• Немате производи во кошничката.
TOP

ТИШИНАТА



Кога Творецот сака да го замолчи зборот, му дава миг од вечноста: – гласот на тишината.


I.

Aктер – режисер


Режисерите знаат сѐ за сцената. Актерите одат чекор потаму – тие го ослушуваат пулсот на сцената, а во мигови, кога музите се милостиви, актерите ја ослушуваат и сценската тишина: си прават лаф-муабет со неа.
Верувам дека и режисерот би сакал троа лаф-муабет со сценската тишина, ама неговото гордо, “пергинтовско јас“ не му дозволува да се качи на СЦЕНА, таму кај што барабар со блискоста на актерот ќе го слуша пулсот на сцената, таму кај што просторот е исчистен од сите зборови… зборови… зборови, таму кај што тишината одзвонува низ празнината на сцената, таму кај што времето – за миг – го запира своето непрекинато движење прикажувајќи се како вечност, а потоа продолжува по својот вообичаен пат низ искушенијата на времето. Сѐ она што во меѓувреме се слуша  – до повторно појавување на гласот на тишината – е гласот на безброј “зборови… зборови… зборови…“
Ако, како актери, имаме среќа  – само за миг – да го ослушнеме гласот на сценската тишина, гласот што се јавува после многу зборови, тогаш сме ја почувствувале убавината на нашиот престој на сцена, сме ја откриле смислата на нашата професија, а “штиците што живот значат“ го добиваат своето вистинско значење. Времето за миг го запира своето непрекинато движење. Тишната почнува да зборува. Актерот молчи. Гледачот молчи. Театарот молчи. Животот молчи. Сѐ е во молк. Само гласот на тишината се слуша. Величествено!
Режисеру, бујрум на сцена, заеднички да го споделиме овој миг, оваа среќа… оваа убавина. Бујрум.


зборот
е главен на сцена сѐ додека
не проговори тишината,
тогаш словото се поклонува
пред овој божествен миг  
враќајќи се назад меѓу кориците
(неговото природно пребивалиште)
таму останува сѐ дододека
тишината не се повлече од сцената,
а потоа пак одново од почеток
до наредното поклонение пред
божественоста: гласот на тишината  
ете… тоа е ТЕАТАР


Законот на природата вели – по бурата доаѓа затишје
Законот на животот вели – по крикот доаѓа молк
Законот на театарот вели – по зборот доаѓа тишина


II.

Секој сам по сопствена патека


Актерот, низ своето театарско патешествие, исполнува многу задачи, но неговата крајна задача е да ја пронајде сопствената смисла, негова и ничија друга; да ја открие смислата на неговата физичка присутност на сцената на животот; да ја открие сопствената тишина, негова и ничија друга. На овој пат, кој е негов и само негов, не треба од никого да бара помош за водење, најмалку од  режисерот, кој, исто така, врви по сопствениот пат, негов и ничиј друг, без да бара помош за водење. Актерот МОРА да патува сам ако сака да стигне до крајната цел – до самиот себе, до тишината. Неговата средба и соработка со режисерот треба да се случува како размена на искуства. По соработката, секој продолжува по својот пат, до повторна средба. Во театарот не смее да има однапред  дадени духовни узди за водење, узди кои, по некоја фарсична традиција, секогаш се во рацете на режисерот. Во театарот, наместо духовни лидери, треба да има размена на духовни искуства. Тоа е единствената смисла на постоењето на сценскиот живот. Сѐ останато е шејтанска игра, предводена од “џепниот Мефисто“ – инсценаторот на сценскиот живот.



III.

Mоќта на гласот на тишината


Гласот на тишината е посилен од гласот на сите зборови, кога било напишани. Гласот на тишината содржи во себе неизмерна моќ, давајќи му на тој начин сила на гласот за да може да патува надалеку…  дур не стигне до крајот на краиштата, таму кај што гласот на зборот никогаш нема да стигне, бидејќи гласот на зборот е материјален, надворешен, неговата природа е груба, секој може да го чуе. Гласот на тишината е нематеријален, внатрешен, неговата природа е префинета, затоа не може секој да го чуе. И да сака не може да го чуе, бидејќи гласот на тишината не е за “општа, секојдневна употреба“.
Гласот на словото може да биде поразен единствено од гласот на тишината.


IV.

Неколку гласови од тишината


1. Сите ние, актерите, барем еднаш во животот, сме имале можност (среќа) да си направиме лаф-муабет со тишината на “штиците што живот значат“. Тоа се оние моменти кога, додека дејствувате, нешто од внатре ќе ви шепне дека – за миг – треба да престанете да зборувате, бидејќи молкот има “реплика“. И вие молчите: слушајќи ја репликата на молкот, слушајќи го гласот на сценската тишина, слушајќи го гласот на тишината на животот. Овој миг е краток, а вечен. И публиката, заедно со вас, ќе го почувствува овој миг, бидејќи целосно ви верува, ви верува затоа што вашето актерско/човечко срце е отворено пред неа со сета своја искреност, бидејќи вашата душа е ширум распослана на штиците што живот значат. Молчите вие. Молчи публиката. Гласот на тишината има реплика, само за миг, миг во кој е содржана цела една вечност.


2. Мејерхолд раскажува за група англиски аристократи, кои еднаш неделно јаделе пудинг, кој се приготвувал цела недела. Пудингот го јаделе во тишина, без лаф-муабет. Кога ќе го изедат, стануваат и си заминуваат, без муабет, во тишина. Еден ден, додека (во тишина) го чекале пудингот, влегол еден човек и ги известил дека нема пудинг, готвачот кој го приготвувал пудингот се разболел. Станале и си заминале, без коментар – во тишина. 


3. Кога бев млад, прочитав статија во еден неделник. Бев фасциниран од статијата, поточно, од содржината на приказната. Имено, извесен човек од Сараево имал свој ритуал – секоја недела се качувал на врвот на една од околните планини со кои е опкружено Сараево. Кога ќе стигне до врвот, ќе седне, ќе се одмори од долгото искачување, а потоа ќе ја одмота марамата во која има леб, сирење и домати… и почнува да јаде, гледајќи пред себе кон убавото Сараево. Јаде полека и со сласт уживајќи во секој залак, уживајќи во секој дел од Сараево, уживајќи во спокојот, слушајќи ја тишината, тишината на околината, тишината на сопственото битие… тишината на животот. Откако ќе заврши ритуалот, се враќа назад во жагорот на животот, таму кај што се слушаат – зборови, зборови, зборови…
Човекот од Сараево секоја недела правел лаф-муабет со тишината, со сопствената тишина, негова и ничија друга. 



V.

Едно необично искуство со тишината


Понекогаш (во ретки случаеви) се случува актеровата гордост “јас играм за аплаузот на гледачот“ да ви прозвучи празно. Што ми е муабетот? Своевремено, кога работев во Турски театар, Скопје, одигравме претстава без публика, ниту еден гледач. Претставата се викаше “Живко живее, не живее“. Инаку, колку за информација, оваа претстава е првиот мјузикл во Македонија. Одлична претстава, и според публиката и според критиката. Но… после само неколку изведби, немаше ниту еден гледач. Предрасудите (таложени со децении) беа посилни од одличната претстава, посилни од уметноста… посилни од самиот живот. Но тоа е друга тема, да се вратам на муабетот. Бидејќи бевме костимирани, нашминкани, одлучивме да ја одиграме претставата без публика. Претставата почна. На почетокот имавме едно мало “шубе“ поради празната сала, но набргу исчезна непријатното шубе, исчезна како сценска магија. Претставата ја одигравме со посебно вдахновение, како да играме пред преполна сала. На крај, кога заврши претставата, се поклонивме… и го добивме најгромогласниот аплауз  – ТИШИНАТА – исполнета со сета своја гласност, со сета своја благодарност кон актеровата предаденост. Тишината како да ни велеше – Јас сум неизмерно среќна што ме СЛУШАТЕ. И ние, актер(к)ите, бевме низмерно среќни што го слушаме нејзиниот глас, кој се појави за да ни заблагодари на нашата искрена и целосна предаденост… и да ни го даде најгромогласниот аплауз.  
Ете, тоа е моето искуство со гласот на тишината. Публика немаше, но како да имаше. Столчињата празни, но како полни. Аплауз немаше, но како да имаше. Кога Станиславски би бил жив, со восклик би рекол – Ете, токму на ова мислев кога говорев за “четврти ѕид“.

Знам, аплаузот на гледачот во себе има моќ. Но аплаузот на тишината има посебна моќ. Аплаузот на тишината не го слушате, а го слушате. Аплаузот на тишината е присутен во својата неприсутност. Аплаузот на тишината е “божествена“ привилегија. Верувајте ми. Спасителот вели – кога влегувате во куќата на пријателот, вашата радост е голема; кога влегувате во куќата на непријателот, вашата радост е божествена. Ете, таква е разликата меѓу моќта на аплаузот и моќта на тишината. Верувајте ми.

Ван Гог (додека беше жив) ниту еднаш не го слушна аплаузот на јавноста за неговите генијални дела, но постојано го слушаше оној другиот аплауз, најгромогласниот, оној
што доаѓа од тишината, оној кој во себе ја содржи “божествената честица“.  Ете, токму тој аплауз го слушаше генијот Винсент ван Гог за своите божествени дела.

Зборот постои оти постои тишината
Тишината постои оти постои зборот
Фауст I постои оти постои Фауст II
Фауст II постои оти постои  Фауст I
Хамлет постои оти постои Хорацио
Хорацио постои оти постои Хамлет
Хамлет го пишува животот
Хорацио ја пишува историјата
Хамлет го носи жигот на времето Хорацио го носи жигот на вечноста

Зборот патува низ историјата
Тишината патува вон историјата

Актерот треба да патува САМ за да стигне до самиот себе, до (гласноста на) тишината.
Таков е животот.
Таква е природата.
Такво е устројството.
Среќен пат актеру!


_____
Претходен напис: ОПТШЕСТВО – ПОЛИТИКА – ТЕАТАР – Суад Беговски-Сухи
Претходен напис: АКТЕР – ПАТЕШЕСТВЕНИК – Суад Беговски-Сухи
ФОТОГРАФИЈА: Антониот Станков

 

Актер, голем познавач и аналитичар на театарската и филмската уметност. Неговата кариера започнува уште како студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, кога патува низ најзначајните театарски случувања во Југославија. По дипломирањето неколку години работи во театарот на Roberto Culi „Theater a.d. Ruhr“ во Mulhajm. Денес сигурно ќе се сетите на неговото последно филмско остварување „Попот“ од „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ