SKALA MAGAZINE #XXXVI
1 – 28 ФЕВРУАРИ
[целата агенда e подолу во написот]
Пред почетокот на третиот циклус на дејствување на платформата за дизајн и визуелни уметности - „Скала магазин“, ред е да направиме кратка ретроспектива, но и да најавиме што нѐ очекува во периодот којшто следува. 2021 VS 2022 // Од виртуелниот, продревме во физичкиот свет! За подвлекување се две суштински промени од дејствувањето на „Скала магазин“, помеѓу првата и втората година. Првата година, фокусот беше на дигиталната платформа, додека втората година, излеговме од виртуелниот свет, продрeвме помеѓу реалниот или барем она коешто за нас претставува реален социјален свет. Покрај оваа транзиција, значајно е да ја истакнеме и промената во уредувачката политика. Првата година, „Скала магазин“ секој понеделник претставуваше „нов број“, со нова насловна страна, којашто ги најавуваше сите неделни рубрики, додека втората година, од „неделник“, станавме „месечник“ којшто обработува тема од интерес на нашето општествено суштествување. Тоа значи дека секој месец, уредувачкиот тим заклучуваше тема којашто подоцна, во текот на целиот месец ја разработуваме од различни аспекти во рамките на нашите рубрики и активности. СКАЛА-ИЗЛОЖБИ // Уметноста припаѓа во галерија, а не на инстаграм! Тоа беше главниот слоган којшто требаше да ги мотивира авторите да се сретнеме во јавен простор, како одговор на пост-ковид депресијата и повторно заедно да споделиме искуства, визуелни размисли, љубов и вино. Успеавме да организираме шест изложби за визуелни уметности, на коишто учествуваа повеќе од 100 автори, а ги посетија повеќе од 3000 создавачи и љубители на уметноста и дизајнот. Секоја изложба имаше своја тема којашто, како што веќе и кажав, произлегуваше од месечната тема на магазинот. Секој автор, авторка, имаа можност на отворен конкурс да пријават свое дело, а подоцна тричлено жири, на чело со претседател на комисијата, ги селектираа делата и дел од нив беа јавно изложени во галерија. [линк: изложба III] ПОТКАСТИ // Развој на видео-редакцијата. Во '22-ра, ја лансиравме и видео-секцијата, претставивме неколку видео-рубрики, меѓу кои: „Читанка“ со Ана Голејшка Џикова и „Дијалошки сесии“ со Аника Чорбеска. И нашите најпопуларни видео-„колачиња“, мојот поткаст „Будење“ и поткастот на паркашите Перо и Андреј „Парк шема“. [линк: видео редакција] ДОБРО УТРО КРЕАТИВЦИ // Саем за размена на креативни искуства и размисли. На најголемиот скалаџиски празник „Добро утро креативци“, којшто се организираше вторпат, а учество зедоа повеќе од 40 автор(к)и: дизајнери, уметници, занаетчии, музичари, културни работници и претставници од креативните индустрии. Саемот има за цел да ги претстави актуелните случувања во креативните индустрии, уметноста, дизајнот, културата и образованието. Програмата беше обемна и целодневна, со саемски, изложбен и продажен простор, музички перформанси, панел-дискусии и галериска ретроспективна изложба на којашто публиката можеше да ужива во слики, скулптури, графики и фотографии на значајни македонски автори од ликовната сцена. [линк: саем] [линк: изложба] ВТОР ПЕЧАТЕН БРОЈ // Излезе од печат вториот број на „Скала магазин“! Печатеното издание на Скала е во димензии 235 x 300мм, со вкупен број 136 страни. Трите типа висококвалитетна хартија му даваат особен шарм и уникатност: кундздрук од 300 грама, со uv лак, кунздруг од 150 грама, но и Бристол, волуменозна од 80 грама. Тоа се само тактилните атрибути. Доколку сте жедни за нови визуелни и интелектуални искуства, купете го веднаш! Не заборавајте дека со купување на магазин ја поддржувате нашата борба. [линк: купи скала] P.S. Еден магазин од печатница ние го купуваме околу 1.300 денари, а го продаваме за 600 ден. Додека целиот продукт (со останатите трошоци) за само еден примерок изнесува околу 3.800 ден., а ние го продаваме за 600 ден. P.P.S. Овој број беше поддржан од Министерството за култура на Р. С. Македонија. Со тоа што од ветените (потпишани по договор) 140.000 ден., ни исплатија 70.000 ден. што дополнително ја отежна продукцијата и нѐ однесоа во дополнителни загуби. Затоа, размислете двапати пред да кажете „скапо е“. Некултурата е поскапа!! - пишуваше на еден транспарент изминатиот месец во дворот на МКЦ. [линк: промоција] ТРКАЛЕЗНА МАСА // Отворена расправа на тема „Нова публика и нови медиуми“. Со оваа јавна расправа, отворивме едно ново поглавје со коешто „Скала магазин“, ја прошири својата цел на делување. Фокусот беше кон медиумите и новите форми на информирање, генерациските процеси, промени и трендови. На оваа прекрасна и продуктивна средба учествуваа најзначајните домашни културни медиуми, институции, работници и универзитетски професори. [линк: од настанот] МЕЃУНАРОДНИ РЕЛАЦИИ // Будимпешта, Лион, Брисел... Годината ја започнавме со гостување на неколкудневниот панел на тема „Генерација Z“ во Будимпешта, по покана на Француската независна организација Arty Farty за поддршка на независната културна сцена, медиуми и креативни организации. Додека истата година ја завршивме со тоа што „Скала магазин“ и официјално стана дел од оваа платформа, како 56-та членка во листата на медиуми и организации, со што се позиционира рамо до рамо со останатите медиуми од ваков тип ширум светот. 2022 VS 2023 // Самообсервација. Веста за згаснувањето на „Амок-радио“ ја прочитав едно утро додека сѐ уште се будев во кревет. Лично, не бев активен конзумент на содржините од оваа групација, но како креатор и дел од културната сцена, се радував за нивното дејствување. Тоа утро, таа вест длабоко ме трогна. Останав во кревет повеќе од вообичаено. Сочуствував со нивната одлука којашто сигурно не била едноставна и пријатна. Згаснувањето на било какво културно движење и иницијатива на нашата сцена е пораз за сите нас! Знаснувањето на „Амок“ е твој и мој пораз! Превирањата во „МКЦ“ е твој и мој пораз! Состојбите во културата и образованието е исто така, наш пораз. Сето ова ме донесе до позиција на размисли, а што доколку еден ден и ние треба да напишеме слично соопштение? Дали сето ова вреди? За кого креираме? Како и дали воопшто да продолжиме? И овие думи сѐ уште се активни во моите разговори со самиот себе, но понекогаш и надвор од себе (како во случајов) и искрено ми пречат овие меланхолични состојби. „Скала магазин“ пред сѐ, е резултат на ентузијазам и волонтерство. Двете најпрекрасни цивилизациски придобивки. Па затоа, овој трет циклус на „Скала магазин“ нека биде резултат на добрата волја на заедницата, на луѓето кои сакаат да придонесат, на сите кои се желни да споделат, да кажат, да создадат! Ние сме тука, дојдете, придружете ни се и заедно да понудиме повеќе и поквалитетна содржина на нашиот град и на нашата иднина. Токму затоа, оваа година не градиме стратегија, немаме политика на уредување, немаме бизнис-план, но сепак го имаме најважното! - ентузијазам, желба за придонес и служење во име на заедницата. Создавање и само создавање! МЕСЕЦ: Февруари Овој прв „Скала“ месец годинава, го посветуваме на нашата прва тркалезна маса и за првпат ќе објавиме фељтон во 15 продолженија на тема „Новата публика и новите медиуми“. Секој работен ден ќе објавуваме по едно излагање од учесниците на оваа јавна расправа. Токму затоа, лицето на оваа насловна страна е Ана Голејшка-Џикова - модераторката на расправата. Да започнеме! Веќе ми се брза, сето ова многу ми недостигаше мене лично, верувам дека и на целиот тим, а верувам дека и на вас драги сите од сегашноста и иднината.
Ваш, Дејан Џолев, главен бандит на цела Скала банда.
1 – 28 ФЕВРУАРИ
— —
СРЕДА • 01.02.2023
12:00 / Насловна страна / бр. 36
ЧЕТВРТОК • 02.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [1] // Тони Димков
ПЕТОК • 03.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [2] // Бранка Костиќ Марковиќ
— ––
ПОНЕДЕЛНИК • 06.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [3] // Русе Арсов
ВТОРНИК • 07.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [4] // Петрула Вељановска
СРЕДА • 08.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [5] // Слаѓана Вујошевиќ
ЧЕТВРТОК • 09.02.2023
12:00 / /
ПЕТОК • 10.02.2023
12:00 / Настани/ Импресии / Podcast: Парк шема // Импресии: Земјотрес
— —
ПОНЕДЕЛНИК • 13.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [6] // Александар Маџаровски
ВТОРНИК • 14.02.2023
12:00 / Настани / Импресии / Земјотрес
СРЕДА • 15.02.2023
12:00 / Повик / На скалички со / Дизајн и визуелни уметности
ЧЕТВРТОК • 16.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [7] Крсто Златков
ПЕТОК • 17.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [8] Бојан Шашевски
— —
ПОНЕДЕЛНИК • 20.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [9] Небојша Вилиќ
ВТОРНИК • 21.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [10] Сара Анастасовска
СРЕДА • 22.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [11] Славчо Темелковски
ЧЕТВРТОК • 23.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [12] Мартин Анастасовски
ПЕТОК • 24.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [13] Сребра Ѓорѓијевска
— —
ПОНЕДЕЛНИК • 27.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [14] Сунчица Уневска
ВТОРНИК • 28.02.2023
12:00 / ФЕЉТОН / Нова публика и нови медиуми [15] Дејан Џолев
— —
* Сите содржини [написи] ќе бидат објавени и линкувани во закажаниот термин.
* Во текот на месецот дополнително ќе бидат објавени написи кои не се најавени во рамки на насловните информации.
РЕДАКЦИЈА
ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК: Дејан Џолев
ЗАМЕНИК УРЕДНИК: Елена Божиновска
ПИШУВАЧКИ УРЕДНИК: Ана Голејшка Џикова
УРЕДНИК НА ФОТОГРАФИЈА: Антонио Станков
УРЕДНИК НА ДИЗАЈН: Андреј Павлов
ВЕБ ДЕВЕЛОПЕР: Георгиј Голабоски
ЛЕКТОР: Николче Јакимовски
МАРКЕТИНГ: Бранко Кордовски
ФИНАНСИИ: Оливера Матакова
ПРАВНИ РАБОТИ: Кристина Крагујевска
[цела редакција – прочитај тука]