• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ГАЈА СМИЛЕВСКА


Овој месец, на скалички се дружиме со автори кои беа дел од втората Скала изложба. Ќе разгледаме ретроспективно што сѐ има во нивната авторска архива.


Со Гаја се познаваме од основно, па седнавме на скалички пред „Лазо“ да ми раскаже за својата поставка на втората изложба, организирана од „Скала магазин“. Таа е 20-годишна девојка, во моментот на пауза од своите студии по психологија, но за првпат формално посветена на себе – надоградување во полето на уметноста при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“. Најмногу се пронаоѓа во цртање на стрипови, дизајн на ликови и илустрации, а за себе вели дека многу сериозно го сфаќа животот и дека најлесно ѝ е да запомни детали и да собира информации коишто најчесто се во контекст на филмови, историја и јазици.



За минатото…


Од рана возраст, се најдов со моливче во рака. Пред 2 години, добив можност да го живеам сонот којшто го сонував цело средно образование, да студирам во странство! – ама нели животот честопати си подигрува со нас. Студиите беа супер, но беа неповрзани со уметност. Додека го живеев тој „сон”, сфатив дека дури и да сум во најпрекрасното место во светот, залудно ми е ако не го правам тоа што го сакам. Од работа и бркање документи за селење, цела 2019 г. ми помина без фаќање молив/четка/перце. Кога пандемијата повторно ме врати дома, конечно седнав после цела година да видам дали останало нешто од уметноста во мене. Тој момент беше како некоја брана да се сруши. Оттогаш немам поминато ден-два, без да седнам да изработам нешто.



За втората Скала изложба… 


Го видов отворениот повик, додека имав на ум идеја којашто сакам да ја реализирам. Најчесно, не сум огромен фан на изложби. Едноставно не знам како да се однесувам во галерија, со големи групи луѓе, малку (или понекогаш никој) од нив познати. На моменти, ме прави да се чувствувам како дух во голема празна куќа. Без разлика, секогаш си ја пробувам среќата кога станува збор за отворени повици, па се пријавив. Мило ми е што се пробав, бидејќи чувствата околу оваа изложба ми беа малку различни. Беше убава промена на темпо, да учествувам на групна изложба каде што се познавам со некои од поставените уметници, а не само со посетителите. Се надевам и на следната ќе имам попозитивно искуство од очекувано.


За одразот…


Со исклучок на Академијата за визуелни уметности на којашто се запишав годинава, сѐ во врска со уметноста го имам научено и култивирано сама. Така што, без никој друг вмешан во моето визуелно развивање, секое дело коешто го имам правено е огледало директно вперено кон мене. Го користам ликовното изразување не само за да претставам нешто убаво или да пренесам идеја, но како алат за процесирање на чувства. Со тоа, било кое дело што го работам е тесно врзано со што и да пробувам да разработам во животот во тој даден момент. Поради ова, ретко имам дела коишто би се чувствувала удобно да ги гледам закачени на ѕид, но поголемиот дел од портфолиото ми е драго и блиску до срцето.



За ставовите…


Честа тема на разговор којашто ја слушам, а во којашто се обидувам да не се вмешам, е прашањето за тоа: „кој смее да се нарекува себеси уметник”. Лично, како човек кој се бави со уметност некои 8 години, сѐ уште ми е тешко (и често непријатно) за себеси да кажам дека сум уметник, можеби токму дека ретко се стремам кон галериска уметност, дека поголема интрига гледам кај применетата уметност. Доста внимавам да не влезам во филм дека има некоја мистична граница којашто нѐ дели нас уметниците и, ако некој сака да се смета за уметник, треба да ја премине. Мислам дека секој илустратор, дизајнер, занаетчија, или пак, самохрана мајка која слика кога може да најде слободно време, заслужува да се нарече уметник.



За визуелното раскажување…


Верувам дека сите креативци имаат приказна којашто сакаат да ја раскажат. Дали станува збор за автобиографска или наративна приказна со нови ликови кои сами ги измислуваме, кратка или долга, визуелната уметност нуди толку широк обем за реализирање на истите. Имам идеи коишто ми живеат во глава од многу одамна, светови, ликови и приказни коишто секојдневно ги мислам. Истите се развиваат со текот на годините и се менуваат како што јас се менувам, а знам дека и блиските другари го споделуваат ова чувство. Само, нѐ сопира стравот од тоа колку можат истите да излезат вон наша контрола доколку ги кажеме. Светот би ми бил неколкупати помил ако сите добијат шанса (и публика) за да ги раскажат приказните коишто ги копкаат.



За иднината…


По турбуленциите од претходните години, се надевам дека ќе можам да дадам доволно од себе за да завршам на страната кон којашто се стремам. Сѐ уште се будам од малата хибернација што ме фати, сѐ повеќе и повеќе се трудам да мислам по сликовито и задлабочено за секоја илустрација/стрип/идеја којашто ќе ја работам. Планирам да седнам и конечно да ги раскажам приказните коишто долги години ги мислам и истите да дојдат на виделина на луѓе кои ќе ги ценат како што јас ги ценам. Секако, во меѓувреме нема да престанам со стриповите, фанзинови и постер-илустрациите коишо ги правам, ќе си ги цртам ангелите и ликовите кои се постојано со мене. А по пат, може ќе најдам уште некоја идеја.






































_____
Фотографија [насловна]: Антонио Станков


Елена е редовна студентка при Универзитетот Американ колеџ [насока: Маркетинг] и студентка на Академија за графички дизајн при „Џолев и уметностите“. Таа е главен пишувачки уредник на Скала магазин.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ