• Немате производи во кошничката.

СТРОГО СЕ ЗАБРАНУВА ПРЕМЕСТУВАЊЕ НА ИНВЕНТАРОТ


РАЗГОВОР СО: Ана Јакимска [Режисерка и сценаристка] // РАЗГОВАРА: Дејан Џолев.

За време на овој разговор се случи една мала револуција и одново се запознав со Ана Јакимска. 


ЗА ОДГОВОРНОСТА


ЏОЛЕВ: Замисли неуредна просторија, расфрлени хартии, списанија, книги. Чорапи на подот, од вчера и од завчера. Шолја недопиено кафе на масата, остатоци од храна и цигари. Алишта на креветот, алишта на столот… Спуштени ролетни, темно и загушливо. Замисли дека тоа е просторија во која треба да живееш неколку дена… Што ќе направиш најпрво кога ќе влезеш во просторијата?
ЈАКИМСКА: Дали е тоа мој хаос што сум го оставила пред да си одам или на некој друг?
ЏОЛЕВ: Второто.
ЈАКИМСКА: Ако е на некој друг, тогаш ќе исчистам и ќе соберам сѐ пред да се распакувам, нема да мешам хаоси. Ако прашуваш за редослед по кој би чистела, прво би отворила прозорци и би пуштила воздух и светлина во собата. Тоа ќе ми даде желба да го „светнам“ привремениот замок зашто на проветрена и светла просторија не ѝ прилега да биде неуредна.

Знаеш да искомбинираш црно и тегет? Спортско со свечено? Веднаш запиши се и продлабочи ја својата жед за креација на Академијата за моден дизајн.

ФИЛМСКА SВЕЗДА


Сакаш да победиш на филмскиот фестивал во Бургас и да ја освоиш големата награда „Златен бор“? – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности.



Сакаш да победиш на филмскиот фестивал во Бургас и да ја освоиш големата награда „Златен бор“? – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности.


14.06.2021 / Ана Јакимска / Јавно обраќање до Министерството за култура 
Ова е моменталната состојба во НУБ. На ѕидовите полни историја може да се види по некој А4 лист во, со диссонантна порака: „најстрого се забранува разместување на инвентарот“. Вработените се обидуваат да ги скријат кофите во кои се собира водата од дождот што прокиснува од таванот кога врне. Големата читална е целосно затворена со поставена каубојска пречка, масивна дрвена закачалка. Затворена е зашто нема основни услови за човек да седи во неа. Наместо тоа, неколку маси се преместени во ходникот, но без пристап до струја, така што, ако треба да пишувате нешто, може слободно на рака.
Влезот кон библиотеката со ништо не означува дека станува збор за институција која е во функција, паркот е обраснат и полн со ѓубре, кантите за отпадоци се искршени, бекатонот се распаднати, плочките на пристапните скали се распаѓаат.  Металните букви што го испишуваат името на НУБ на влезот, висат весело и не оддаваат впечаток на институција што е во употреба. За време од пет часа кои ги поминав таму, во библиотеката прошетаа помалку од десет членови.
Само пред 10 години НУБ не изгледаше вака. Баш е убаво што и директорот и управниот одбор, па дури и самото Министерство за култура, сложно апелираат нешто да се направи за НУБ. 
Никој ништо не прави за да ја зачува, и ова е сè што треба да знаеме за тоа каков е односот на политичарите на власт кон културата. [линк до фотографии]
12.7.2021 / Продолжуваме...


ЏОЛЕВ: Која е нашата најголема одговорност како генерација во овој системски и општествен недомаќинлак?
ЈАКИМСКА: Недомаќинлак е добар збор, иако е (пре)нежен за тоа што ни се случува. Нашата држава по осамостојувањето од Југославија е изградена на темели кои се шупливи како фасадите на Скопје 2014. Сите политички структури што се смениле во изминативе 30 години успеале да нè разочараат и да го изневерат идеализмот што сме го имале како генерација. Политичката несигурност стана дел од нашиот идентитет и имам впечаток дека сите се однесуваме како да сме на раб на преживување, што нè прави себични и подложни на корупција. Затоа мислам дека, наместо да очекуваме некаква генерациска заедничка одговорност, треба да дејствуваме самостојно. Граѓанскиот индивидуален придонес за заедницата можеби изгледа како капка во морето, но секој напор е притисок врз системот и институциите да си ја завршат работата, што на долг рок единствено може да нè донесе до функционално општество. 


ЏОЛЕВ: Лично мислам дека  сме општествено неодговорни како генерација. Немаме интерес за дејствување промени. Нашата генерација емигрира надвор од нашите граници или е заробена во сопствената летаргија. Дали се сметаш за една од исклучоците и доколку е така, зошто?
ЈАКИМСКА: Голем дел од нашата генерација е изморен од напорите и надежите за подобро општество, особено по долгиот и тежок пад на власта во 2016 година. Денес незадоволството го искажуваме на други начини, но не мислам дека во Македонија нема останато луѓе кои сè уште ја водат добрата битка. Познавам луѓе што секојдневно се борат со неправдите и посветуваат време на подобрување на условите за живот за сите во нивното опкружување, на различни нивоа. Нивната посветеност ме воодушевува и инспирира. Лично за себе не можам да зборувам објективно, но знам дека никогаш нема да замижам пред неправда и некомпетентност.


ЏОЛЕВ: Дали неодговорноста е воспитување, навика, мрза, или нешто друго?
ЈАКИМСКА: Неодговорноста е себичност и недостаток од  чувство за припаѓање кон заедница од кој било вид. Ова можеме да го видиме преку примерот на НУБ и нејзиното раководство. НУБ е тема што ја следам активно во последниов период, откако ја видов состојбата во која се наоѓа објектот кој е архива на целата публикација на македонски јазик од крајот на Втората светска војна. Директорот на библиотеката кој, иако не успева да добие средства за одржување на овој значаен национален објект, не чувствува потреба да си поднесе оставка и го задржува тронот во замокот што се распаѓа. Во своја одбрана, вели дека незаинтересираноста ја дели со соодветното министерство. Тоа е апсолутно себично однесување без однос кон светот што останува по нас. 

ЏОЛЕВ: Уште еден пример за неспособно менаџирање. Веднаш треба да ја напушти функцијата! Апелирам! Воопшто не е моја/наша грижа што тој се „сочувствува“ со студентите, од нивната емпатија си страдаме. Кофа бојаНЕ на институциите! Кофа боја на менаџерите! Сакам да продолжиме со оваа дискусија, а не знам што да те прашам… Како ништо да не сме кажале, а истовремено е исцрпена темата. 
ЈАКИМСКА: Ја делиме оваа болка. Леснотијата со која партиски назначените функционери се изземаат од одговорност не е нешто што сега првпат го гледаме во нашето опкружување. НУБ е пример дека ваквиот однос на луѓето на власт не е одржлив на долг рок и дека, ова го пишувам со многу надеж, промените се неизбежни. 


30.7.2021 / Разрешен директорот на НУБ „Свети Климент Охридски“ поради незаконско работење 
Министерството за култура го разреши директорот на Национална и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“-Скопје, НУБ, Фремзим Даути, поради неправилости во работењето. 
„Директорот Фремзим Даути се разрешува од должноста Директор  поради работа која не е во согласност со закон и статут и во други случаи предвидени со закон, врз основа на член 33, став 2 од Законот за културата“, информира Министерството за култура.
Според министерката за култура, Ирена Стефоска, по повеќемесечни инспекциски надзори спроведени од страна на Министерството за култура во 2021 година, утврдени се низа сериозни неправилности во работата на директорот од аспект на Законот за културата и Законот за библиотеките.


ЏОЛЕВ: Се сеќавам на еден мој инцидент на студентски прашања, каде што не успев да се воздражм и го покачив  тонот. Една професорка на поминување ми кажа дека „не сум дома да се дерам“, а јас  се спротиставив дека сум дома! Покачениот тон беше поради тоа што дома беше загушливо и мрачно, расфрлени хартии и алишта наподот, остатоци од храна и кафе на масата… Од каде треба да почне проветрувањето на овој храм?
ЈАКИМСКА: Ова прашање треба да биде најголемата тема на разговор во нашето општество. Вака како што е поставен, нашиот образовен систем произведува функционално неписмени и политички пасивни граѓани. Пред сè, треба да го напуштиме култот кон авторитетот и да научиме да преземаме одговорност за нашите животи и нашата реалност. Не знам дали е рецидив од Југославија, но во сите полиња на животот голем дел од луѓето чекаат нешто да „им се каже“,  да добијат инструкции, т.е. да не преземат иницијатива и да немаат лична одговорност. Ова се негува уште во основно образование, кога доброто поведение се наградува дури и академски. Гласот на професорката што во ходникот така ти искоментирала, мора да стане ехо од минатото. Имаме право да бараме подобри услови за себе и да бидеме гласни додека го правиме тоа, зашто така создаваме подобри услови за сите.


ЗА СЛОБОДАТА



ЏОЛЕВ: Тема на магазинот за месец јуни, во чест на проф. Сидо е „слобода“. Тој често зборуваше за слободниот човек. Што подразбираш под „слободен човек”? 
ЈАКИМСКА: Може да го преформулирам прашањето во „слободна жена“? Така ќе дадам поавтентичен одговор зашто се надевам дека помалку ќе биде под влијание на големите наративи. Размислувам дали себеси се сметам за слободна жена. Од моето искуство досега, најголемата слобода сум ја доживеала кога сум можела да застанам во одбрана на тоа што сум сметала дека е праведно и добро без да се плашам за последиците што тој мој ангажман може да ги предизвика врз животите на моите најблиски. Зборувам и на лично ниво, во семејството, и политички, на ниво на целото општество. Тоталитарните системи на контрола се големо злосторство врз човештвото. За мене, политичката слобода е во суштината на слободата што ја чувствувам како граѓанка и не би тргувала со неа за ништо. 




ЏОЛЕВ: Очекував под „човекот“, да го разгледаш од лична перспектива на „жена“, но кога веќе сме тука, да останеме уште малку на „жената“… Последната деценија, генерално во филмската уметност и индустрија, постои тенденција (со намера) на жени режисерки и жени филмски работнички. Како ја толкуваш оваа глобална политика? 
ЈАКИМСКА: Феминините се карактеристични за нашиот јазик, така што, сакам да ги користам, особено наспроти воспоставената пракса професиите да се пишуваат во машки род и со тоа самиот професионализам да се поистоветува со мажите. Симптоматично е што феминините во професиите традиционално ги употребуваме кога зборуваме за услужни професии кои се најчесто помалку платени, како чистачка, келнерка, фризерка, секретарка… Јазикот што го користиме е толку влијателен, што ја обликува нашата реалност и нашата перцепција на нештата околу нас. Во однос на заложбите на националните фондови, фестивалите и другите центри на моќ во индустријата да поддржуваат филмски авторки, ја гледам потребата од оваа политика и верувам во промените што ќе ги донесе на долг рок. Не мислам дека ова е тренд, туку природна еволуција на нештата.  


ЏОЛЕВ: Ајде уште поутопистички – Што претставува за тебе „слободен режисер”?
ЈАКИМСКА: Во овој случај, и мојот одговор ќе биде поутопистички. Обично кога зборуваме за слободниот уметник разговорот нè води кон легендата за Фауст и Мефистофел и симболичкото „продавање“ на душата на уметникот во замена за успех и слава, стара приказна што ја гледаме и околу нас, со (не)скриената врска на уметниците со партиските функционери привремено на власт. 

За да не почне ова да личи на плачење пред гранапче, нема да зборувам во општи рамки, мојот одговор ќе биде личен. Кога почнав да се занимавам со уметност, прво преку книжевноста, а потоа преку филмот, имав големи амбиции за успех, сакав сè што правам да биде препознато и признато како добро. Ми требаа неколку години да се ослободам од овој тег. Се чувствувам слободна како режисерка затоа што веќе не сакам да направам филм за да добијам внимание од било кого, критика од фестивалски селектори… Не сакам да земам ништо од уметноста. Сега правам филм само кога чувствувам дека имам нешто да дадам. Така што, да заклучам, слободен режисер е тој што не прави филм за црвениот тепих, туку тој што има животно искуство кое го тера да направи филм.


ЏОЛЕВ: Овој месец се сеќаваме на проф. Стефан Сидовски – Сидо. Симболично обележуваме две години од неговото заминување од овој свет. Тој секогаш имаше две неизбежни прашања кога ќе запознаеше некој филмаџија: „Зошто си филмски режисер“ и „Какви филмови сакаш да снимаш?“ На ова второто штотуку одговори, но на ова првото ни должиш одговор. Зошто си филмска режисерка?
ЈАКИМСКА: Се сеќавам на сите предавања на проф. Сидо кога ни гостуваше на ФДУ. Со ситен, но читлив ракопис ја испишуваше цела табла со белешки. Таблата што инаку речиси  никогаш не ја користевме. Уште ја чувам тетратката со белешките од неговите предавања. Тоа е последната тетратка што сум ја испишала рачно. Но, да го затворам споменарот и да одговорам на прашањето.На катедрата за филмска режија на ФДУ се запишав на 24 години откако веќе имав завршено книжевност и пишував фикција. Ме привлече моќта на филмскиот јазик, неговата изразност и универзалност. Кога правам филм, се чувствувам како магионичарка којашто создава светови заедно со пријателите. Единственото нешто што ми недостасува кај филмот е неговото денешно непостоење во физичка форма, во споредба со еден објавен роман.   


ЗА ФИЛМСКАТА УМЕТНОСТ



ЏОЛЕВ: Пред десетина години, кога се запознавме на факултетот за драмски уметности, ми остави впечаток дека во твоите филмови ќе раскажуваш родови, феминистички теми, за по неколку години да се појави краткометражниот „Ќе дојдат децата“, филм кој неодамна е дел од антологиското ЦД издание на Кинотека на Северна Македонија за краток филм од 1957 до 2019 година. Јас бев изненаден за изборот на темата која ја обработуваш во филмот. Всушност, бев во шок затоа што веројатно се наруши мојата слика изградена за тебе и твоите филмови. Поминаа толку години и никогаш не собрав храброст, или пак едноставно немав можност да те прашам, зошто го снимаше овој филм?
ЈАКИМСКА: Изгледа твојата интуиција за мене била поточна од мојата свесност, затоа што од денешна перспектива, особено по „Синиот час“, тешко ми е да се замислам како работам филм со натприродни, митски елементи. Иако фантастиката и магичниот реализам отсекогаш ми биле привлечни во литературата, сепак не му припаѓаат на мојот израз и не се карактеристични за начинот на кој лично размислувам за светот, кој е многу пофактографски и директен. Но, во тој период живеевме во едно многу поразлично време, кога се форсираше нов национален идентитет кој требаше да се заснова на големи наративи и да ја претстави македонската историја како славна и создавана во континуитет со милениуми. Тоа културно насилство се закануваше да ја избрише блиската историја која ја споделувавме како генерација, во поширока смисла на зборот – историјата на македонското село како почеток на сè што сме денес. Ова е историјата која ја читаме во собраните дела на Марко Цепенков, во преданијата запишани од Танас Вражиновски, во романите на Петре М. Андреевски, но и историјата што сè уште живее на устите на нашите баби и дедовци кои се сеќаваат на војната, на гладот, на сомуните, на белите чаршафи во кои ги повивале нашите родители блиску до срцето кога оделе на нива… Затоа сакав да го направам „Ќе дојдат децата“, како револт против намерата да се избрише основата на нашиот идентитет. 


ЏОЛЕВ: Овој наш разговор ме запозна посуштински од духовен, но и од фактички аспект… Па јазека немаах појма от си тизека од источна Маќедониа : ) Т’ка кажи, да си се р’збереме на нашио дејалект. Гледах о твојо пуследен филм „Плавио час“ [Синиот час] и овај п’т не бех ного изненаден на те’амта шо ја думаш. Аресаме ного филмо, но повечко и целио контекст на твојто творештво. Oд дека провокацијата да снимаш един таков филм, и куга ќе правете премиера на филмо?
ЈАКИМСКА: Ного ме е ќеиф ш’o ув филмут са лафе на гивгилииски, гледум ти гу разбра и без превод. Двете актерки ув филмут ш’о ги имат реплик’те на гивгилииски не са уд Гивгилија, ама ного лесно ги научија зборавто и изговорут. Јас не сум го зборувала гевгелискиот говор активно петнаесетина години, така што, целиот процес и за мене беше непланирано патување кон неколку силно врежани слики од детството, како булките на Вардарски рид и „шпањолките“ што ги правевме од нив, возовите што одеа и доаѓаа од Евзони и сладоледот на точење во „Шар Планина“, пола бел, пола розов. Инаку, во Гевгелија има еден стар израз за времето откако ќе зајде сонцето, а пред да се стемни: „тенката мрак“. Во ова време најдобро е да не се прави ништо, според старите, зашто мракот те лаже и можеш да го згрешиш патот ако тргнеш некаде, да направиш лоша проценка и да се повредиш на било кој начин, или да повредиш некој друг. На едно ниво, тоа ѝ се случува на Петра во филмот. Ако зборувам уште малку за мотивацијата, ќе ја откријам приказната, така што, ќе го оставиме овој дел од разговорот за некоја наредна средба не многу далеку од оваа зашто премиерата ја подготвуваме за наесен.

ЏОЛЕВ: Прекрасен филм. На многу едноставен, умешен начин постагна силен емотивен набој кај мене како гледач. Разбуди многу спомени, направи да се покајам за многу работи и да размислам за следни постапки.





ЏОЛЕВ: Сметам дека припаѓаме во групата на млади филмаџии… Кога би пратиле порака на младите филмаџии, всушност, зборуваме за нашата генерација, па затоа можеби е подобро прашањето да го адресирам до студентите по филмска режија. Претпоставувам дека  очекуваш да те прашам што би им препорачала, но одговорот би бил подобар доколку прашањето е конструирано  вака: Што би ѝ препорачала на студентката по филмска режија Ана Јакимска? Ете, тоа нека биде поздрав до нашите идни колеги. 
ЈАКИМСКА: Кога би можела да се вратам неколку години наназад, би била помалку задоволна од тоа што го нуди формалниот образовен систем и би барала повеќе. Повеќе изгледани и анализирани филмови, повеќе книги за историјата, повеќе теорија, повеќе прашања „Зошто?“. Само затоа што работите се такви какви што се, не значи дека такви треба и да останат.


_______
Фотографија: Mартина Пенева

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ