѓу луѓето, како корумпираност (расипаност на деловите и целината во нивните соодноси) којашто се прикрива со сјај и блескавост, раскошност и луксузност, спектакл и сензационалност. Тоа е кичот, кога целината е нарушена и доминира како единственост некој дел којшто е центар на внимание и обожуваност. А тоа е хиерархија, а не хармонија.
А хармонија е метафизика, онтологија и онтичност на убавината.
Творењето на хармонијата е создавање на убавината.
Со создавање на убавината, фактички се живее убаво, што го осуштествува постоењето во неговата смисла: да се доживува (ужива) убаво!!!


Скопје, 1февруари 2017 г.

Творењето и уживањето на убавината е среќата. Среќата постојано се доживува и живее, доколку убаво се создава и твори во тоа што е: убавината(та) на убаво!
Тоа е дело на слобода, на творештво на слободни суштества кои се во хармонија на секој со секого. А тоа е слободна заедница на слободни суштества. 
И токму слободна заедница е убавината, а нарушувањето на слободната заедница е грдост како недостатоци, додека пак, претставувањето на општество како држава со сите институции е кич (лажност на убавина).
Грдоста е бедата и мизеријата, немаштијата и сиромаштијата, страданијата и маките, болестите и несреќите како аномалии, недостатоци коишто ја нарушуваат убавината. Со нивното надминување, се овозможува убавината да се живее.
Додека кичот (лажната убавина) како држава со својата помпезност, спектакл, велелепност, сјај и блескавост се огледува како лага во прикривање на сите негативни појави на корумпираноста и криминалот, од нееднаквостите и неправдите од секаков вид, од експлоатација и искористување на човек од човек од секаков вид, од џепчија крадец до водење војни за грабеж и плачкање на територии и секакви природни ресурси. И овој кич се одржува со принудности, страв и казни, погубувања и разорувања. 
Така, развојот и напредокот во премавнување на кичот и надминувањето на грдоста, а прогресот е во творењето на утопијата = создавањето на убавината, а тоа е слободна заедница на слободни суштества коишто ја творат убавината на убаво како суштествување на слобода и среќа коишто се смисла(та) на сѐ што постои.
Творењето и создавањето во овоземноста е смислата на живеење и уживање!


Скопје, 2 февруари 2017 г.

Секој што се издигнува од нулти степен на свест и се освестува во свесност и самосвесност, всушност се хармонизира и постанува убаво суштество.
И секој како слободно и убаво суштество, фактички твори и создава слободна заедница.
Слободната заедница е убавината на слободните суштества. 
Живеењето како слободни суштества во слободна заедница е живеење на среќата. 
И штом се суштествува слобода и среќа, тоа е хармонија.
Таквата хармонија е создадено убаво!
Убаво е, alfa и omega на сѐ што е, било и ќе биде како постоење. 
Со постоењето на слободна заедница на слободни суштества, всушност и фактички ќе се суштествува убавината на убаво. 
Со тоа утопијата како замисла и визија постанува реалност и стварност на постоење и суштествување на убавината на убаво!


Скопје, 3 февруари 2017 г.

Од нерешливиот проблем со потребите и желбите и нивното задоволување (или незадоволување) следи нерешливото прашање во однос со сопственоста како релација јас-свест со поседување (или непоседување) т.е. имање (или немање) на предметностите со објектностите и нивното произведување (создавање) за задоволување (или незадоволување) на потребите и желбите на секое човечко суштество. 
Имено, прашањето на сопственоста е најклучниот проблем којшто доколку не се постави и реши на задоволувачки начин за сите луѓе, тогаш, како што покажува сета досегашна предисторија и историја на човештвото, постојано ќе биде поделено на богати (имотни) и сиромашни (безимотни, немаштија). А тоа продуцира нееднаквости и поделби на класи, слоеви, касти и сталежи – генератори на сите неправди, немири, борби и војни. 
А тоа води потекло од односот сопственост како јас (свест) кон предметностите со објектностите со коишто се задоволуваат потребите и желбите. 
Проблемот е: 
Каков став да се има: посесивен (граблив, освојувачки, присвојувачки и поседувачки) или слободен (да се користи, употребува, да се послужи и унапредува за сите).
Овде е односот на формирање на свест кон нулти степен на свест или кон самосвесност на свест на слободно суштество. 


Скопје, 4 февруари 2017 г.

Првиот однос на јас (свест) со сопственоста е посесивен. 
И овој однос е откога се знае за човекот и човештвото. И тоа е нулти степен на свест во којшто е ставот: само јас и светот е за мене и постои додека постојам јас, исклучиво јас...
И овој нулти степен на свест, повеќе или помалку, горе-долу, лево-десно, е доминантен во сета историја на човештвото. И така ќе остане. Зошто? Затоа што, од самото раѓање на овој свет, секој е „воспитан“ со сопственост, да поседува, да има и да е моќен. 
А ова е одредено од стравот од умирање, смрт, крај, небиднина и отсуство на смисла на постоење и живеење во овој свет како општоважечко за сите луѓе и за сѐ; и празнината на живеењето се исполнува со поседување, имање како заборав на стравот од смрт и отсуство на смисла, а бегање од празнотија, досадност на живеење со трупање на предметности и објектности со нивно изживување. А тоа е алчноста којашто се легализира и легитимитет има во приватната сопственост на средства на производство и монопол на продажба на пазар. Заштитен со силата на државата и институциите низ (демагогија) на закони, прописи и уредби. 
Со тоа, државата е конзерватор на нулти степен на свест и на тоа ниво ги одржува луѓето од кога се знае, сѐ до денес и во иднина. Во тоа како послуга е економијата како стоково-парично стопанство коешто ги „воспитува“ луѓето да се алчни, грабливи, поседувачки, присвојувачки. Освојувачки, посесивни. 
И сѐ додека економијата не се деструктурира во својот стоко-паричен однос меѓу луѓето и не исчезне приватната сопственост и сопственоста како однос, сѐ дотогаш човечките суштества нема да се издигнат над нулти степен на свест т.е. ќе бидат алчни, себични, агресивни и арогантни меѓу себе. 
А таќа ќе остане сѐ додека не се дадат сигурни и точни одговори за крајот на сечие живеење на овој свет и за смислата на живеење во светов. 
Во тој поглед сите учења научни, философски и спиритуални сосема затаиле. 
И затоа овој однос на сопственост и посесивност, останува во сите цивилизации и култури и ги „воспитува“ луѓето да бидат такви. А тоа нема процес на преобразување на повисоки нивоа на освестување, на свест.
Затоа, како сигурен знак е постоење на држава (како затвор, логор). Одумирање на државата е знак на повисоки нивоа на свест.


Скопје, 5 февруари 2017 г.

Утопијата е замисла и визија на слободна заедница на слободни суштества. 
Во овоземноста на постоење, утопијата не е возможна, а тоа значи дека слободна заедница на слободни суштества не е можно во овој свет, во оваа природа во којашто се живее. И токму затоа утопијата е копнеж на секој човек (повеќе или помалку) и сето човештво, а тоа значи дека слободна заедница на слободни суштества е само мечта којашто се мечтае во метафизичко-трансцедентни светови на вечност. 
Тоа е така заради причините на природата како законитости, не овозможуваат да се живее како слободни суштества во слободна заедница. 
Така, најпроблематичниот фактор се потребите и желбите на нивното задоволување со соодветни предметности и објектности. 
Овој проблем е нерешлив, а предизвикувач на сите проблеми коишто оневозможуваат воспоставување на хармонија меѓу луѓето без којашто нема и не може слободна заедница на слободни суштества, односно утопијата да е стварност. 


Скопје, 6 февруари 2017 г.

Вториот однос на јас-свест кон сопственоста е слободен, односно отсуство на однос на сопственост, не се познава и знае за сопственост, туку слободен однос кон предметностите и објектностите како употребување и користење да се послужат за унапредување и усовршување на сите човечки суштества во слободна заедница. 
И во овој однос на свеста е највисок степен со ставот:
Сѐ со сѐ и сѐ е во сѐ на едно коешто е единство на индивидуално и општо во едно на сѐ со сѐ. 
Ова највисоко ниво на свесност како самосвест на слободно суштество, всушност, се засновува на сезнаење со јасен категоричен одговор за сѐ, а посебно за смртта, смислата на суштествување и бескрајноста на творењето на убавината, прекрасноста... 
Со ова ниво на свесност на самосвесност се преминува од човечко во слободно суштество и суштествува во заедница на слободни суштества. 
Ова е возможно само и само со сезнаење во сосем нова вселена и природа во којашто ќе може да се суштествува слобода(та) и убавина(та) како среќа и прекрасност. 
И од нулти степен на свест до свесност на самосвесност на слободно суштество, суштеството, суштеството човек еволуира со свеста низ историскиот тек којшто е непредвидлив во својот тек и цели на развој, напредок и прогрес.


Скопје, 7 февруари 2017 г.

Сета историја на човештвото е повест за трагиката на човештвото што не може да се ослободи од односот сопственост, а да се воспостави слободниот однос кон сите нешта, кон вселената со сите галаксии, ѕвезди, планети, природата, средствата за производство, производите, изумите, техниката... туку секаде и секогаш сопственост (веќе говори за патувањето на месечината, колонизирање и воспоставување сопственички односи кон површините на Месечината, па некој ден и Месечината ќе биде нечија сопственост. И така може со останатите небесни тела, со Сончевиот планетарен систем, соѕвездијата, планетите, вселената и вечноста, да биде нечија сопственост), а место да се воспостави слободен однос кон сѐ и сешто. Токму ова е трагиката на човекот и човештвото што никако не можат (или нема знаење) како да се ослободи од нулти степен на свест во којашто е сосредоточеност посесивност кон сѐ како основа сопственост, сопственички односи. А тоа е погубно за меѓучовечките односи. Тоа сосема прегледно, јасно и разбирливо ни го покажува досегашниот тек на историјата на човештвото. Трагедија!!!


Скопје, 8 февруари 2017 г.

Сопственоста како однос е сета онтологија на човештвото во детерминација на меѓучовечките, меѓусебни односи на секој со секого. Пред сѐ и над сѐ, овој сопственички однос ја содржи онтичката супстанција ПОСЕСИВНОСТ и ПРИСВОЈУВАЊЕ и ИМАЊЕ, а којашто диктира однос на УПРАВУВАЊЕ на ОСНОВА НА МОЌ. Токму ОДНОСОТ УПРАВУВАЧ И УПРАВУВАН е онтологија на ПОГУБНОСТА на човештвото во текот на сета досегашна и во недогледна историја, како повест на трагичност на човекот во неможноста да се разотуѓи, ослободи од овој однос на управување и преобразување во слободен однос кон сѐ и секој со секого во среќа и творење. Без надминување и исчезнување на овој однос на управување, ниеден човек и човештвото не може да се воздигне од нулти степен на свест кон еволуирање, усовршување во свеста кон слободното суштество. И доказот за тоа се државата и институциите коишто се олицетворение на логор и конзервативност на односот управување и сопственост. И сета досегашна историја и во недоглед на историја на човештвото е само тек на варијации на управување и сопственост со систем на поредок на управување со управуваните. И во непосредна иднина, како што се одвива експанзивно развојот на техниката и технологијата, како и во далечна и недогледна иднина, на основа на техниката и техноогијата, ќе се развива високософистицираност на хиерархичен поредок на управувачи и управувани. И со тоа моќта ќе биде во невидени размери, а со тоа сопственичкиот однос ќе биде неверојатно погубен за управуваните.
Тоа е странпарицата, измамата и отуѓеноста на човештвото што му се случува и ќе му се продуцира и репродуцира алиенацијата со техниката и технологијата којашто човештвото го скренало во, место во правец на слобода, среќа и творење, тоа се одвива во насока на моќ, управување и контролираност на идиоти, бессовесни суштества на малоумност.
За тоа како доказ и показ се: политичарите, банкарите, генералите и бизнисмените (трговците) кои одлучуваат за сѐ, а за тоа е неопходно моќ, управување и поредок. Тоа го имаат и располагаат. Зарем не е тоа трагедија на човештвото и трагичноста на човечкото суштество?!? Сосема очигледно!


Скопје, 7 февруари 2017 г.

Трагичноста со човекот и човештвото е и во тоа што економијата и политиката со правото ги „воспитува“ човечките суштества да останат на нивото на нулти степен на свест (сопственост, посесивност и присвојување), а не кон слободен однос кон сите нешта како слободни суштества. И сѐ додека економијата и политиката го одржуваат поредокот на слободен пазар, конкуренција и профит, закон, власт и моќ, сѐ дотогаш човечките суштества, наследно по навика, ќе бидат со поведение на посесивност и сопственост.
Тоа економијата и политиката го врши и прави масовно и секојдневно, историски се одвива од епоха до епоха, од период до период постојано го уточнува и утврдува, речиси генетски да бидат посесивни, присвојувачки, сопственост и моќ, без ниту најмалку да се издигнат од нулти степен на свест и да еволуираат во повисоки нивоа на освестување.
Тоа не може и да биде сѐ додека економијата не се трансформира во активности на создавање на предметности и објектности во задоволување на потребите за стандард на живеење, квалитет на живот и достоинствено човекување. А политиката сосема да исчезне и да се одвива самоуправување со активностите на слобода на секој со секого, секој да твори и секој да суштествува, како слободно суштество, среќно и во убавина.
За ова е неопходно темелно, масовно и сеопшто образување на човечките суштества во освестувањето како еволутивен процес на сѐ повисоки и повисоки степени на свест до самосвест на слободни суштества.


Скопје, 8 февруари 2017 г.

Без масовно сеопшто ОБРАЗУВАЊЕ ( не образование) од раѓање, па сѐ до полна зрелост во СВЕСНОСТ и ОСВЕСТУВАЊЕ до САМОСВЕСНОСТ на СВЕСТ НА СЛОБОДНО СУШТЕСТВО, воопшто не може да се очекува дека во човештвото ќе се збидне квалитативен скок на свеста, а со тоа радикално да се прекине односот на сопственост (со неговите нус-појави на посесивност, присвојување и поседување), а да се воспостави слободниот однос кон сите нешта. Во тој поглед, сосема промашиле наука (педагогија, философија и духовните учења со религиите, коишто, фактички ја имаат таа цел и смисла да ја издигнуваат на сѐ повисоки и повисоки стадиуми и нивоа на свест, кај секој човек и човештвото, за да се живее како слободно суштество во слободна заедница). Во таа смисла, секојдневието со својата сурова реалност, како и историјата со сите несреќи, трагедии, војни (масакри, геноцид, револуции) покажуваат дека човештвото не се издигнало од нулти степен на свест. Со тоа сите спиритуални доктрини, философски теории и хуманистички науки, се покажале немоќни и минори пред проблемот: Потреби и желби како константа на одржување на сопственички однос со нус-појавите, а тоа е онтолошка-онтичка пречка за еволуцијата на свест и слободно суштество и слободна заедница. Овој проблем е камен-темелник на спрепнување на образување на човечките суштества во самосвесност на свест на слободно суштество. А без тоа не е возможен слободен однос кон сите нешта што се и што не се. А воспоставувањето на слободниот однос кон сите нешта е основа, почеток и крај, алфа и омега утопијата да е стварност.


Скопје, 9 февруари 2017 г.

Слободниот однос кон сите нешта значи ништо не е за да е „мое“, туку сѐ е за секого да го користи и употреби во творење и создавање на нешта со коишто сите ќе ги задоволуваат потребите и желбите за стандард на живеење, квалитет на живот и достоинствено човекување во светов и заминување од светов. Ова е основа на слободата на секој со секого. И секој со секого е во слободен однос на дружење, творење и создавање на убавина со којашто и којашто на сите како слободни суштества го чини суштествувањето како среќно и како уметност на живеење на убавината на убавото. Тоа е слободната заедница на слободните суштества кога утопијата е стварност; инаку самата утопија останува само имагинација и фантазија на фатаморгана на човекот и човештвото да мечтае и копнее за таков свет на „вечен свет на суштествување во слобода, среќа и творење на убавина.“; а без човештвото и секој човек да се соочи со проблемот кој е (нерешлив): потребите и желбите. Како да се произведува и распределуваат предметностите и објектностите на секој со секого да го задоволи стандардот, квалитетот, достоинството на човекување; слобода, среќа и творење на убавината на убаво? Ова е проблемот од самата предисторија и сета досегашна историја на човештвото, коешто со ниедно досегашно знаење не можело и не може практично да го реши. Тоа е само покар дека човекот со потребите и желбите во оваа природа и вселена не е возможно да се воспостави утопијата како стварност на слободна заедница на слободни суштества. И ова е доказ дека утопијата како „вечен свет на суштествување во слобода, среќа и творење на убавина“, е можно само во нова вселена и свет со сосем друга (за нас непознато) структура на постоење. Тоа е веќе премин во вечноста. А за „вечноста“ можеме да спекулираме колку што сакаме. Но, тоа не е знаење за вечноста. И со тоа утопијата е само мечта, а прогресот е наша фатаморгана во бескрајноста на постоењето.

Илустрација: Андреј Павлов


Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ