• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО НИНА ЕЛЗЕСЕР


ЕДНАШ НЕДЕЛНО „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД АВТОР ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

„Нина Елзесер, 22 години, од Скопје. Чувам маче и сум во преговори за куче, исто така сум во преговори да го чувам детето во мене. Некои искуства насилно го заробуваат детето, па се трудам тоа секогаш да биде ослободено. Се радувам и сум благодарна за секое мое досегашно искуство. Затоа сме тука, нели? “ – Нина Елзесер
Нина е исклучителна млада и драга девојка, која е на прагот од своето дипломирање при ФДУ, отсек - драмски актер. За ФДУ вели дека е убаво место да видиш сѐ и сешто, но се надева дека на еден студент тоа “сѐ” никогаш нема да му биде доволно. На денешните скалички разговараме за нејзината дипломска претстава која е работена по текстот „Мурлин Мурло” на Николај Колјада. 


За претставата…


Уште кога првпат го прочитав текстот „Мурлин Мурло” си реков дека тоа нема никогаш да го играм. Драмата, а особено ликот на Олга Ивановна, во мене предизвика силно чувство на гадење и сожалување. Си помислив дека го сожалувам со ликот бидејќи сме далечни. Ликот го одбивав, сметав дека е драстично различен од тоа што сум јас. По некое време сфатив дека тој лик можеби го одбивав затоа што се плашев дека никогаш нема да можам да го разберам поради тоа што е дијаметрално различен од мене. Сѐ додека не дојдов до заклучок дека во ликот има нешто ситно што го пронаоѓам во себе, а не сакам да се соочам со тоа и да го прифатам како Нина. Тоа беше втората причина и можеби вистинската. Во пресрет ни излегуваа пречки и сум среќна што ги искористивме за доброто на претставата. 


За улогата…


Причините поради кои не сакав да го играм ликот се истите поради кои и одлучив да го играм. Работата на овој лик ми донесе од сѐ по нешто. Emotional rollercoaster, што би се рекло. Некогаш беше многу добро, некогаш многу лошо. Процесот е таков. Решив да нурнам во она што ми е непријатно и да чепкам таму каде што сум одбивала да чепкам. Со текот на време, премногу го засакав ликот. Верувам дека му обезбедив некаков живот, но ликот и гледачот се тие кои најдобро знаат 🙂 . Ова беше, според мене, оптимално време за себеспознавање и себеприфаќање на еден човек и актер. 


За инспирацијата…


Инспирацијата ја наоѓам во сѐ и сешто. Во небото, земјата, гранките на дрвјата, во ветрот, водата, во музиката, поезијата, во корпитеза отпадоци и валканите/нечистите алишта, во филмовите, книгите, во разговорите на случајни минувачи низ град, родителите, професорите, пријателите… Сѐ што постои има потенцијал за инспирација само треба да го видиме за да се случи креацијата. Голема инспирација ми се и моите колеги. Партнерите се најважни. Јас имав среќа да работам со колеги кои несебично даваат и го почитуваат сечиј труд. Сметам дека само во таква средина заедништвото може да роди добар краен продукт. 


Пред да излезам на сцена…


Јас сум голема тремаџика, па најчесто пред да излезам на сцена се смирувам со некои мои измислени техники со цел да го постигнам оптималното ниво на трема за да можам да излезам. На денот на претставата сакам да си ја одржувам спонтаноста во живот (ако тоа воопшто има смисла) бидејќи често и несвесно имам тенденција да планирам сѐ за тој ден, а тоа ретко ми помага. Некогаш мора да се опуштиш и да дозволиш и некоја случајност да те раздрма, можеби токму тоа ќе те разбуди ако си заспан во своите рамки.


Нина и почетоците со актерството…


Мојот прв контакт со актерството го имав на пет години кога одев во детското драмско студио. Тоа се многу бледи спомени за мене, но ете, многу години подоцна сфатив дека нешто останало од тој период. Одлуката за ФДУ беше импулсивна и горда сум за тоа. Тоа беше повик кој доаѓа еднаш и прави „тииит” само двапати. 

Во актерството она што најмногу го сакам е влегувањето во другиот свет, светот во кој буквално сѐ е возможно, каде сѐ она кое ќе го замислиш може барем за момент да биде вистина. Оној момент кога заедно со партнерите ќе ги напуштиме своите тела и стануваме некои други луѓе кои комуницираат на едно сосема друго ниво – тоа за мене е играта. 



За минатото…



Поголемиот дел од искуството го стекнав на факултет. Но, исто така голем удел во мојот развој имаат проектите коишто ги работев на страна, почнувајќи со улога во спот на Funk Shui ❤️, потоа ми се случи претставата „Иднината е приватна” со прекрасните „Пресврт” во едно неверојатно време, потоа ми се случи неверојатна „Орестија 1/4” во исто така неверојатно време со неверојатна екипа и исто неверојатната „Универзална во пламен” која ја работевме во неверојатни услови. Сето ова и плус стандардните статирања по реклами и филмови и работење по кафичи има огромен удел во мојот развој како човек и актер и сум благодарна за секое искуство и за секој човек кој си дозволил заедно да го уживаме процесот на работа. 


За иднината…



Планови имам, но ситни се, можам секаде да се замислам, но не секаде посакувам да се најдам, така што, оставам животот да се случува, а сѐ останато ќе си го препуштам на себе. Почнав со работа на нов проект. Интерактивна перформанс претстава која ќе се игра во еден рурален културен центар во близина на Скопје. 







Фотографии од архивата на Факултетот за драмски уметности од претставата  работена по текстот „Мурлин Мурло” на Николај Колјада.



___ __
Фотографија на насловна: Мартина Пенева
Асистент на фотографија : Антонио Станков

Студент на Архитектонскиот факултет каде ги завршува магистерските студии и алумни во Џолев и уметностите од Академијата за визуелни уметности. Меѓу другото денес е мултидисциплинарен креативец и Проектен менаџер во Институтот за дизајн и технологија - Скопје. Дел од првиот тим на Скала Магазин како главен и одговорен уредник во пишувачкот оддел, а денес дел од истиот како пишувач.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ