5.34k
Часот е 7 наутро, веќе е претопло, за викендот најавени пеколни температури, но и дожд.
Се молиш да не врне трите Д-денови. Се качувам во полниот автобус, добро е – има клима. Седнувам и го започнувам патувањето до Дојран, одам по петти пат на "Д Фестивал" . Како и секогаш, програма којашто е и повеќе од солидна, друштво обезбедено, сместување резервирано уште од април, по 2 или 2 и половина часа -стигнуваме. Секако – претопло, но и тоа е дел од магијата на овој фестивал. И ќе речам магија, бидејќи навистина е тоа, влегуваш во магичниот круг на фестивалот, тој круг те голта и чувствуваш како да си излезен од секојдневната рутина и стануваш свој, слободен.
Ден 1 – Враќање на фестивалската питорескност
Шарено, возбудливо, гужва, топло, но пирка ветер, мириса на Дојранското Езеро. Насекаде шарени знаменца, коцки од сено, шарени гуми, убави луѓе, ладно кафе, џин-тоник, пиво! Првиот ден го именувам како враќање на фестивалската питорескност, бидејќи навистина е враќање кон живописноста. По две години пауза од стандардниот формат, "Д Фестивал" се враќа во својот полн жар и состав како што си беше и пред тоа. Ги заменувам картите за алка, доаѓам до влезот на кампот и си викаш – „тоа е тоа!“. Си земаш ладно кафе и си седнуваш покрај езерото, малку одмораш и сфаќаш дека си на правото место, конечно уште едно издание на "Д Фестивал" , таков каков што си го сакаме.
Дневната програма почнува уште во 15 за 12 претпладне, со настапи на младите македонски бендови „Беседа“ и „Corrosion“ на Smooth stage, па потоа во црквата со „Перија“ и „Antonie“, па на големата сцена во кампот - Mosquito stage, со настапи на „Naked“, „Gipsy Groove“, „Tamikrest“ и нашите „Lufthansa“. Евидентно e присуството на млади македонски бендови во последно време на сцената, а уште поочигледни беа нивните настапи на Д Фестивал, на коишто несомнено годинава им дадоа простор – што е одлично и прекрасно!
Вечерната програма на главната сцена почна со „Зад аголот“, продолжи со прекрасен реге-настап на Џулијан Марли, па со преслаткиот настап на Дарко Рундек, сè до крајот на вечерта со настапите на „Kosheen“ и „Kruder & Dorfmaister“. „Македонците навистина сакаат реге-музика“ - прочитав некаде во изјавата на Џулијан Марли по неговиот настап на главната сцена. Навистина, беше настап којшто направи убава атмосфера, со многу „денсање“, со многу пеење, со прекрасните песни на Боб Марли, но и на самиот Џулијан. И на неколку наврати сум забележал дека навистина си уживаме во реге (сум го видел претходни години на "Д Фестивал" истото на настапите на „Conquering Lion“ и Manu Chao). Ноќта ја завршив пиејќи вино на плажа, така што што сѐ се случуваше оваа вечер на Lake Awake Stage-от, навистина не знам 😊.
Ден 2 – Светото Техно и срамот, чистата околина и виолетовата возљубеност
И овој ден започна со настапите на младите бендови на Smooth Stage, овојпат со настапите на „Zanadu“ и „Хајка“. Потоа, додека бев на ручек со друштвото, се случија неколку настани на Mosquito Stage (не би да пренесувам за настани на коишто не присуствував). Но, она што би го пренел, а се случи пред споменатиот ручек е една претстава. Чекајќи ред за кафе, зад мене слушам почеток на претстава. Ангела Стојановска со нејзината монодрама „Срам“. Земаме кафето и седнуваме на бин-бег. Толку спонтано ја гледам претставата којашто неколкупати ја испуштам во Скопје. Срам. Срам од сопственото тело, срам од прашања за моето тело, срам од јадење, од пиење, од љубовта и од љубовниците, срам од мноштво работи. На крајот од претставата само ни остана прашањето: „Што е срам, од што се срамам?“ (можеби за ова повеќе би пишувал во друга прилика, сепак сум до половина фестивал).
Што е срам? Техно во црква ли е? Би рекол не, иако од многу страни дојдоа такви ставови. (Не)иронично му ставив на вториот дел наслов во којшто се содржи фразата „Светото Техно“. Некаде попладне, во 18:30 часот почна техно-сетот на Украинката Xenia. Црквата Св. Илија, којашто инаку служи како културен центар во којшто се случуваат културни настани во текот на годината, честопати е местото каде што на "Д Фест" се случуваат претстави, концерти, перформанси… Таму сум ги слушал и Ману Чао и „Koala Voice“ и Влатко Стефановски, сум ја гледал и претстава на Артопиа, „Да го поздравиш и да ми го бациш“, а оваа година техно-сетот на Xenia. И беше – возвишено. Иако, не сум некој љубител на техно и не одам често на техно-журки, сепак местото и чувството на овој настан направи да почувствувам нешто поразлично. А тоа чувство дефинитивно не беше срам (и за ова би елаборирал повеќе во друга прилика, а сигурно ќе.)
Вечерта – концерти на „Чиста околина“, „Kultur Shock“, „Buc Kesidi“, Jura Stublic Anfisa Latyago. Ќе пишувам само за првиве и третиве. Со друштвото со кое бев, кога ги најавија и „Чиста Околина“ и „Buc Kesidi“, имавме мала доза на пресреќа, бидејќи и едните и другите нè врзуваат едни со други, како друштво. „Чиста Околина“, со концерт првпат по три години, со промоција на нови песни, со дополнување на составот со Лука од Фанк Шуи и Иво Николоски од Lufthansa и со Kристина од Bernays Propaganda како гостин за „Чиста пропаганда“ – прекрасно. Чекаме уште барем еден концерт- летово. А „Buc Kesidi“ едноставно возбудливи, љубовни, виолетови – затоа и виолетова возљубеност. Совршена вечер, со прекрасна атмосфера, со преубав помин. Продолживме на втора тура на техно, на Lake Awake Stage.
Ден 3 – Тангување, изненадување и зачудување
Три зборови за третиот ден – тангување, изненадување, зачудување. Пијан Славеј на Mosquito Stage, а пред него Дина Јашари. И тоа концерт на зајдисонце. Бранко од Фолтин со неговиот нов проект и новиот албум од истиот – Пијан Славеј со интимен концерт во кампот. Набрзо по соло-настапот на Филозофски филмски фестивал и по слушачката промоција на албумот во Макка Бар, конечно во целосна концертска форма ги слушнавме новите песни од Пијан Славеј, но и „Штета“, „Сонце“, омилената ми „Парфем“, како и „Пијан Славеј“ од Фолтин. Во публика еден куп луѓе гушнати, пееме, сонцето се спушта надолу, Пијан Славеј пее „Да тангувам милонга“ – во публика еден пар почнува да тангува, насмеани сме. Пијан Славеј нè гушна сите повторно. И повторно. И повторно. И повторно. Неговата музика во нашите раце, дефинитивно, не ни носи бол.
Се движам низ кампот третиов ден, забележувам повеќе луѓе, луѓе кои ги немаше претходните два дена. Си велам „во ред“. Одам повторно си земам кафе (фредо-капучино) и седнувам покрај езерото, секако не сам. Покрај нас Bravo Stage на којшто е најавено изненадување. И токму тука, доаѓа вториот епитет за третиов ден – изненадување. Спонтан настап на „Dubioza Kolektiv“. После одличната журка којашто ја направија лани на главната сцена на "Д Фестивал" , оваа година изненадно повторно со настап – феноменално. Впрочем, како и секогаш. Со нивните вечни пораки за мир на Балканот, со фантастичните иронично-метафорични текстови кон политиката и политичарите заедно со средниот прст до нив, Дубиоза ја направија атмосферата многупати подобра. Од нив ќе ми остане само „Политика је к***а, убила је борба“, фала ви! Повторно одам низ кампот кон апартманот во којшто сум сместен и гледам уште поголем метеж, уште повеќе луѓе кои ги немаше претходните два дена, ми доаѓа чудно, но си велам „во ред“
Зачудување. Вечерта на сцената Marky Ramone, „Hladno Pivo“, Konstrakta и Zhu. Она за што ќе пишувам е настапот на Констракта за којшто може да се пишува од два аспекти – 1. од аспект на нејзиниот настап и 2. од аспект на присутната публика. Ако коментирам за точката под број еден ќе речам само: уметничко и прекрасно, инспиративно и совршено. А, ако коментирам за точката под број два, со ризик да звучам снобовски, коментарот може да ми биде: Некој тука не е наш или Зошто Констракта не треба да стане “комерцијала“? Но, си велам „во ред“. Како некој кој студира философија, со особен интерес кон Естетика (иако сè уште изучено во помали дози, но со предодреденост кон специјализирање во таа насока) можам да кажам дека отсекогаш ми биле чудни и зачудувачки поставувањата на објективните ставови во однос на естетскиот вкус т.е. сметав дека едноставно е невозможно да се даде објективна оцена за некое уметничко дело. Но, со текот на учењето, но и со тек на собирање искуства, сфаќам дека не само што е возможно, туку е и потребно. И тоа ми се покажа на овој концерт. Имено, претходните два дена на Д Фестивал, си постоеше стандардната Д-публика (оние кои биле, знаат добро за што зборувам), но овој трет ден, на концертот на Констракта, тоа не беше случај. На прашањето „Зошто Констракта не треба да стане “комерцијала“?“, одговорот ми е баш ова – бидејќи Констракта и нејзината музика се уметност и нејзината музика не е само „Евровизија“ и публиката на нејзини настани не треба да доаѓа само поради таа една песна и поради таа слава, колку и да е профитабилно. Публика на уметнички настани мора да е културна. Но, ќе речам: „во ред“.
Како и да е, сè на сè, прекрасно, возбудено, зачудено, питорескно, заљубено. Си заврши уште едно издание на омилениот "Д Фестивал" , се гледаме догодина. На враќање, во автобусот немаше клима, а кога стигнавме дома немаше вода – просто прекрасно. Летово продолжуваме со уште купче фестивали и настани.
Пишува: Андреј Медиќ Лазаревски
Фотографира: Андријана Антова