БОШ ФЕСТИВАЛ: ДЕН II // ИМПРЕСИИ
Илијана Такашманова [пишувач] и Долорес Соколова [фотограф] споделуваат импресии од ден втори на БОШ ФЕСТИВАЛ.
Вториот ден започна со концептуалниот мурал на Вангел Срнаков – враќање на природниот човек во сивилото на цивилизацијата, преуредување на просторот со цел да воспостави поопскурна интеракција со публиката. Сето ова беше синхронизирано со меѓународната мрежа на организатори – ФИЈУК – Саем на самостојни издавачи и излагачи. Сито-штампи со силни бои доминираа во тој простор. Можеа да се видат дела на Јован Јосифовски – артист кој припаѓа на младата генерација на графичари, чијшто визуелен идентитет е колоритен и врши директна комуникација со гледачот. Во просторот дишеа илустрациите на Ем Елефантски и наспроти стоеше проектот Wabi-Sabi. Форми сврзани едни со други како систематска тишина, а секоја од нив каузално објаснета. Ненајавените дела на Тома Димовски оставија силен впечаток. Инсталација од графики којашто му даваше на просторот суптилност. Делата не беа собрани, некои од нив беа подарени, останатите се сè уште изложени.
Другата половина од вечерта беше енергично звучна. Звук еден век подоцна, постапокалиптичните мелодии на „ИСКРА” – бенд кој доаѓа од 2088/89.
Месечината на Видео Подгорец – артист којшто работи на повеќе полиња го посведочи и доаѓањето на Filch – музика којашто секој различно ја чувствува, бенд од петтмина музичари, секој со различна идеа, заедно во потполна синхронизација, звук помеѓу сонот и јавето.
Кратка средба со Гишо Динев, дел од бендот Filch.
Гишо Динев: Highlight на Filch – сите перцепции и чувства се мешаат во едно тело, во една музика. Поентата е секој да ја доживува музиката на свој начин и така да ја оформи сликата за тоа како ја чувствува. Зашто ако се ставиме во еден калап и да речеме дека свириме еthno-fusion jazz ќе останеме само на тоа. Не сакаме да се дефинираме жанровски, се гледаме како нешто што секој може да го разбере, секој доаѓа од различен свет, со различни искуства, различни инспирации и тоа нè спојува сите заедно. Турлитава.
Фестивалот заврши со DJ СЕТ – Ишџан Твин – пушта музика инспирирана од различни култури, ориентални звуци. Тој нема стилски правила, вели дека правилото е да ги чуеме и танцуваме на звуците на глобалната периферија.
ПРОГРАМА ДЕН 2:
- ПРОМОЦИЈА НА МУРАЛ / „Човек – природа-цивилизација “, диптих – Вангел Срнаков
- РЕГИОНАЛЕН САЕМ НА НЕЗАВИСНО ИЗДАВАШТВО / ФИЈУК Македонија
- САМОСТОЈНИ ИЗЛОЖБИ / „Ф.А.К.“ Фешн Афтер Корона – Јован Јосифовски / „Во(н) себе“ – Емилија Мишева (Ем Елефантски) / „Битисување во форма“ – Илијана Такашманова
- МУЗИЧКИ КОНЦЕРТИ / ИСКРА (LIVE) / FILCH (LIVE) / ИШЏАН ТВИН – DJ СЕТ / ВИДЕО ПОДГОРЕЦ – VJ СЕТ
Прочитајте го целото интервју со Марија Стојанова, организаторка на БОШ фестивал.