• Немате производи во кошничката.
скала џолев и уметностите ентериер дизајн

НА СКАЛИЧКИ СО МАРТИНА ПЕНЕВА


Еднаш месечно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.

Овој месец се дружиме со пет студенти и нивните семестрални проекти од предметот „прототип дизајн студио“ при Академијата за ентериер и продукт дизајн, под менторство на Катерина Трпковска и Деспина Здравкова.


Денес седнавме на скалички со Мартина Пенева… Всушност ова е наша втора средба „на скалички“, првиот пат зборувавме за нејзиниот фото-есеј „Апорија“, а денес за нејзиниот последен дизајнерски продукт – ламба.


Додека го подготвува својот магистерски труд на Архитектонскиот факултет во Скопје, Мартина Пенева истовремено е стипендист на Академијата за ентериер и продукт-дизајн, при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“. Креативка на различни полиња, спојува уметности коишто ги дразнат нашите сетила. Ја познаваме од диско и од галерија. Мартина, нѐ „шета” низ фотографијата која и служи да ни ја претстави визуелно замислата во нејзината имагинација и музиката која мистично доведува до колективно танцување. Се разбира, таа не престанува да нѐ изненадува и сега ја гледаме во ново светло како продукт дизајнер.


За делото…


Инспирирана од скандинавскиот стил и јапонските споеви, направив дизајн којшто е минималистички, функционален, флексибилен и одржлив. Целта беше да создадам дизајн којшто ќе биде променлив и преку тоа да се изгради однос со материјалот од којшто е направен, односно дрвото коешто, исто така постојано се менува. Ламбата е изработена од ореово дрво, додека зелениот кабел ја симболизира природата и го надополнува дрвото. Додека пак, белата стаклена топка се става на врвот на светилката за дифузна светлина.


За процесот...


Благодарение на девојките од Ринока, научив како правилно да се однесувам кон дрвото како жива материја. Процесот на изработка на ламбата се одвиваше во нивната работилница во период од 2 месеци. Најпрвин, ги изработив техничките цртежи, а потоа направивме пресметка за тоа колку материјал ни е потребен и исцртавме надмер. Потоа, ги залепивме исечените парчиња дрво и ги подготвивме за CNC-машина со којашто ја добивме формата. Потоа, ги заобливме краевите со нож со лагер, под агол од 45 степени. По изработката на формата, следуваше процес на шмирглање и финална обработка со природно полумат масло. Најпосле, ги додадовме светилката, стаклената топка и кабелот. Ламбата е направена со особена грижа и внимание. На овој начин, сакам да создадам иднина каде што правиме квалитетни и долготрајни продукти со почит кон нашата планета.


За Академијата…


Академијата за ентериер и продукт-дизајн која сѐ уште е во тек, ми остави огромен впечаток и ги надмина моите очекувања. Иако помина само првиот семестар, научив многу нешта кои уште  веднаш ги применив во пракса. Особено се радувам што имав шанса да остварам близок контакт со дрвото како материјал и да гледам одблиску како се работи со него. Потоа, научив за многу други материјали коишто се употребуваат во ентериерите, како и во градежништвото, рачно и дигитално скицирање, 3Д-програми, изработка на прототип, како и историја на уметност и дизајн.


За иднината…


Во вториот семестар, на повидок е уште еден многу интересен проект под менторство на Никола Узуновски, по предметот Дизајн на ентериер. Се работи за проект во којшто ќе посветам поголемо внимание на одржливоста во дизајнот којшто е водечка тема и обележје на 21-виот век. За тоа не би откривала сѐ уште повеќе информации : )

Во меѓувреме, работам на магистерскиот труд којшто опфаќа отворена структура за духовни потреби на падините на планината Скопска Црна Гора, односно еден вид на храм којшто е универзален и отворен за сите луѓе, без разлика на нивната религиска, етничка и социјална припадност.






Скица



Финален рендер 1



Финален рендер 2




Конечен продукт [фотографии]










_____
Фотографија [насловна]: Антонио Станков


Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ