• Немате производи во кошничката.

БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [4]


Сите фотографии се точни. Ниту една од нив не е вистината. - Ричард Аведон [Richard Avedon] 


ВИСТИНА


Неколку зборови за фотографијата како вистина, како реална претстава на она што е фотографирано: „Фотографијата е слика создадена од светлина коjашто паѓа на фотосензитивна површина, обично фотографски филм или електронски сензор за слика, како што е CCD или чип CMOS. Повеќето фотографии се создадени со помош на камера, којашто користи објектив за да ги фокусира видливите бранови должини на светлината од објектот на фотографирање и да ги репродуцира во нешто што човечкото око би го видело како фотографија. Процесот и практиката на создавање такви слики се нарекува фотографија.“ (Извор: Википедија)

Оваа дефиниција за фотографијата е точна, но во основа е механичка.

Разликите во перцепцијата на сликите (фотографиите) доаѓаат од когнитивните аспекти на перцепцијата – толкувањето на она што тие слики значат. На пример, луѓето од различни култури нема да се согласат за тоа што гледаат на фотографијата, што претставува таа, па дури и луѓе од иста култура ќе пронајдат различни значења во една иста фотографија (сл. 1).

Затоа, меѓудругото, Ричард Аведон вели дека „сите фотографии се точни, но ниту една од нив не е вистината.“


Сл. 1 (© Д. Неделчевски)


Работите не се така едноставни. Иако се вели дека една фотографија вреди колку илјада зборови, не е секогаш така. Честопати фотографијата треба да се дополни со текст, со податоци коишто ќе ја дообјаснат и ќе дадат дополнителни информации за местото, времето, контекстот и значењето на фотографијата.

Еве еден пример. На оваа фотографија (сл. 2), класичен „кабинет портрет“ на тројца нашинци, фотографирани пред стотина години, по завршување на некоја од тогашните војни, почувствувале потреба да ја дообјаснат фотографијата со важни податоци. На фотографијата од лево кон десно се: Симо, Илија и Лазо. Објаснувањата ги пишувал Лазо. На предната страна тој напишал: „Илија е веќе кај нас, ослободен.“ А, на позадината од оваа фотографија, Лазо напишал: „Ова за Вас, сите да нè видите. Јас заборавив да ја извадам левата и десната рака, немојте да мислите за раката, сè сум добар…“


(Непознат автор)


ФОРМАТ


Пред еден месец имав фото-сесија. Иако обично сум позади фотоапаратот и јас фотографирам, овојпат јас требаше да бидам фотографиран. На фотографите од „Скала магазин“ им беше потребен мој портрет за новата колумна. Беше тоа пријатно дружење со колегите од „Скала“. Во опуштена и другарска атмосфера направивме многу фотографии во градскиот парк во Скопје. Со нетрпение ги чекав фотографиите. Набрзо по сесијата ми се јави фотографот од „Скала“ и со жалење ми кажа дека нема ништо од фотографиите: „Мемориската картичка не дава знаци на живот. Ги загубивме сите фотографии“. Ова беше лоша вест, но не е крај на светот, си помислив. Скоро и да нема фотограф кому не се случило ова или нешто слично. За среќа, од претходната успешна сесија имавме еден куп добри фотографии и проблемот беше решен. Оваа случка ме потсети на нешто слично што ми се случи мене пред десет години. Бев ангажиран да направам фото-сесија со популарниот пеjач Влатко Лозаноски – Лозано. Ретко фотографирам по нарачка, но оваа понуда беше интересна. Влатко беше пријатно момче кое одлично соработуваше за време на снимањето. Не му беше лесно. Снимавме скоро цел ден, на четири различни локации. Одевме од место до место, а тој беше навистина професионален во секој поглед. Трпеливо ја менуваше гардеробата неколкупати и ги исполнуваше сите мои барања како фотограф. На крајот на денот, тој се врати во Скопје, а јас дома. Одвај чекав да ги видам фотографиите. Дали од возбуда или невнимание, јас по грешка ја избришав („форматирав“), мемориската картичка! Ги загубив сите фотографии што ги фотографирав цел ден! Бев шокиран. Бев бесен на мојата непромисленост. Како сега, од срам, да кажам дека нема фотографии, а цел ден го

потрошивме на фотографирање? По првиот шок, се созедов и му се јавив на еден мој колега, професионален фотограф, и го прашав дали има спас од оваа ситуација. „И има и нема!“ беше неговиот одговор. Вели, може да се проба да се повратат фотографиите со специјална програма, но без гаранција дека тоа ќе успее. Немав друг избор, го направив тоа што требаше и, за моја среќа, успеав да ги повратам сите фотографии! Влатко (сл. 3), беше задоволен од фотографиите, а јас среќен што не ми пропадна таа интересна фото-сесија. Од тогаш, трипати размислувам пред да го притиснам копчето – ФОРМАТ!


Сл. 3 (© Д. Неделчевски)


КНИГИ


Одамна живееме во дигитален свет. Со сите предности и маани. Така е и со фотографијата. Таа, со дигиталнава технологија, е достапна секому. Секојдневно се прават милиони фотографии. Се споделуваат на интернет. Се чуваат на хард дискови. Но, ретко кој печати фотографии на хартија. Тоа е скапо, одзема многу време, но тоа е единствен начин барем некои од фотографиите да се зачуваат подолго време. Хард дисковите се расипуваат, компакт дисковите веќе стануваат историја, а и тие што ги имаме за некое време не ќе можат да се „прочитаат“. Нивното времетраење изминува. Што се однесува до аналогната технологија, фотографирањето со филм е посигурна варијанта, но тоа е скапо, нееколошки и многу комплицирано во споредба со неподносливата леснотија на правење фотографии со паметен телефон. Тогаш како да ги зачуваме фотографиите, барем оние највредните и најдобрите? Едно од решенијата е печатење и издавање книги за фотографија. И онака, суштината на

фотографскиот медиум е можноста фотографиите да се репродуцираат во безброј исти примероци, а печатењето фотографии во книга е најблиску до оригиналните фотографии. Фотографот Ралф Гибсон (Ralph Gibson) сам ги дизајнира своите книги за фотографија сметајќи дека дури и распоредот на фотографиите во книгата е важен елемент за него како автор. Тој вели: „Фотографиите покажуваат како размислувам за реалноста, но книгите покажуваат како размислувам за моите фотографии“.

Во светот, фотографското издаваштво е многу развиено. Кај нас, погодувате, тоа е во самите зачетоци. Културата неслучајно е на последните страници од весниците или во последните минути од вестите на ТВ (ако воопшто кажат некој збор за неа). А фотографијата пак, од сите културни настани, најмалку се споменува. Да бевме општество (држава?) коешто се грижи за културата, досега ќе беше издадена монографија за основачот на современата македонска фотографија Благој Дрнков на некои петстотини страници. Таква книга досега не е издадена, колку што знам јас.

Но, сепак и во Македонија понекогаш се издаваат книги за фотографија. Колумнава не дозволува да се направи целосен преглед на досега издадените книги за фотографија кај нас, но јас сакам да издвојам пет книги за коишто сметам дека се вреден придонес во фотографското издаваштво кај нас. Напоменувам дека ова сепак е субјективен избор и не претендира дека е најдобар и конечен. Еве го мојот избор (сл. 4). Сите спомнати книги сметам дека се многу добри и вредни, а редоследот е сосема случаен.


Сл. 4 (© Д. Неделчевски)


„Во 3 наутро“ [2016] од Иван Блажев е преубава книга со фотографии од Скопје, снимени главно во ноќните часови. Со многу темни тонови, атмосферата на фотографиите е меланхолична и интензивна во исто време. Како што вели Владимир Мартиновски: „Со една беспрекорна ликовност и истенчен сенс за контраст, Иван Блажев успеал да ја „кадроса“ осаменоста (своја и наша) во урбаниот простор користејќи ги сликите на градот, коишто можеби ни се пред носот, ама не сме ги забележале…“

“EXIT” [2018] од Боро Рудиќ е празник за очите и умот. Со пастелните, пригушени фотографии коишто се печатени на рачно изработена хартија, тој всушност си ги поставува суштинските, философски прашања за постоењето, за битисувањето, за влезот во територијата (во хабитатот), за излезот од него и повторувањето на циклусот. Како што вели Јасна Котеска: „Напуштањето (на територијата, н.з.) е само влез во нова територија. Затоа на неговата фотографија има многу знаци, емисии на сигнали, пруги, патеки, чекори, улици, влезови, огради, сето тоа се сигнали наменети за трагачите.“

„Манаки – приказна во слики“ [2017] од Роберт Јанкулоски е капитално дело. Книга за фотографската дејност (за разлика од филмската којашто е повеќе истражувана) на браќата Манаки – Јанаки и Милтон. Со студиозно проучување, истражување по архивите (државни и приватни), со грижа за зачувување на нивните фотографии во колективната меморија, со многу љубов и знаење, авторот ни нуди еден подолг текст и избор од околу 130 фотографии фотографирани од Јанаки и Милтон Манаки во период од преку 60 години од 1898 до 1961 година, одлично отпечатени во книга со голем формат. Ова е книга што треба да ја има во секој дом во Македонија.

„Исчекори – Македонската фотографија 1990-2005“ [2015] од Небојша Вилиќ. Оваа книга се разликува од сите останати во овој краток преглед. Таа е самостојно издание на авторот и е дистрибуирана во PDF-формат на интернет. Јас си ја отпечатив во „хард копи“ за мене, затоа што заслужува да биде како таква во мојата фотографска библиотека. Таа е една од ретките (ако не и единствена) книга од областа на фотографијата кај нас во којашто авторот си дал задача да го истражи медиумот на фотографијата, да го дефинира, да посочи кои битни нешта се случиле (се случуваат) со фотографијата како феномен. Тој истражува до какви промени (исчекорувања) дошло во втората половина на дваесеттиот век, во каква состојба е македонската фотографија и како фотографијата сè повеќе влегува во музеите преку делата на ликовните уметници… Прашања коишто се многу битни, а секако и размислувањата на Вилиќ на оваа тема. Многу корисно четиво.

„12 македонски фотограф(к)и“ [2019] Уредниците на ова издание Никола Гелевски и Драги Неделчевски со голем ентузијазам решија да пополнат една голема празнина во фотографското издаваштво во Македонија. Во издание на ТЕМПЛУМ, минатата година излезе од печат монографијата во којашто се претставени 12 македонски фотографи/фотографки, за кои уредниците сметаа дека тие со своите фотографски портфолија го заслужуваат тоа. На македонската јавност (и пошироко) ѝ беа претставени автори/авторки главно од помладата генерација, кои имаат различни интереси во фотографијата, но секој во својот домен има изградено солиден фотографски корпус. Со малку текст и многу фотографии, одличен печат и врвен дизајн, ова репрезентативно издание на македонската современа фотографија веќе стана репер според којшто идните автори и издавачи ќе уредуваат и издаваат фотографски книги од овој вид.


МИГ


По овој „тур д форс“, начнување на различни теми од светот на фотографијата, да се вратам на нешто многу блиско до сите нас, посветените фотографи. А тоа е, нели, ловење на мигот, како што убаво кажа Васил Боглев, моментите од животот коишто прелетуваат покрај нас. Замрзнување на времето. Уживање во чинот на фотографирањето. Посебно ова последново. Оваа фотографија (сл. 5) ја направив вчера и ова е нејзино прво објавување, специјално за Вас!


Сл. 5 (© Д. Неделчевски)




______
Претходен напис: БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [3] – Драги Неделчевски

Активен и плоден фотограф повеќе од 40 години. Автор е на неколку самостојни изложби, претставени дома и надвор. Дел е од основачите на фото група „Чкрап!“ и креативната заедница Creative Exchange. Автор е на неколку монографии, како и ко-автор на првата книга за македонски фотографи „12 македонски фотограф[к]и“. Неговото богато искуство го споделува со студентите по фотографија во Џолев и уметностите, но денес и во Скала!

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ