НА СКАЛИЧКИ СО ЕЛЕНА БАНЧОТОВСКА
Овој месец, на скалички се дружиме со автори кои беа дел од првата Скала изложба. Ќе разгледаме ретроспективно што сѐ има во нивната авторска архива.
На денешните скалички, седнавме со Елена Банчотовска. Ни раскажа за нејзините дела на првата Скала-изложба, за соголувањето, и нејзините проекти.
На прашањето да ми раскаже за себе, ми го одговори следново: „Елена е дизајнер по грешка т.е. несакајќи, а несуден званичен ликовен уметник. Завршив на Европски, отсек графички дизајн, велам по грешка, бидејќи сакајќи да се запишам на студии на ФЛУ по некој сплет на околности се најдов во кругот на првата генерација дизајнери официјално образовани во Македонија. Дипломирав далечна 2010 година и од тогаш до денес си ја барам „совршената“ работа, што впрочем не постои, па ете,се учам да уживам додека траат „убавите“ ангажмани и сѐ помалку да се стресувам за утре.“
За изложбата…
За изложбата дознав дал од Фејсбук дал од Инста, не знам, и си реков ај, што да не, одамна немам изложено, а полесно е во група кога не е „притисокот“ (читај: вниманието) насочен само кон тебе и некако сакав да сум дел, а уште повеќе да видам дали ќе се вклопам во денешново течение на визуелната уметност, исто така и можеби некако ми недостигаше некое случување од овој тип, не дека не сум активна во оваа работа, но друго е кога си меѓу креативци и си се бараш и си се наоѓаш во група.
За изложените дела…
Делата се прилично психолошки. Не е само еј кул идеја и крај. Пораката е прашалник кон системот, кон себе-сознанието, кон конформизмот, просторот, психата, духот и општо разумот. Не за џабе е едната слика (со нов наслов) „Сферичен Систем“, додека другата „Коскаст Конформизам“. Не би знаела од која гледна точка да ја соблечам денешнава индивидуа во однос општествени фактори, но едно нешто можам да сумирам, а тоа е дека општеството (сферата) и персоната (коцката) се две разлики и денес како што се, не се компатибилни. Нешто ќе падне во однос на другото или ќе мора да преземе друг облик бидејќи коцка и сфера не можат да поминат на крајот на краиштата низ ист отвор. Не знам колку ви имаше ова смисла.
За соголувањето (Дали како автор се соголуваш во текот на вашето творештво?)…
Да. Инаку што е поентата?! Ментално, емотивно, за какво било соголување да говориме. Што и да имам во глава, кога творам за себе бар. Што е поентата ако си ја криеш душата додека создаваш дал на платно, дал на хартија, дал дигитално, без разлика, како ти е мило. Тука сме барем среќни ние што работиме уметност од кој било тип. Тоа е местото каде си плачеме, си лечиме фрустрации, се смееме, се возбудуваме или наведи своја психоза по желба. Без тоа, што е уметноста? Какво значење има освен што е убава или трендовска? Ако нема нешто да „крикне“, утре ќе се заборави како ланските „ин“ – пантолони.
За последниот проект...
Последниот проект, кој впрочем ми е и тековен е соработката со Dokeshi. Тоа е германска компанија за органски производи од кафе и какао. Моментов сум нивен официјален уметник/дизајнер. Соработката е одлична, работата е исполнувачка, се работи половина рачно пола доработка дигитално и сума сумарум на моменти ми се чини нереално колку е уживање. Кикот е да се има органски-уметнички дух на целиот репрезентативен материјал, а крајно да е комплетно чисто и прецизно доработено и прилагодено што за веб што за принт, но тоа секако да не се приметува. Бонус: клиентите се фантастични луѓе. Се работи за цртежи на различни теми во кроки стил, кои подоцна се обработуваат во 6 одбрани pantoni, pozitiv, negative и png формат. Потоа имавме делумно освежување на брендот и во тек се промо материјалите за чоколадите. Што е следно – не сум сигурна, но ме спремаат за уште промо – материјали за на веб.
За минатото...
Има безброј минати мили и не толку мили случки од минатото искуство за кои едно би сумирала, а тоа е дека сѐ е тоа лекција и за ништо не би требало „живи да се јадеме“ подолго од час до два. Дизајнот е таква професија каде ќе увидиш палета од луѓе и што побрзо научиш дека не е до тебе и да не ги сфаќаш лично постапките на луѓето – тоа подобро. Уште поважна лекција е да си ја знаеш цената.
Еден од поважните проекти, којшто за жал заврши кога се случи ковид-ситуацијава беше моето ателје, каде освен што работев и продавав уметности, исто и држев часови по цртање и сликање. Тоа беше многу исполнувачка работа од една страна, а од друга многу чудно кога ќе се согледаш себе си како ти си тој кој пренесува дел од своето искуство и знаење и придонесува во туѓ развој. Да напоменам дека 90% од учениците ми беа деца до тинејџерски години, па ни беше многу забавно.
За иднината…
Искрено, работата од дома ме освежи. Прво ми се случи студиото, каде работев сама за себе, за после да завршам дома како фриленсер и некако ќе треба да се случи чудо за да би се вработила утре – ден во нечија фирма каде што ќе треба да бидам од 9 до 5 или не дај боже од 8 до 4. Планот е да се „отепам“ од работа, ама во удобноста на своето живеалиште и да не се стресувам да бидам под туш во 6 часот наутро секој ден.
_____
Фотографија [насловна]: Антонио Станков