SKALA MAGAZINE #XXXIII

1 – 30 ЈУЛИ
[целата агенда e подолу во написот]
Завчера (на 4 јули), во 12:00 ч., требаше да се објави 33-тата насловна страна на „Скала магазин“. Тоа не се случи… За причините зборувавме во редакција, а истите впечатоци и заклучоци од анализата делумно ќе ви ги пренесеме, преку два коментари на Дејан Џолев и Ана Голејшка Џикова.
КОМЕНТАР 1. ДЕЈАН ЏОЛЕВ / Главен и одговорен уредник Toa што следува не е критика до редакцискиот тим, туку самокритика до „Скала магазин“ и дилетанска анализа на општествениот колектив. Зад секој неуспех, единствено одговорноста е лично моја како главен и одговорен уредник. НАСЛОВНА СТРАНА „БЕЛО НА БЕЛО“ (1918) - КАЗИМИР МАЛЕВИЧ Казимир Малевич со неговото култно сликарско дело „Бело на бело“, или бел квадрат на бела основа, успеа да го акомулира својот идеал за чиста апстракција, преку долгогодишно истражување и трагање по сопствена ликовна линија (и философија), преку академски и авторски развој на техники и стилови, од реализам, преку импресионизам и кубизам, до конечниот пристап на минималистички геометриски форми - „минимализам“ или „суперматизам“ како што тој го изложи во своите теории (и манифест). „БЕЛО НА БЕЛО“ (2022) - СКАЛА МАГАЗИН 33-от број на „Скала магазин“ не е референца на „бело на бело“! 33-от број на „Скала магазин“ е рефлексија на колективната апатија и не претставува илустративна метафора, туку едноставно 33-от број на „Скала магазин“ нема насловна страна. Зошто? Како што најавивме во претходниот број, следните 12 месеци (секој прв понеделник од месецот, 12 насловни страни) нема да се појавуваат лица (портрети) на автори, туку ќе отвориме простор единствено за авторски дела (фотографии, илустрации, слики, колажи…), коишто ќе ја претставуваат темата на месецот. Овој месец (јули), насловната страна требаше ликовно да биде обликувана од страна на креативниот тим на Скала (7/8 фотографи и илустратори). Секој од нас, имаше можност да визуелизира мисла на темата „немир“ и најдоброто решение да биде истакната на насловната страна од 33-от број. Креативниот тим не успеа да понуди ниту едно решение. Затоа, овој број го најавуваме симболично преку шаблонот на коишто би требало да бидат аплицирани ликовните и текстуални елементи. Зошто се случи ова? Размислувам цел ден… Дали проблемот е во самиот предизвик? Ако е така, навистина жалам за состојбата на апатичност којашто сме ја достигнале како колектив. „Скала магазин“ (нескромно - но и за жал) е единствен алтернативен медиум од ваков тип, позитивно популаризиран помеѓу сцената и индустријата со изненадувачки добра посетеност и читаност. Затоа… Доколку за еден фотограф, сликар, илустратор, графичар… нема предизвик да креира насловна страна на „Скала магазин“, навистина сметам, популистички кажано, бугарското вето воопшто не е проблем, туку проблемот лежи единствено во нас, а тоа е недоволна заинтересираност, страст, одговорност, желба… за личен развој, за придонес кон општеството, заедницата. Затоа! Нека одекнува ова гласно и нека сведочи оваа празна насловна страна, за едно време-празно. Минимализам во пракса, не во суштина, какошто минимализмот се роди и умре во почетокот на минатиот век. КВАРТАЛНА ТЕМА: НЕМИР МОЈОТ НЕМИР Да престанеме да се лупаме во гради, туку да се чукнеме во глава! Ние не знаеме да поставуваме прашања во јавна дебата, а ништо не ни е јасно; Ние не знаеме да артикулираме аналитичка и критичка мисла, а имаме став за сѐ; Ние не знаеме за емпатија кон природата и околината, а ни сметаат новите скелетни конструкции; Ние не знаеме за грижа кон лицата на кои им е потребна физичка помош, но ја коментираме сообраќајната некултура; Ние знаеме сѐ! Но, ништо не практикуваме. Кога последен пат издвоивте неколку часа да волонтирате за било каква општествена активност? Да исчистите јавен простор, да засадите растение, да помогнете на лица со посебни потреби, да креирате било каква активност за деца, за возрасни или било какво друго општо добро? КОН СКАЛАЏИИ Некој нека засади дрво, друг нека направи топол оброк за бездомниците, но ние да продолжиме да го правиме тоа што најдобро знаеме! За нас!
КОМЕНТАР 2. АНА ГОЛЕЈШКА ЏИКОВА / Пишувачки уредник ЗА ПРАЗНАТА НАСЛОВНА СТРАНА: Јули е топол, долг месец и личи на истегнат змеј од хартија кој блуе пламен. Луѓето бараат сенка, бараат одмор и мир. Јули е како дебел мрзелив мачор. Така го замислувам. Мачор на насловна страна, оптегнат. Му е гајле бе, му се може. * Уметноста речиси никогаш не бара ништо - таа секогаш дава. Што даде денес ти? Ние Скалаџиите сакавме денес да има дело од автор кому ќе му припадне насловната страна. Дела: Немаме. Ете, така немаме. Мачорот: Заспал. Или се успал. Или бил на четири фестивали, седум родендени, пет мачешки симпозиуми и заборавил дека требало да направи некакво мачешко дело. Затоа, оставаме простор – бело! Ќе му дадеш некому лист хартија, ќе направи од него авионче или ќе запише рецепт, а може и ќе го стутка како клопче и ќе го џитне во некој ќош. Ќе ти дадам празен лист, ти давам шанса да застанеш во медиумскиот простор. Ти, не заборавај дека постои таква шанса, не е ни штос. Празен лист на којшто можеш да го истуриш својот немир. Не заборавај дека имаш каде да раскажеш повеќе! + КОМЕНТАР ОД ЏОЛЕВ ДО ГОЛЕЈШКА Прекрасно! Но, сметам дека треба да биде посурово! Ова нема да удри шамар каков што сакам да (си) удрам, да боли, да зацрвени. Веќе имам такво што боли, но и на ова ќе му дадеме простор.
Ваши, Дејан Џолев и Ана Голејшка Џикова Скала магазин, бр.33
1 – 30 ЈУЛИ
— —
ПОНЕДЕЛНИК • 04.07.2022
12:00 / Насловна страна / бр. 33
ВТОРНИК • 05.07.2022
12:00 / Настани / Неделен културен информатор / Култура и уметност
СРЕДА • 06.07.2022
12:00 / Менторски осврт / Есеј / Ана Голејшка Џикова / Сликарство
ЧЕТВРТОК • 07.07.2022
/
ПЕТОК • 08.07.2022
12:00 / Настани / Импресии / Д Фестивал / Музика
— —
ПОНЕДЕЛНИК • 11.07.2022
12:00 / Настани / Импресии / VI СКАЛА ИЗЛОЖБА! / Визуелни уметности
ВТОРНИК • 12.07.2022
12:00 / Настани / Неделен културен информатор / Култура и уметност
СРЕДА • 13.07.2022
12:00 / Настани/ Импресии/ Podcast: Парк шема // Импресии: Д ФЕСТ!
ЧЕТВРТОК • 14.07.2022
12:00 / Новата сцена / На скалички со / Мариго Исеини Локу / Перформанс
ПЕТОК • 15.07.2022
12:00 / Видео / Podcast: Парк шема / Дарко Поповски / Музика
— —
ПОНЕДЕЛНИК • 18.07.2022
12:00 / Настани / Импресии / Синедејс / Филм
ВТОРНИК • 19.07.2022
12:00 / Настани / Неделен културен информатор / Култура и уметност
СРЕДА • 20.07.2022
12:00 /12:00 / Менторски осврт / Есеј / Драги Неделчевски / Фотографија
ЧЕТВРТОК • 21.07.2022
12:00 / Новата сцена / Писмо од дијаспората / Ангела Петровска / Фотографија
ПЕТОК • 22.07.2022
12:00 / Менторски осврт / Разговор со / Ирина Тошева / Моден дизајн
— —
ПОНЕДЕЛНИК • 25.07.2022
/
ВТОРНИК • 26.07.2022
12:00 / Настани / Неделен културен информатор / Култура и уметност
СРЕДА • 27.07.2022
/
ЧЕТВРТОК • 28.07.2022
/
ПЕТОК • 29.07.2022
12:00 / Настани / Импресии / Beach Film Festival / Филм
— —
* Сите содржини [написи] ќе бидат објавени и линкувани во закажаниот термин.
* Во текот на месецот дополнително ќе бидат објавени написи кои не се најавени во рамки на насловните информации.
РЕДАКЦИЈА
ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК: Дејан Џолев
ЗАМЕНИК УРЕДНИК: Елена Божиновска
ПИШУВАЧКИ УРЕДНИК: Ана Голејшка Џикова
УРЕДНИК НА ФОТОГРАФИЈА: Антонио Станков
УРЕДНИК НА ДИЗАЈН: Андреј Павлов
ВЕБ ДЕВЕЛОПЕР: Георгиј Голабоски
ЛЕКТОР: Николче Јакимовски
МАРКЕТИНГ: Бранко Кордовски
ФИНАНСИИ: Оливера Матакова
ПРАВНИ РАБОТИ: Кристина Крагујевска
[цела редакција – прочитај тука]